1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во твитер офанзива против Исламската држава

Ф.Јан/СН17 март 2015

Многу муслимани не сакаат нивната, како што нагласуваат, мирољубива религија да биде озлогласена поради теророт на Исламска држава. Некои млади Британци веќе преземаат и конкретни мерки и тоа на омилениот терен на ИД.

Доволен е само еден клик на компјутерското глувче и снимки на терористи го преплавуваат екранот. Исламистите преку интернет повикуваат на света војна - но има и такви кои им се спротиставуваат. Екстремистите се обидуваат онлајн да врбуваат нови борци, меѓутоа муслиманите во Велика Британија создаваат фронт против фанатизмот.

Во Западен Лондон се среќаваме со Саба Худри и нејзината пријателка. Тие две се Англичанки со пакистанско потекло и, како што потенцираат, муслиманската вера е клучен дел од нивниот идентитет. Нивниот слоган е „Не во мое име“. Тоа се однесува на тероризамот на Исламска држава. Двете девојки под тоа мото водат кампања на твитер, уште од септември. За само една недела им се приклучија 50.000 корисници. Преку твитови и видео-снимки муслиманите се спротиставуваат на Исламска држава. „Мораме да се обединиме и да ја спречиме оваа група да им нанесува штета на Исламот и на муслиманите.“, глеси една од видео-пораките. Саба Худри дообјаснува: „Ние сме многу муслимани со различно потекло, но сите ги осудуваме постапките на Исламска држава, како терористичка организација. Велиме: 'Нашата религија почива на мир а Исламска држава не се залага за она, во што веруваме ' .“

Нивните противници знаат како да привлечат внимание. Преку социјалните мрежи на интернет, терористичката организација „Исламска држава“ регрутира подмладок за својата света војна. И тоа со успех.

Врбувани и девојчиња

Во бројни видеа британски муслимани на англиски јазик врбуваат за џихад. Наводно 500 борци на Исламската држава во Сирија и Ирак потекнуваат од Велика Британија. ИД привлекува и девојчиња, ги повикува да бидат шивачки и готвачки за борците. Наводно на повикот одговориле 60 Англичанки. Меѓу нив и Јусра Хусеин, 15 годишна девојка за која се верува дека отпатувала од Бристол и сега е во Сирија.

Тоа за Саба Худри е несфатливо. Таа има 19 години, студира ориенталистика и смета дека како муслиманка и се укажуваат подобри шанси во Велика Британија. Со акцијата „Не во мое име“ таа сака и да ги спречи овие девојки од муслиманска вероиспосвест да тргнат по погрешен пат.

„Ако сакаш нешто да промениш, обиди се тука во Велика Британија. Овде жените и малцинствата имаат свои права, има слобода на изразување и религиозни слободи. Ако отидеш во Сирија, немаш ништо од тоа.“, истакнува Саба.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Во Велика Британија живеат над 3 милиони муслимани. Една од најстарите муслимански заедници се наоѓа во престолнината на Велс, Кардиф. Од тука потекнуваат бројни борци на Исламска држава. Како на пример овие двајца млади луѓе во видео на Исламската држава. Затоа односот кон екстремизмот е дел од наставниот план во едно училиште во Кардиф . Со тоа треба да се изостри чувството за екстремистичките гледишта. Како на пример, тврдењето дека поради својата вера тинејџери во училиштето автоматски се непријатели на Велика Британија.

„Разговараме за врбувањето и радикализацијата. Така е полесно да разбереш како луѓето се обидуваат да влијаат врз тебе и како да го избегнеш тоа.“, вели еден од нив.

Интернетот и радикализацијата

Тие дискутираат за терористички организации како што се Ал-Каеда и Исламска држава, за насилниот екстремизам, кој во голем број случаи започнува ненасилно со фрустрација од општеството. Дури и младите муслимани од трета генерација често се чувствуваат изолирани.

„Тие веруваат дека никој не ги слуша, и сакаат гласно да ги кажат своите размислувања. Тоа е разбирливо. Но сепак е неприфатливо кога тоа го прават на овој погрешен начин.“, вели еден ученичка. Нејзиниот соученик се недоврзува: „Сега сум многу повнимателен за обидите да се влијае врз мене. Веројатно можам подобро да се справам со луѓе кои сакаат да ми пропишат дека треба да рзмислувам како нив со нивните насилнички гледишта.“

Интернетот игра голема улога при радикализацијата. Британците бараат одговор на тоа. А сепак, не се сите воодушевни од кампањата како што е „Не во мое име“. На твитер се множат иронични коментари. Муслиманите сега поради исламистите мораат да се правдаат практично за сѐ што некогаш го направиле муслимани, се потсмеваат многумина. И на политичката сцена има поединици кои предупредуваат оти не треба да се дозволи британските муслимани да се ставаат во иста кошница со Исламската држава.

Преку твитер против теророт

Во Горниот дом на британскиот парламент ја среќаваме пратеничката бароницата Мерал Хусеин-Ече. Таа е муслиманка и смета дека нејзината религија генерално е под сомневање. Кој јасно и гласно не се дистанцира од Исламската држава, веднаш важи за симпатизер на таа организација. Но, се прашува оваа политичарка, зошто морам да се извинам ако воопшто не сум виновна?

„Речиси се стекнува впечаток дека муслиманите тука мораат да се извинуваат за она што го прави Исламска држава. Обезглавувањето на западни новинари е секако ужасно, но тоа нема никаква врска со нас, тукашните муслимани.“, истакнува Хусеин-Ече.

Бароницата смета дека кампањата „Не во мое име“ сугерира одговорност на сите муслимани за тероризмот - и тоа неоправдано.

„Ја разбирам капањата и зошто тие велат не во мое име. Но Исламска држава секако не дејствува во мое име, само затоа што се муслимани. Има милијарди муслимани во светот.“, вели бароницата

Се разбира дека ектремистите не ги претставуваат сите муслимани. Но факт е и дека имаат успех кај младите Британци. Битката е за информативната надмоќ во интернет и за угледот на исламот. Муслиманката Саба и нејзината пријателка им се спротиставуваат на џихадистите. Не во мое име, велат тие. Нивната порака е едноставна, а методите успешни - преку твитер против теророт.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми