УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. T.н. прекинувачи (proprietary switches) треба да се кај телекомуникациските оператори, препорача Прибе
Реклама
Два дена откако техничкиот премиер Емил Димитриев најави дека се направени сите подготовки за почеток на националниот проект за консолидација на безбедносниот систем на Македонија, во УБК се покажаа сите слабости поради кои ваквите реформи може да бидат доведени во прашање. Акцискиот план за спроведување на реформата, за кој беше речено дека се темели на извештајот на Прибе, падна на првиот тест - при обидот за истрага од страна на СЈО во УБК.
„Без оглед дали и колку сакаат да лажираат 'реформи', веќе никој не ќе може да ја стопира истрагата на СЈО. Може да се прават разни обиди таа да се одолговлекува, но не ќе може да се спречи“, тврдат за Дојче веле извори од МВР упатени во истрагата што тимот на Јанева го спроведува во седиштето на тајната полиција.
Од СЈО на денешната прес-конференција потврдија дека „тешко оди соработката со УБК“.
„Преседан е кога државна институција одбива судска наредба и бара изговори“, рече обвинителката Ленче Ристовска, набројувајќи ги пречките со кои од вчера се соочуваат во реализацијата на двете судски наредби во Управата за безбедност и контраразузнавање. Со едната судска наредба се бараат податоци за лица кои биле опфатени со посебни истражни мерки (ПИМ) од 2008 до 31.12.2015 година, како и Книгата на евиденција за тие мерки.
„По едната судска наредба за одземање документација се постапува. Се врши попис на документи, а ќе се одземе и Книгата за евиденција“, рече обвинителката.
Станува збор за обемна документација, речиси децениска, со оглед дека се бараат податоци од 2008 година. Пописот се врши надвор од УБК, во друга зграда каде се архивирани овие податоци.
„Објаснувањето од УБК беше дека единствените две лица кои имаат пристап до системот за следење на телекомуникациите не се во државата. Од УБК презедоа обврска дека ќе направат напори тие лица во текот на денов да се вратат во земјава и да пристапиме кон прибавување податоци од системот“, рече Ристовска.
Изворите од МВР велат дека и да биле овде тие двајца службеници, повторно ќе било неопходно присуството на овластен претставник на операторот.
„Образложението за двајцата отсутни службеници од УБК е дел од начините за одолговлекување на истрагата“, велат тие.
Вчера директорот на Бирото за јавна безбедност изјави дека системот не е сопственост на МВР, односно на УБК, туку сопственост на операторот и само од него овластено лице може да пристапи и технички да ги одвои актуелните од завршените посебни истражни мерки. Во спротивно, според Чавков, постоеле огромни ризици за прекин во системот, но и за севкупната безбедност.
Ристовска денеска уште еднаш повтори дека СЈО не бара податоци за тековни посебни истражни мерки (ПИМ) ниту да направи упад во безбедносниот систем државата, како што во јавноста беше претставено од функционери во МВР.
„Ние работиме со класифицирани информации и задолжени сме да ги чуваме како тајна. Затоа ги отфрламе како неосновани сите тврдења дека со нашата работа би се поткопал безбедносниот систем. Ние сме таму за да обезбедиме податоци за истрагата кои се од клучна важност за работата на СЈО. И не сме отишле неподготвени како што не обвинуваат. Системите физички се наоѓаат во УБК. И УБК треба да ја спроведе судската наредба, да ни обезбеди физичко присуство, пасворди за влез во системот и постапување по судската одлука. Бидејќи тие тоа не го овозможија, ние тоа го побаравме од операторот. А МВР треба да објасни зошто нешто што не е нивна сопственост, се наоѓа во нивни простории“, рече Ристовска.
Подалеку од УБК
Прашањата што го постави обвинителката, уште минатата година беa нотирани во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, ангажирана од Европската Комисија. Во Извештајот се вели дека следењето на комуникациите е една од петте „најчувствителни области“ во кои се идентификувани „значајни недостатоци“. Една од главните препораки што ги дала експертската група гласи: „УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. T.н. тhe proprietary switches (сопственички прекинувачи) треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори. Операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи (полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или до безбедносните органи (Управата за безбедност и контраразузнавање, Агеницијата за разузнавање и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушкување. Под кои било околности УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“.
Но, УБК има токму такви можности, што го зголемува сомнежот од волунтаристичко постапување без судски налог, но и уништување на доказите од злупотребата на системите. Токму такво прашање денеска Ристовска доби од новинарите.
„Не можеме да ги конролираме влезовите и излезите на УБК. Уништувањето службена документација е кривично дело и од една државна институција не би требало да се очекува такво нешто“, одговори таа.
Но, според експертскиот тим на Прибе, дури и во такви околности ништо не може да се сокрие: „Онаму каде што е потребно, истражителите може да ја разгледаат можноста за меѓународна помош и експертиза, на пример во повратот на избришаните датотеки“.
Токму она што СЈО од вчера се обидува да го реализира, е содржано како препорака и во Извештајот на Прибе.
„Ефективната истрага може да побара одземање на датотеките и сите достапни архиви од УБК и телекомуникациските оператори и нивна споредба со издадените судски наредби“.
Како што веќе е познато, таа постапка не оди лесно, па дури ни рутинската смена на тимовите од СЈО во седиштето на УБК. Истражителите и обвинителите утрово биле непријатно изненадени кога стигнале во МВР да ги заменат колегите кои таму работеле во текот на ноќта. МВР вовело нови процедури за влез, по што тимот на СЈО извесен период бил оневозможен да влезе таму.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.