1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Холандија станува опасно за Евреите

6 мај 2011

Се‘ поголем број Евреи во Холандија се цел на антисемитски навреди и напади. Вакви инциденти се случуваат дури и на спортски натпревари. Ова е само едно камче од мозаикот на грдата слика на денешна Холандија.

Многу Евреи веќе не го носат традиционалното капче-кипа
Многу Евреи веќе не го носат традиционалното капче-кипаФотографија: dpa Zentralbild

По победата на фудбалкиот клуб АДО ден Хаг врз Ајакс од Амстердам, фудбалерот Лекс Имерс од Адо ден Хаг ги провоцираше навивачите со антисемитски песни. Наводно, клубот Ајакс од Амстердам има еврејска традиција. „Одиме во лов на Евреи”, „Хамас, Хамас, Евреите во гасна комора”, викаа хулиганите во клубот на навивачите. На видео снимката од мобилен телефон, којашто се наоѓа кај државниот обвинител, може да се види млад човек со куса руса коса, кој се смета за поттикнувач на лошата атмосфера. Се работи за Лекс Имерс, фудбалер од Адо ден Хаг. Денес, тој се чувствува малку непријатно поради целата работа и вели: „Порано бев многу близок со еден пријател и неговото еврејско семејство. Но, во фудбалскиот клуб и во Сојузот не го одобруваа моето пријателство. Поради тоа, сега морам да платам”, вели Лекс.

Пред да биде примен во прволигашкиот клуб, Лекс Имерс и‘ припаѓал на најжестоката навивачка сцена. Сега доби забрана да игра пет натпревари, а фудбалскиот клуб му изрече парична казна. Но, ниту ова не помогна за да ја увиди грешката: „Секако дека разбирам. Но, се надевам дека и луѓето ќе разберат дека не мислев така. Евреи, тоа е еден вид прекар на Ајакс. Но, следниот пат, два пати ќе размислам пред да кажам нешто.“

Зад идиличната слика за Холандија се крие друга, грда слика

Скандалот со хулиганите, во кој беше вмешан уште еден играч и тренерот, не е единствен, туку е само едно камче од мозаикот на грдата слика на денешната Холандија. Се‘ почесто холандските евреи на улица се жртви на провокации, навреди и насилство, вели Бенцион Еверс, син на еден рабин од Амстердам: „Евреин–рак, нечист Евреин, Евреите во гасна комора - комплетниот вокабулар со навредливи зборови ни‘ го дофрлуваат на поминување, на тивок начин или со викање. Но, има дури и физички закани, како туркање или пак, удари.”

Фудбалските спортски натпревари се можност за ширење антисемитизам

Стравот на Евреите од ваквото прогонување ја вознемири целата холандска јавност и предизвика јавна дебата. Дебатата, пак, ја поттикна поранешниот еврокомесар Фриц Болкештајн, кој во еден весник на „свесните евреи” им препорача да се иселат заедно со нивните семејства од Холандија и да одат во Израел или САД. „Треба да им биде јасно дека за нив нема иднина во Холандија”, изјави Болкештајн за весникот. Дали тој е во право, сакаше ли со провокација да го разбуди општеството или пак, сепак, отиде предалеку?“

Недостасува толеранција кон странците во земјата

Професорот Паул Сарс, декан на Факултетот за општествени науки при универзитетот Нијмеген е шокиран од ваквата изјава: „Сметам дека ова е невидено. Вистинска толеранција значи да се впуштиш во нешто што ќе ги допре сограѓаните. Ова што го кажа господинот Болкештајн ме изненади”, рече Сарс.

Евреите во Холандија помош добиваат од десниот популист Герт Вилдерс, кој преку социјалната мрежа Твитер објави дека не се евреите оние кои треба да емигрираат, туку Мароканците и сите муслимани, кои се виновни за омразата кон евреите.

Ајакс АмстердамФотографија: AP

Голем број Евреи со долги бради, шешири и фракови не се осмелуваат да се возат со трамвај во Амстердам или пак, да одат на пазар. Богослужбите и одредени собири на евреите се одржуваат под заштита, вели синот на рабинот Бецион Еверс: „Всушност, постојано сме преокупирани со криење на нашиот еврејски идентитет во јавноста. Многу мои пријатели не го носат повеќе традиционалното капче-кипа, туку носат обични спортски капчиња. Се обидуваме да бидеме непрепознатливи.”

Голем број странци се иселуваат од земјата

Но, за 22 годишниот Еверс, дискусијата е завршена. Тој по завршувањето на студиите уште оваа година заедно со жена му и детето ќе се врати во Израел. „Со оглед на околностите, моето заминување може да се нарече бегство. Долго и детално размислував, но сепак, иселувањето е еден вид бегство.”

Автор: Вим Доренбуш / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми