1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Хонгконг владеат хаос и паника

БГ
13 август 2019

Петти ден по ред, демонстрантите во Хонгконг ги окупираа салите на меѓународниот аеродром, предизвикувајќи откажување на стотици летови. Официјален Пекинг ги смета демонстрациите за тероризам.

Hongkong Proteste
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Thian

Во Хонгконг   владеат „паника и хаос“, призна управителката на градот Кери Лам, притоа отфрлајќи ги повиците да поднесе оставка и покрај повеќенеделните протести кои го парализираа градот.
Нередите во поранешната британска колонија траат веќе 10 недели откако незадоволните граѓани излегоа на улиците да протестираат против ерозијата на слободите и автономијата под кинеска управа.
Се понасилните демонстрации ја предизвикаа најсериозната криза во азискиот финансиски центар во последните децении, истовремено ставајќи го пред голем предизвик кинескиот лидер Ши Џинпинг.
Петти ден по ред, демонстрантите ги окупираа салите на меѓународниот аеродром, предизвикувајќи откажување на стотици летови. Официјален Пекинг ги смета демонстрациите за тероризам.

Управителката на Хонгконг, Кери ЛемФотографија: Reuters/T. Peter

„Погледнете го нашиот град, нашиот дом“, рече управителката Кери Лам на прес-конференција во владината зграда.
„Можеме ли да поднесеме да го турнеме во амбис и да го гледаме како се распаѓа на парчиња?“, праша таа со треперлив глас.
Додека зборуваше, на берзите индексот Ханг Сенг падна на најниско ниво во последните седум месеци. Од почетокот на протестите во јуни досега, индексот загуби 6 проценти од вредноста.
Протестите започнаа како отпор против, сега суспендираниот, закон со кој се дозволуваше екстрадиција во Кина на осомничените за кривични дела, но во меѓувреме прерасна во крик за демократија.
Демонстрантите велат дека се борат против ерозијата на договорот „една држава, два системи“ кој беше постигнат при преземањето на Хонгконг од Велика Британија во 1997 година. Тие бараат оставка од Лам, но таа одбива.

Судирите меѓу полицијата и демонстрантите со недели излегуваат од контролаФотографија: Getty Images/AFP/M. Vatsyayana

„Мојата одговорност ги надминува рамките на протестите. Јас ќе бидам одговорна за обнова на економијата на Хонг Конг, ќе ги слушам поплаките на граѓаните и ќе се обидам да му помогнам на Хонгконг да се развива“, рече таа.

Во понеделникот, Кина соопшти дека протестите достигнале критична точка, откако за време на викендот се случија бројни судири меѓу полицијата и демонстрантите. Висок кинески функционер оцени дека во Хонгконг се јавуваат „траги на тероризам“, коментирајќи ги случаите на насилни напади врз полицајци. Некои аналитичари сметаат дека Пекинг можеби на тој начин го отвора патот за да ги искористи анти-терористичките закони со цел да им стави крај на протестите.

Протестите кои започнаа во јуни во меѓувреме станаа понасилни и помасовниФотографија: Reuters/T. Peter

Последниот британски гувернер на Хонгконг, Крис Патен денеска оцени дека евентуална кинеска интервенција во кризата ќе биде „катастрофа“ и го повика кинескиот лидер Ши Џинпинг да ги обедини граѓаните.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера ја повика Кина да биде „многу внимателна“ во одговорот на демонстрациите и да ги исполните нивните „легитимни“ барања.

Лидерот на Републиканците во американскиот Сенат, Мич Меконел ја предупреди Кина дека насилното сопирање на протестите во Хонгконг ќе биде „целосно неприфатливо“, додека претставници на државната администрација ги повикаа сите страни да се откажат од насилство.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми