1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Во ЈО било снимано, транскрибирано и евидентирано

20 март 2019

Според истрагата, во зградата на ЈО биле снимани сите разговори, со податоци кој со кого разговарал, броеви на комуникација и комплетна содржина на разговорите, велат извори од Обвинителството. Прашањето е колку траело?

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Обвинителството не молчи, туку чека да заврши постапката на вештачење, која треба да даде одговори на многу прашања. Ова го тврдат за Дојче веле извори од Обвинителството, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поминаа четири месеци, а нема ни одговорност ни одговор, кој и за што две години прислушкувал во Јавното обвинителство.

„Четири месеци нема ништо од наводната истрага за што се прислушувани 70 јавни обвинители, ниту каде завршиле нивните разговори. Пазете, прислушувана е комуникација преку која биле повикувани сведоци, се разменувале податоци за предистраги, истраги и за конкретни судски предмети! Нема информации дали и кој имал пристап до податоците, дали ги изнесувал, бришел, за што служеле или биле користени, дали тоа го правел некој од внатре или од надвор. Дали има разговори за договорени сведочења, за договорени обвиненија, за договорени пресуди? Нема одговор“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Вештачењето ќе трае подолго

Одговор на истите прашања бара и Обвинителството. Од таму велат дека досега биле испитани повеќе од 20 сведоци, меѓу кои членовите на Комисијата за јавната набавка на телефонската централа, поранешни и сегашни вработени кои имале контакт со нејзиното функционирање, лица од фирмата кои ја монтирале и одржувале централата, и поранешниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски. Во рамките на истрагата биле обезбедени два хард диска од телефонската централа во зградата во која се сместени Републичкото, Вишото и Основното обвинителство - Скопје, како и два хард диска од централата во зградата каде е сместено Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Досегашната истрага покажала дека преку телефонската централа во зградата на Јавното обвинителство биле снимани сите разговори: целата внатрешната комуникација локал со локал, сите повици од надвор кон внатре, и сите повици од внатре кон надворешни телефонски броеви.   

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека истрагата за четири месеци не мрдналаФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Од одредени технички причини немаше можност да се провери дали се снимани и разговорите преку телефонската централа во зградата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Поради тоа е побарано вештачење на двата хард диска од таму, со цел да се утврди дали разговорите се снимани, дали имало пристап до разговорите, од кого и на кој начин. Заради одредени технички процедури, но и заради обемноста на материјалите, најавено ни е дека вештачењето ќе трае малку подолго“, велат извори од Обвинителството.

Симната и содржината на разговорите

На вештачење се и двата хард диска од главната зграда на ЈО. Иако е веќе утврдено дека таму сите разговори биле снимени, вештачењето треба да даде одговори дали тие разговори биле и преснимувани, изнесувани, или биле автоматски снимани без никој да ги користи. Односно, дали се работи само за неовластено снимање врз основа на техничката можност што ја имала централата, или со јасна намера за прислушување. Но, она што буди сомнеж е фактот дека постои и содржина на реализираните разговори.

„Ги има податоците кој со кого разговарал, броевите на комуникација, но и комплетната содржина на реализираните разговори. Преку вештачењето треба да се утврди дали тие содржини и комуникации се користени од некого и изнесувани, дали по извесен период се автоматски или рачно бришени, или нивното снимање било ставено во функција само поради небрежност, односно поради незнаење дека телефонската централа има вклучено и можност за снимање. Јасно е дека модерните централи имаат и опции за снимање, но оние субјекти што според природата на дејноста ги користат тие опции, користат и предупредување дека 'разговорот се снима'. Во случајов такво предупредување нема, ниту пак има основа и потреба да се снимаат разговори во обвинителства“, објаснуваат нашите соговорници.

Поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски бил повикан на разговор во ЈОФотографија: DW/P. Stojanovski

Вештачењето треба да даде и одговор колкав период траело снимањето на разговорите во двете згради.

Проверено - непроверно?

Централите со „вградени уши“ не се новост. Во карактеристиките што ги нудат понудувачите на ваква опрема, најчесто се нудат следните можности: вграден диск за складирање на податоци од снимените разговори и автоматско зачувување на снимените разговори на надворешен хард диск со одбирање на различни критериуми за снимање - само дојдовни повици, само појдовни повици или сите, снимање само на одредени линии, снимање само на одредени локали; можност за известување дека повикот се снима; пребарување на снимените повици според различни критериуми: датум и време, времетраење на разговор, број на локал, тип на повик (дојдовен, појдовен, интерен, транзит), но и текст (име на фајл и негова содржина), како и повикан број. Што од тоа ќе се употребува, одлучуваат раководните лица во институциите.

По објавувањето на случајот во Обвинителството на крајот од ноември минатата година, беше утврдено дека со централи со опции за снимање може да се „инфицирани“ повеќе инстутуции, односно дека спорните опции „некаде биле ставени во употреба, некаде не“. Тогаш беше најавена и темелна проверка, со цел да се утврди дали некој планирал заокружен систем на контрола на разговорите во сите институции, но до денес нема одговор дали е направена таква.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми