По разрешувањето на Јанева и згаснувањето на нејзините овластувања, вработените во СЈО поминаа два месеца во агонија и неизвесност. Разочарани се што досега не е најдено решение за нив
Реклама
Наизглед се` е во ред, но реално ништо не е во ред. Секој нов ден во згаснатото СЈО е приказна за себе. Навидум фреквенцијата е иста како во „старите денови", но ентузијазмот на лицата на вработените е заменет со грижи и неспокојство. Доаѓаат редовно на работа, ги извршуваат нивните обврски, но стравуваат дека тој процес наскоро може да запре ако во институцијата биде исклучена електричната енергија. Два месеци се без плата и здравствено осигурување, а за исто толкав период стојат неплатени и сметките за струја, вода, греење... На сметката имаат финансии, но нема овластен потписник кој ќе го одобри нивното користење.
„Не се во прашање само сметките за струја, вода, греење, одржување на хигиената... Не можеме да ги платиме и вештачењата кои се нарачани пред згаснувањето на СЈО, а во меѓувреме се изготвени и доставени до нашата институција. Не можеме да ги користиме возилата за службени потреби. Нема кој да одобри средства за гориво. Солидарно собираме средства единствено за чистење на просторите два пати неделно. Што друго да направиме кога доаѓаме со празни паричници на работа", велат вработените, кои се`уште имаат важечки договори за работа.
Преодно решение
Во моментов тие се буквално „заглавени“ во СЈО.
„Не можеме ни да заминеме одовде. Нема кој да не` одјави од СЈО. Бидејќи немаме здравствено осигурување, не можеме да земеме ни ден боледување. Не можеме да ги користиме дури ни деновите за одмор, бидејќи нема кој да ни ги одобри. Без никаква наша вина, излегува дека сите сме казнети", велат тие.
Овластување за сето ова, претходно имале заменичките на Јанева - обвинителките Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска, но по разрешувањето на Катица Јанева, тоа овластување престанало да важи. Од тој ден вработените се соочуваат исклучиво со проблеми. Разочарани се што и по два месеца не е најдено решение и велат дека размислуваат да тужат. Имаат информација дека Министерството за правда изготвило дополнување на законот за јавнообвинителски службеници, со кое надлежностите врз овие вработени би ги презел државниот јавен обвинител. Но, знаат и дека некои од партиите го блокирале таквото решение.
„Не веруваме дека не може да се најде решение. Веројатно ова не е прва институција што згаснала. Додека не се усогласи законско решение, зарем Владата не може со заклучок да задолжи лице кое времено ќе биде овластен потписник, за да излеземе од оваа агонија?" прашуваат нашите соговорници.
Оваа судбина ја делат стручните сорботници, истражителите, вработените во ИТ-секторот и во помошните служби - архивари, доставувачи, портири, хаус-мајстори...
Материјалите се безбедни
Но, она што е многу важно, е дека не е загрозена безбедноста на материјалите кои се чуваат во СЈО, тврдат вработените. Како што е веќе познато, безбедноста на предметите е обврска на јавните обвинители кои од СЈО беа распоредени во основните јавни обвинителства, а беа распределени и натаму да постапуваат по тие предмети. За контролата над целокупниот материјал кој е во посебен сеф, и за спроведувањето на безбедносните мерки, се задолжени двајца јавни обвинители - Ристоска и Јосифовска. Дополнително, со цел да се заштитат материјали од предмети кои тековно стојат во компјутерите на стручните соработници, вработените од ИТ секторот направиле дополнителна заштита: за да нема ни опасност, ни шпекулации дека нешто нерегуларно се користи, изнесува или брише од компјутерите, го оневозможиле пристапот до нив. Тоа не важи за обвинителите кои и натаму ги застапуваат тие предмети.
Сепак, останува прашањето - што ако биде исклучена струјата, а со тоа и видео надзорот врз институцијата? Од таму велат дека нема таква опасност бидејќи институцијата има физичко обезбедување.
Од Јавното обвинителство и вчера повторија дека иднината на истражниот центар, вработените, опремата и се што е поврзано со функционирањето на СЈО треба да се реши со нови одредби кои треба да се донесат од надлежен орган, бидејќи Јавното обвинителство нема надлежност да решава за тие прашања.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.