1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќањето на Сталиновиот монструм

Виктор Ерофеев
30 септември 2016

Русија, тоа е голема специјална операција, смета писателот Виктор Ерофеев

Oberhausen Spy Museum Top Secret Spionage Ausstellung
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M.Meissner

Како одминува, рускиот живот сѐ повеќе фасцинира. Еве, сѐ појави соопштение дека во најкусо време ќе бидат реформирани службите за безбедност. Наместо Федералната служба за безбедност- слабокрвен вегетарјанец во споредба со советските времиња- ќе никне нова (за која сепак би се рекло дека е толку стара што веќе ја заборавивме) државната креација од повоените сталинистички времиња- Министерството за државна безбедност, МГБ. Ако се суди според аналогијата со поранешното министерство, тоа значи дека воденичкиот камен ќе врти до крај.

МГБ од ерата на Сталин се прослави со борбата против космополитизмот која се деформираше во безмилосна, до апсурд, борба против Запад и моќна антисемитска кампања. Оваа кампања покрај сталинизмот фабрикуваше „Докторска завера“, приказна за еврејските „убијци во бели матили“, увертира на масовното протерување на советските Евреи во Сибир. Тука беше и „Ленинградскиот случај“ кога раководителите во тој град се убиени како непријатели на народот. Во оној Ленинград, кој херојски ја издржа воената блокада! Од културните случување во времето на МГБ посебно се сеќавам на омразата кон Ахматова и Зошенко која го означи почетокот на теророт врз советската интелегенција.

Човек кој дури и површно ја познава историјата на сталинистичката ера, МГБ го потсетува на несреќниот акроним на државната институција која во суштината беше далеку полоша од озлогласениот КГБ. КГБ се создаде по Сталин и не се занимаваше со мачење на советските граѓани под плаштот на легалноста.

Кому му падна на ум да ги плаши луѓето дури и со името на новата институција МГБ? Дали е тоа навестување на доаѓањето на масовна репресија? Заканувачки стисната тупаница насочена кон надворешниот непријател? Дали можеби таа тупаница гневно ќе ја столчи корупцијата во службите на безбедност, корупција која зазема диви форми и размери? Или МГБ едноставно произлегува од дилетнатното отсуство на такт на една опасна низа од букви?

На тие прашања нема да добиете одговор. Затоа што го нема. 

Виктор ЕрофеефФотографија: imago/ITAR-TASS

Животот во Русија се’ повеќе личи на специјална операција со таинствена цел. Таква мистериозна појава не е забележана во руската историја. Царевите ја градеа земјата на темел на автократија, православие и нација- тоа се три јасно дефинирани столба. Комунистите воведоа мотив на светла иднина во која е секому според можностите и секому според потребите. Дури и под Сталин, кога комунизмот беше помешан со моќта на лидерот, беше јасно дека под превезот на светската револуција сакаме светска доминација. Тоа не ни успеја сосема до крај, но нешто и успеја, посебно на истокот на Европа. Горбачов и Елцин заговараа универзални вредности што требаше да биде веридба пред брак со Западот. И тоа пропадна, но барем се обидоа.  

Со појавувањето на Путин сојузот со Запад е исклучен од дневниот ред, но дури подоцна е разнишано и уверувањето дека можеме да станеме удобно потрошувачко општество. Со години се зборуваше дека во поглед на животниот стандард ќе ја достигнеме Португалија. А тогаш стана јасно: нема да ги стигнеме. Ние немаме кинески ум да го преплавиме светот со своите производи. Сништата за потрошувачко општество им го отстапија местото на тешки призори.

Се роди жал за Советскиот Сојуз. Тој жал продре и во изјавите на денешното руско раководство. Всушност, немавме ли уште тогаш, за време на сталинизмот, идеално поврзување на социјална правда и сиперсили? Ако се додаде на тоа примесата на православност и ете не’ на патот во стара слава!

Но, се’ уште не е општествено прифатливо да се зборува дека се движиме кон советските времиња. Се пушта магла. Па сепак, таа магла не е доволно густа- движењето е видливо. Поточно, се гледаат само контурите на движење. Поради тоа руските либерали се убедени дека власта го изведува тоа движење на рак, назад кон Советскиот Сојуз, само за да можат себе си да се задржат во Кремљ. А православната црква е убедена дека е крајно време да се разорат врските помеѓу рускиот народ и толку непознатите западни вредности и да се помогне во закрепнување на државата. Самата влада е убедена дека моделот на СССР е единствениот вистински модел за продуховеност на народите.

Русија пред враќање на КГБ

Но тука се меша и еден важен детаљ. Советскиот Сојуз беше утопија филозофски закотвена во марксизмот и имеријалните соништа од XIX век. Таа утопија се одржуваше главно со силата на оружјето и силата на стравот.

Се наметнува заклучок. Со пренесување на утопијата во XIX век, романтичните руски владетели ја претворија Русија во специјална операција за време на која, под романтичарска магла, се припојува Крим, сонуваме за Новорусија, а во политичката програма на Жириновски има точка за враќање на границите на СССР. Нашите соседи живеат во страв, но фактот дека се плашат единствено ги квалификува како наши непријатели.

Населението, отсечено од западниот пазар, се среќава со големи проблеми. Па сепак, народот и’ верува на државната телевизија и гласа токму како што треба за еден ден со некое чудо да се разбудат како народ суперсила со сите соодветни последици. Се разбира дека патот до суперсила е трнлив, дека тука се потребни моќни помагачи. И токму тука на сцена стапува МГБ. Колку новиот МГБ ќе и остане верен на традицијата на постариот сталинистички брат, тоа зависи од владетелите. Но и од состојбата во светот. Конечно, да немаше испакнатини и дупки на утопистичкиот пат на Кремљ, да немаше злобни украински соседи кои итаат кон Европа, денес сите Руси би биле во Советскиот сојуз а МГБ би бил нивна мајка заштитничка.

Виктор Ерофееф е роден во Москва во 1947 година. Автор е на книгите „Живот со идиот“ (1991), „Страшен суд“ (1994), „Руска убавица“ (1996), „Пет реки на животот“ (1998), „Енциклопедија на руската душа“ (1999), „Добриот Сталин“ (2004) итн.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми