Враќање на Шешељ и на Русија на Балканот
15 ноември 2014Војислав Шешељ, обвинет за воени злосторства во БиХ и во Хрватска, привремено е пуштен на слобода и по 12 години се врати во Белград. Шешељ посакува одмазда, и натаму зборува за создавање Голема Србија и е горд на своите недела, пишува „Тагесцајтунг“ од Берлин.
„Неговите симпатизери го обожуваат и го гледаат како голем маченик. Неговата Радикална партија долго беше најсилна партија во Србија, но не успеа да дојде на власт. А тогаш Александар Вучиќ и Томислав Николиќ пред 7 години извршија удар во партијата и од ултранационалисти кои со Шешељ на чело сакаа да ги повратат загубените територии во Хрватска, се преобратија во проевропски политичари. Тие сега со двотретинско мнозинство во парламентот, владеат во Србија и се партнери со Брисел и со Вашингтон.
Тие нелагодно го чекаа враќањето на својот политички татко, кој важи за исклучително интелигентна, одмаздољубива личност која тежнее кон инциденти. И додека едни мислат дека Шешељ сепак го прегазило времето, други сметаат оти тој може да биде многу непријатен за Николиќ и за Вучиќ. Радикалите на Шешељ на изминатите избори освоија само 2 насто од гласовите, но секој трет граѓанин на Србија е невработен и владее огромно незадоволство. Имунолошкиот систем на општеството е слаб, а Шешељ е како заразна болест. Хашкиот трибунал во секој случај се спаси од него и изгледа дека Шешељ навистина победи“, пренесува весникот „Тагесцајтунг“.
Блага или одмерена реакција на владата во Загреб?
Пуштањето на Шешељ на привремена слобода предизвика реакции и во Хрватска, која денес е членка на ЕУ. Министерот за правосудство Орсат Миљениќ најави дека напредокот на Србија кон ЕУ ќе биде условен од тоа колку таа ги поддржува процесите против оние кои сториле воени злосторства. На опозицијата оваа реакција и’ е премногу блага, пишува „Тиролер Цајтунг“:
„Србија мора да се придржува кон критериумите кои се важни и за нас, пренесува министерот Миљениќ. Медиумите во Хрватска веруваат оти овие изјави нема да бидат дочекани во Брисел со одобрување. Хрватска во декларацијата усвоена во парламентот се изјасни дека нема да ги блокира соседните држави на патот кон ЕУ, како што тоа своевремено во нејзиниот случај го стори Словенија. На опозициската ХДЗ овие изјави на хрватските претставници и‘ се премногу благи. ’Очекувавме официјален став на владата, а не изјави на одделни претставници. Хрватска е жртва на политиката на Шешељ и мора да го крене својот глас против одлуката на Хашкиот суд’, изјави поранешниот шеф на хрватската дипломатија Гордан Јандроковиќ. Враќањето на Шешељ на Балканот е обнова на симболот за големосрпска политика, закана за соседите и закана за промена на границите“, ги пренесува „Тиролер Цајтунг“ изјавите на Јандроковиќ.
Русија повторно се вмеша во политиката на Балканот
Откако Русија не го поддржа продолжувањето на мисијата ЕУФОР во БиХ, а нејзиниот претсатвник во ОН Виталиј Чуркин се спротивстави на „туркањето на државите во рацете на ЕУ“, за збор се јави рускиот претставник на Косово кој предложи негова поделба. За тоа весникот „Фолксблат“ пишува:
„Кусо потоа и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги предупреди балканските држави дека ’не би требало да поднесат барање да бидат членки на НАТО-сојузот’. Тоа е дел на геополитички потези кои навестуваат враќање на Русија на Балканот. Русија се обидува да го спречи НАТО да ’го затвори јужниот дел на својот прстен’, што би се случило ако сојузот во свое членство прими нови држави од Балканот. Рускиот предлог да се подели Косово и да дојде до размена на територии со Србија од страна на шефот на косовската дипломатија Хоџај е оценет како ’менталитет на минатото кој е штетен и неприфатлив’.
Рускиот план би можел да ја загрози безбедноста во целиот регион на Балканот и би можел да предизвика ’домино ефект’ кој би довел до нови поделби. Балканот со тоа би можел да се врати 20 години назад“, пишува „Фолксблат“.