1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врвниот спорт во Македонија е во опаѓање

Златко Калински4 февруари 2015

Олимписките игри како највозвишена спортска цел се се‘ помалку достапни за спортистите од РМ. Нормите за учество се засилуваат, станувајќи се‘ понедостижни за спортистите. Интервју со Васил Тупурковски на оваа тема.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Првата желба на македонската спортска јавност во 2015 година беше ракометната репрезентација на Македонија преку Светското првенство во Катар да излезе на колосекот кој води на Олимписките игри во Рио. Таа не се исполни. Васил Тупурковски смета дека ракометната репрезентација и натаму е најблиску до првото македонско учество во екипните спортови:

„Нашите желби во Катар не беа исполнети, но резултатот на македонската репрезентација е солиден. Ракометарите докажаа дека имаме квалитет. Шансите за влез во олимписките квалификации се‘ уште постојат, така што останува нашето залагање преку ракометот да го обезбедиме првото екипно учество на Игрите, што би било прекрасно, а и многу важно за нашиот спорт.“

Васил ТупурковскиФотографија: DW/Stojanovski

Катар беше слика веќе видена, слична на оние од 2012-та година, кога ниту кошаркарите ниту ракометарите не успеаја да обезбедат пат во Лондон. Што е тоа што недостасува да се направи тој последен исчекор за учество на еден олимписки турнир?

„Кога зависите од моментот, тогаш е многу тешко. Едноставно, ставени сте пред императивот да го искористите, а други алтернативи немате. Сметам дека е потребен долгорочен позитивен развој, создавање на силни селекции за да можете да се надевате на учество на Олимпијада во колективен спорт. Не се тоа само пропуштени прилики, туку тоа е пропуштање на едно генерациско време. И во кошарката и во ракометот беше потребно создавање на поголем број прилики од кои барем една би била искористена. Но, тоа за македонскиот спорт не е едноставно.“

Во Баку без финансиска поткрепа од државата?

Првите Европски олимписки игри во Баку се главната цел во 2015-та година. За МОК, Игрите во Баку се голема обврска, а за македонскиот спорт нова шанса, вели Тупурковски.

„Тоа се првите континентални Игри. Учеството во Баку отвора можности за исполнување на норми и за Олимпијадата во Рио во 2016-та. Мислам дека мораме да ја искористиме таа шанса. Во Лондон пред три години отидовме без учество на спортист со остварена норма. Овојпат мислам дека нема да биде така. Се подготвуваме интензивно. Еве, можам да откријам дека ќе дојде и до натурализирање на некои спортисти. Нашиот единствен олимписки медал од осамостојувањето на Македонија наваму освоен е од борачот Могамед Ибрагимов, кој беше натурализиран Македонец. Ќе сториме се‘ да имаме реално учество, па дури и да освоиме медал“.

Околу реалната бројка на спортисти што ќе ја претставуваат Македонија на Игрите во Баку, Тупурковски вели:

„Во изминатите две години добивме девет стипендии од ИОК за подготовка на талентирани спортисти. Поголемиот дел од нив се блиску до учество. Со нормите, кои се надеваме да ги оствариме пред се‘ во борењето, мислам дека ќе бидеме претставени со 8-9 спортисти.“

Темелни подготовки, логистика, опрема, трансфер и престој во Баку - сето тоа претпоставува сериозна финансиска конструкција. Ќе има ли МОК за проектот „Баку 2015“ финансиска поткрепа од државата?

„Да бидам искрен, не знам дали овој проект ќе има поддршка од државата. Врз основа на изминатите повеќе од дваесет години, до таква поддршка можеби нема да дојде. Тоа не разжалостува, но не ни ги одзема активноста и еланот. Ние ќе имаме доволно средства за овој број на спортисти. Од ИОК можеме да сметаме на финансиска помош за подготовки и на уште еден до двајца спортисти. Имаме капацитет да финансираме евентуално учество и на една селекција во колективните спортови. Како Македонски олимписки комитет сигурни сме дека ќе дадеме полн придонес во реализацијата на проектот.“

И во Македонија ќе созрее свеста за создавање стратегија која на системски начин ќе го разреши ова прашање и како мала нација своето учество на Олимпијадите ќе го направи континуирано и успешно, убеден е ТупурковскиФотографија: picture-alliance / ASA

Отсуство на системска стратегија

Догодина е Олимпијадата во Рио. МОК не може многу да влијае врз квалитетот во екипните спортови, а во индивидуалните се‘ помалку се препознава можност за врвен дострел. Гледа ли Тупурковски можност за надминување на ваквата состојба?

„За жал, мораме да бидеме реални - македонскиот врвен спорт е во опаѓање. Федерациите немаат ниту капацитет, ниту доволно услови да создадат врвни спортисти. Тоа зборува дека системските пропусти и губењето време, пропуштањето на цели циклуси во спортот без да се приближиме на таа потенцијална можност, остава сериозни последици. Не е едноставно да се каже „ќе создадеме врвен спортист“. Потребно е време, ни треба и стратегија која се‘ уште ја нема во Република Македонија. Ние како МОК понудивме свој предлог за стратегија, кој остана неприемчив, едноставно не беше препознаен од спортските инстанци во земјата. Во современиот спорт не се случуваат чуда, бидејќи вложувањата се огромни. На пример, Велика Британија за Игрите во Лондон потроши 458 милиони фунти и премиерот Камерон беше под огромен притисок за време на Олимпијадата да и‘ каже на јавноста дека ќе бидат вложени барем истите средства за Рио во 2016-та година. А, Велика Британија во Лондон имаше одличен резултатски успех. Ние сме далеку од тоа, поблиску сме до нивото за елементарно учество. Но, никогаш нема да се откажам од идејата дека и во Македонија ќе созрее свеста за создавање стратегија која на системски начин ќе го разреши ова прашање и како мала нација своето учество на Олимпијадите ќе го направи континуирано и успешно“, вели во интервјуто за Дојче веле претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми