1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е да се подготви чеканот

Ролф Билман / Превод: Е.М.Фиданоска15 октомври 2014

Дали „Исламска држава“ може да се свитка на колена само со напади од воздух? Американскиот претседател Барак Обама мора темелно да ја преиспита својата досегашна стратегија, оценува Ролф Билман.

Фотографија: Reuters

Знак на сила - повеќе од 20 нации испратија свои највисоки воени претставници во САД, на советувања околу заедничката стратегија во борбата против екстремистите на „Исламска држава“ (ИД). На средбата лично беше присутен и во дискусијата се вклучи дури и претседателот на САД. Во истовреме, истата коалиција изврши повеќе од 20 воздушни напади врз Кобане на сириско-турската граница.

Но тоа е и знак на слабост. Анти-ИД-коалицијата нема цврст план ниту неколку месеци откако светската јавност првпат дозна за успесите на ИД и несфатливите злосторства со кои тие успеси се проследени. Во текот тие месеци екстремистите напредуваат и покрај воздушните напади против нив и тоа не само во сириско-турското погранично подрачје, туку и во Ирак, кон аеродромот во Багдад, на пример.

Стратегијата на Обама не функционира

Повторно се покажува дека политичкиот стил на претседателот Обама брзо доаѓа до своите граници кога ситуацијата се менува брзо и кога се бара решително дејствување. Должината на борбата против ИД е дефинирана со временската мерка - години. Таа борба треба да биде трпелива, меѓународно усогласена, а не да биде избрзано преземање мерки и влегување во нова војна. Не смее да има тактика „Shock and Awe“ (посебен вид воена тактика, во превод „шок и стравопочит“, н.з.), САД не смеат да се борат претежно сами и пред и над се‘ - во таа борба не смеат да се ангажираат копнени сили.

Ролф Билман, автор на коментаротФотографија: BR/Theresa Högner

Но токму тоа, како што тврдат критичарите не функционира. Се‘ погласни се повиците за "the „boots on the ground“, за ангажирање копнени сили. Тоа што Обама по ова прашање се изјасни многу рано и избрзано, што неговата определба за неиспраќање војници беше дефинитивна, може да се покаже како одлучувачка грешка. Зашто оној кој почнува борба, мора да биде подготвен таа борба да ја води ако е потребно со сите средства. Така се покажува сила! Или од почеток треба да се каже: „Ова не е моја борба, ќе се држиме настрана. Видете како ќе се снајдете сами.“ И тоа е позиција на сила! Но нешто помеѓу, како воен ангажман ограничен само на воздушни напади против високо ефективни копнени сили, не е знак на сила, туку е знак на нерешителност и со тоа на - слабост.

Кој треба да се бори?

Во борбата против ИД во моментов не се ангажирани копнени сили кои би можеле да донесат пресврт. Нема трупи од добро опремените земји и борци кои се добро обучени. Но борбата против ИД мора да се води сега, а не по неколку недели или месеци. И американската влада можеби ќе мора побрзо да се премислува околу својата позиција отколку што тоа и‘ е драго. Ако аеродромот во Багдад навистина се најде во опасност, Вашингтон ќе мора да дејствува, зашто во спротивно би биле загрозени снабдувањето и обезбедувањето на илјадници Американци во огромниот американски амбасадорски комплекс во Багдад. Тоа би била сосема неприфатлива ситуација. Ако ИД продолжи да напредува на аеродромот, тогаш ќе бидат ангажирани копнени сили на САД против трупите на ИД и тоа во првите редови на фронтот. Во тоа се единствени сите експерти, зашто ништо друго не доаѓа предвид.

Барак Обама пред кадетите на академијата за офицери Вест Поинт во однос на американската армија рече дека САД го имаат најдобриот чекан. Тоа сега не смее да доведе до тоа секој проблем да се претвори во шајка. Можеби неговите советници сега ќе мора да му кажат дека полека е дојдено време да се извади чеканот од кутијата со алати и да се подготви за употреба. Претседателот можеби ќе има потреба од него побрзо отколку што му е драго.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми