1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за јасни зборови

3 ноември 2011

На Германија и Турција не им требаат почесни говори за добрите односи, туку јасни патокази за нивното продлабочување, како и јасна перспектива за турското членство во ЕУ, смета авторот на следниот коментар.

Themenbild Kommentar deutsch
Фотографија: DW

Свеченоста во Берлин по повод 50-годишниот јубилеј од почетокот на организираното доселување на Турците како гастербајтери во Германија, покрај сите взаемни пофалби за големото пријателство меѓу двете земји, не можеше да ги прикрие задкулисните разлики. Време е канцеларката Ангела Меркел и премиерот Реџеп Таип Ердоган да се изјаснат по повеќе точки од взаемен интерес - и тоа пред меѓусебните односи да претрпат непоправливи штети. Зашто, Германија и Европа не можат да се откажат од Турција како доверлив економски и безбедносен партнер на југо-источната периферија. А ни Турција не може да ја задржи на подолг рок моменталната економска сила и зголемената гео-политичка важност без поддршката од Германија и од Европа.

Авторот на коментарот Баха Гингер

Германија до сега нема јасна линија што се однесува до турската желба за полноправно членство во ЕУ. Често спомнуваното „ привилегирано партнерство“ стана истрошен поим, кој никому не му појаснува што точно треба да подразбира. Германија треба да каже јасно дали е „за“ или „против“ членство на Турција во ЕУ и да го образложи тоа. Освен тоа мора да се посочи и прецизен термин за конечната одлука по ова важно прашање. Зашто, нејасните и растегливи поими само им отвораат простор за дејствување на антитурските и антиисламските сили во Германија, како и на антидемократските и антиевропските под турската полумесечина.

А Турција, пак, од своја страна мора да каже јасно дали навистина сака да влезе во ЕУ или пак веќе се откажала од членството, па само кокетира со него за да извлече поголеми материјални предности во преговорите со Европејците. Не е прифатливо премиерот Ердоган, во манир на војсководец од стар ков, да им се заканува на Израел и на Кипар како членка на ЕУ, а во исто време да се колне во сојузот на цивилизациите како алтернатива за фронталниот конфликт на културите, од кој многумина стравуваат.

Време за јасни зборови е дојдено и на проблематичното поле на интеграцијата на Турците во Германија. Од една страна, во Германија мора да престане ставањето во ист кош на сите граѓани со турско потекло, без оглед на актуелното државјанство, без оглед на тоа каде се родени и во каква средина се израснати. Има далеку поголем број Турци кои се добро интегрирани во германското општество, отколку такви кои не се. Наспроти тој факт во јавноста многу повеќе се истакнуваат проблематичните случаи и тоа со пристап, кој остава простор за заклучоци дека станува збор за општа појава. Интеграцијата се смета за успешна, кога за неа не мора да се зборува и кога се случува сама од себе. Но, германските установи се уште далеку од тоа да не гледаат на имињата на поднесените молби за вработување, туку само на квалификациите. Поради таквата состојба сосема е разбирлива широко распространетата желба на академски образованите Турци во Германија да се вратат на Босфор.

Турција, пак, од своја страна мора да разбере дека германскиот јазик е навистина подлога за добар соживот на малцинствата со мнозинското население во Германија. Вистина е дека е докажано оти децата кои добро го познаваат мајчиниот јазик подобро го учат и германскиот. Но, барањето за создавање турски училишта во Германија ќе донесе само нови тензии. Во Германија би требало за доселениците германскиот јазик да биде исто така обврзувачки, како што е турскиот за сите малцинства до Турција.

Од поранешниот канцелар на Германија и политички ментор на канцеларката Ангела Меркел, Хелмут Кол, потекнува заклучокот дека ширум светот нема подобар пример за традиционално добри, блиски и пријателски врски меѓу два народа кои се толку географски оддалечени, како што е тоа меѓу Германија и Турција. За тоа така и да продолжи, обете страни мораат добро да знаат каде се „црвените линии“ на другата страна. Во односите меѓу двете земји впрочем никогаш не недостасувале пригодни говори. Сега меѓутоа е време за јасни и обврзувачки патокази за иднината!

Автор: Баха Гингер / Горан Чутаноски

Редактор:

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми