1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е на верскиот туризам да му се пристапи сериозно

Милчо Јованоски18 април 2014

МПЦ и туристичките агенции се‘ уште се на различен колосек кога е во прашање верскиот туризам. Нема правила на игра и цврст меѓусебен договор. За финансискиот ефект да е далеку поголем од досегашниот не е потребно многу.

Фотографија: DW/M. Jovanonski

За верскиот туризам во Македонија се зборува попатно. Нема стратегија и тој не е стимулиран. Земјата изобилува со светилишта, историја и легенди, некој треба тоа само да го спакува и умешно да го продаде на пребирливиот туристички пазар. „На овие простори бил Свети Апостол Павле, тука живееле и твореле Свети Еразмо и Светите Климент и Наум. Секој што поминал , оставил трага. Тоа многу зборува за Македнија во рамките на христијанството и воопшто низ историјата“, вели туристичкиот водич Татјана Момировска – Лилиќ од Охрид. Во Македонија нема специјализиран туроператор, ниту туристички агенции што развиваат верски туризам, вели таа. Слично размислува и нејзиниот колега Љупчо Кумбароски, исто така од Охрид. „Верски туризам постои, но потенцијалот е искористен малку. Не е неопходно да се инволвира црквата. Гостите се сместуваат по хотели. Недостига специјална туристичка понуда со верски обичаи, посета на македонски семејства и слично. На туристите, освен верското, треба да им се објасни и уметничкото значење на црковните храмови“, додава тој.

Љупчо Кумбароски (л.)со група уредници од ДВФотографија: DW/M. Jovanonski

Црквата зборува за поклонички, а не за верски туризам

Бобан Митевски, шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ – ОА г. г. Стефан, за ДВ кусо рече : „Како црква не зборуваме за верски, туку за поклонички туризам. Досега сме немале конкретни организирани разговори со туристичките агенции. Традиционално напролет и во лето имаме голем наплив на поклоници, најчесто од Грција и Бугарија. Доколку оваа појава се развива, стриктно ќе мора да се знае дека при турите ќе треба да се почитуваат правилата на светите места што ќе се посетуваат.“

Свештениците ми ги отвориле вратите дури и за Велигден, посочува Татјана: „Но во активен манастир не смееме да влеземе како торнадо. Тоа е посебна средина и монасите си имаат свој живот. Црквата треба да излезе со годишен календар, каде и под кои услови може да се посети одредено светилиште.“

Св. Јован БигорскиФотографија: Vera Todorovska

Отец Нектариј, архимандрит на манастирот „Свети Наум“, е за контролирана комерцијализација на светилиштето, кое пред се' ќе остане за верниците: „Како монах сум за туризмот што се нарекува поклоничко. Тоа се луѓе – поклоници кои доаѓаат на богослужба и во посета на манастирот и моштите на Свети Наум, кој пред 1100 години го поминал остатокот од својот живот токму тука. До пред 20 години голем дел од сакралните објекти и‘ беа одземени на црквата. Тогаш служеле само како културно-историски споменици. На странците црквите им се интересни со архитектурата, живописот и иконографијата.“

Светилиштата закрепнуваат и со помош на верниците и туристите се обновуваат

Возобновата и отворањето на манастирите Водоча, Вељуса, Зрзе, Св. Јоаким Осоговски, Св. Јован Бигорски и други за групите туристи се позитивен сигнал. Се модернизира и комплексот Свети Наум. „Откако вративме дел од имотот во владеење го уредуваме, бидејќи наликуваше на панаѓур. Тоа го правиме со средства од туристите и верниците. Во киосци ќе работат педесетина семејства во дејности сврзани со туризмот.“

Св. НаумФотографија: DW/M. Jovanovski

Одамна конаците се отворени за гостите, во име на црквата ги работи друга фирма. Од пред 20 години постоел и проект од архитектот Тодор Паскали за изградба на нови конаци со капацитет од околу 200 легла. Требало да го градат Словенци, но се откажале. И ако некогаш се градат , поклониците секогаш ќе се во првиот круг, најблиску до манастирот, дециден е отец Нектариј. Искуствата од Хрватска или Босна, кои со децении го користат моментот со појавата на Бородица на одредени места, зборуваат дека од верскиот туризам може да се живее добро, смета Кумбароски: „Во Македонија таков потенцијал има Свети Наум. Од светецот, православни, католици и муслимани бараат спас и лек. Сум видел - рака на неговиот гроб ставале и јудејци, па дури и будисти.“

Не е сеедно кој ви раскажува за црквите и џамиите

„Воопшто не ми се допаѓаше кампањата ‘Те интересира историја, знаеш јазик, можеш да бидеш водич‘. Со чест на исклучоци со години меѓу туристичките водичи има огромен процент на нестручни лица“, смета Татјана и додава: „Туроператори од Русија и Украина беа заинтересирани за престој на големи групи туристи, како фела не можевме да одговориме на нивните барања. Не може на Руси да им зборувате на англиски.“

Сигналите Владата ги разбра и со предлозите од Стопанската комора за туризам ја измени студиската програма за туристичките водичи. Покрај теоретско, воведе и практично полагање. Во иднина водичите кои ќе се определат да презентираат верски објекти на пример, ќе треба да поминат и друг специјализиран курс, открива д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Според него, Македонија има можност за развој на верскиот туризам. Постоењето на објекти сврзани со исламот, синагогите ја надополнуваат понудата и фактот дека овде се полага на традицијата и на сите кои оставиле траги во просторот. „Ниските цени на авиобилетите и присуството на ТАВ во Македонија, ја направија земјава атрактивна за Турците. Тие комбинирано посетуваат христијански и муслимански верски објекти. Скопје изобилува со споменици сврзани со исламот, прошетките продолжуваат во Тетово, Охрид и Битола. Турците не пропуштаат да го посетат Кочаџик, родното место на семејството на Кемал Ататурк“, објаснува Кумбароски.

Колку Македонија заработува од верскиот туризам годишно не се знае. „Обично потрошувачката се пресметува по цената за ноќевање. Светскиот просек е 80 американски долари. Според националниот доход на РМ може да се оди и со 50 долари по ноќевање. Кога ќе се земат предвид бројот на посетителите, ноќевањата и должината на престој, лесно ќе може да се утврди колку Македонија инкасира од овој вид туризам“, заклучува д-р Мариноски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми