1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време за губење нема!

Фабијан Шмит 17 февруари 2009

Косово беше последната држава од поранешна Југославија што стекна независност. Веќе поради тој факт, Косово е и најзаостанато на полето на реформите. Затоа, не смее да губи време!

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Косово е навикнато да биде фенерџија во регионот. Кон средината на 90-тите години, кога останатите земји наследнички на поранешна Југославија веќе беа независни држави, во Косово имаше замрзнат конфликт - без изгледи за решавање. Кога, пак, изби војната на Косово на крајот на 90-тите, Босна и Херцеговина имаше зад себе четири години обнова, Хрватска се претвори во нов интересен пазар за Европејците, а Словенија дури водеше преговори за членство во ЕУ.

Слаба образовна подлога

Задоцнувањето на Косово во реформските процеси во регионот е значи повеќе од очигледен факт. Парадоксално е тоа што распадот на Југославија почна токму на Косово, пред точно 20 години. За него тоа се две децении загубено време, во кое од образовните институции излегуваа слабо обучени генерации. Меѓу другото и затоа што училиштата во илегалниот систем, во времето додека беше укината автономијата на Косово, беа многу лошо опремени. Овие кадри не се конкурентни на модерниот пазар на работна сила. Универзитетите, пак, продуцираа пред се’ политички индоктринирани апсолвенти на општествени науки. И тие не се соодветни за пазарот на труд. По војната образовниот систем мораше да се гради од почеток. Така, Косово е денес и демографски најмлада држава во Европа, со најниско образовно ниво. Згора на тоа, оние кои беа најдобро квалификувани, тие веќе го напуштија регионот и заминаа во Европа.

Косово е демографски најмладата држава во ЕвропаФотографија: AP Photo

Политиката не раѓа добри економски кадри

Значи, време за губење апсолутно нема. Особено не додека владее светската економска криза. Косово загуби многу време во политички конфликти и преговори. Цели две години, на пример, сите сили беа насочени кон залудните преговори со Србија, што ги водеше Марти Ахтисари. Проблемите на секојдневието беа оставени за подобри времиња. По прогласувањето на независноста, пак, беше неопходна цела година додека таму дојде европската мисија ЕУЛЕКС. И колку и да може тоа да се оправдува со отпорите на Србија и Русија во Советот за безбедност на ОН - сепак времето е загубено!

Откако славјето ќе помине треба да се засукаат ракавите!Фотографија: DW

На Косово му се потребни инвестиции

Затоа сега Косово мора итно да почне со реформите во сите подрачја на општествениот живот и да не дозволи енергијата да му истекува на преостанатите конфликти со српското малцинство на северот. На Косово му се неопходни инвестиции. На инвесторите им е неопходна правна сигурност. Тоа значи стабилен правосуден систем и транспарентен катастар, како и мерки за борба против корупцијата, зашто таа е отров за инвестициите.

Искуствата на другите земји од регионот на Источна и Југоисточна Европа покажаа дека за ваквите реформи се потребни децении. Што подолго одговорните политичари ја префрлаат одговорноста на некој друг надвор од државата, дотолку повеќе се одлагаат реформите. Косово би требало да учи од негативните искуства на соседните земји и да не ја префрла одговорноста врз меѓународната заедница и странските мисии. Младата генерација на Косово е способна и може да ги спроведе претстојните толку нужни реформи!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми