1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врзете ги појасите! Трамп доаѓа, НАТО трепери!

Бернд Ригерт
11 јули 2018

НАТО се надева дека нејзината најважна членка нема да предизвика преголема штета на самитот во Брисел. Да, до тоа дереџе е дојден трансатлантскиот сојуз, коментира Бернд Ригерт.

US-Präsident Donald Trump
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Шоуто Трамп пристига во Европа. Насловните страници се веќе резервирани за егоцентричниот американски претседател. Тој може на самитот на НАТО во Брисел да ги испаничи европските сојузници и Канада. Тој може да направи глупост и на чај со кралицата во Велика Британија. По рунда голф во хотелот во Шкотска, тој би можел на историскиот самит со претседателот Путин во Финска да си воспостави машко пријателство со рускиот автократ.

Во Брисел, пред сѐ кај НАТО-партнерите има голема несигурност какви последици може да има европската турнеја на американскиот претседател. Трамп секако нема да се воздржува повторно да ги стави во независна положба своите сојузници и да ја отвори темата со своите апсурдни пресметки за трошоците за одбрана. Иако Европејците, како што ветија, трошат повеќе пари за своите армии, на Трамп тоа не му е доволно.

Оној којшто сака да знае како размислува Трамп доволно е само да го слушне говорот од минатата недела кој го одржа во Индијана. Тој таму директно ја прозва германската канцеларка и праша што всушност добива за своите пари од Германците. Германците, смета Трамп, повеќе сакаат да си прават бизниси во енергетиката со Русите, а Американците плаќаат сѐ. Американскиот претседател тоа секако сака да го промени и затоа на фин начин веќе се заканува со можно повлекување на воените сили, доколку во скоро време не види повеќе пари.

Бернд Ригерт

Заштита во замена за пари?

Во најлошите проекции на НАТО-дипломатите во Брисел можно е дури воведување на посебни давачки за американските сили во Европа. Заштита во замена за пари? Рекет? Алијансата којашто се базира на политички вредности, не размислувала досега во вакви категории. Доналд Трамп, кој од дното на душата е трговец, размислува така. Тој си го бара својот ќар и преговара бескрупулозно. Тоа веќе го покажа на Г7 самитот во Канада. Би било изненадувачки ако овој метод, којашто тој си го смета за успешен, не би го применил и во НАТО. Европејците мора да се подготвени дека Трамп може да ги поврзе трговските конфликти и безбедносната политика. „Ако сакате нуклеарна заштита од Русија, тогаш ослободете ги американските стоки од царини!" Тоа е простата равенка со која Доналд Трамп би можел да оперира.

Човекот од Белата куќа порадо се сонча со диктатори и автократи на самити отколку да се занимава со старите сојузници, коишто тој ги смета за паразити кои не се на негово ниво. НАТО сака да му докаже дека сѐ повеќе земји се блиску да ја достигнат целта од 2% давачки за одбрана од БДП. Додуша Германија на овој пат чекори полека, а Бундесверот е во тешка состојба. Оперативната состојба на европските трупи е ослабена. Од ваква пат-позиција Ангела Меркел треба да даде рапорт во Брисел. Американскиот претседател пак со задоволство ќе ја искористи ситуацијата, бидејќи се наоѓа во предизборна кампања за Конгресот во ноември.

Иднината на релациите во НАТО ја скицираше полското министерство за одбрана. Полјаците понудија за стационирање на дополнителни американски војници да одвојат 2 милијарди долари годишно. Трговската рекет-математика би можела да му се допадне на Трамп и да си ја користи како модел во иднина. Државите во НАТО може само да се надеваат дека претседателот на најголемата воена сила и натаму ќе ги исполнува своите обврски во Алијансата. Во екстремен случај Трамп би можел да се закани со повлекување од НАТО за да си ја спроведе својата волја. Такво нешто не може да се исклучи, бидејќи до пред само две години во неговата предизборна кампања Трамп велеше дека НАТО е сосема излишен. Цврста воена соработка во рамки на ЕУ како алтернатива за НАТО е во зародиш. Конструкцијата на таков сојуз би траела многу години и не би можела да ги замени воените капацитети на САД.

Дали Трамп влијае на Путин?

НАТО-дипломатите во очај ја исчекуваат средбата со Владимир Путин, чијашто земја многу НАТО-членки ги смета за најголема закана во Европа. Има долга листа од проблематични точки, почнувајќи од конфликтот во Украина, па сѐ до сајбер војната коишто Доналд Трамп сака да ги дискутира со Путин, во име и на НАТО-партнерите. На самитот во Брисел ќе се излезе со соодветна препорака. Дали Трамп во Хелсинки уште ќе се сеќава на препораките, како и за многу други работи е тешко да се процени. Трамп во Индијана рече дека е подготвен на сѐ што може да се случи на средбата со Путин. Дали е тоа добро или лошо?

Ако сѐ оди добро во контекст на НАТО, американскиот претседател би можел да има влијание врз Путин. Ако оди лошо, ситуацијата би можела да се заостри. Сигурно е само едно - шоуто Трамп, според неговите сопствени сфаќања, ќе биде успешно. Нахалните пофалби кои претседателот сам себеси си ги упатува, уште отсега ни одѕвонуваат во ушите. НАТО, Кралицата, Путин? Ќе биде фантастично!

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми