1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Врховен суд си го штити дворот од партиите

6 март 2020

Апелираме на воздржаност и соодветно комуницирање, без да се загрози независното и самостојно постапување на судската власт и судиите“, им порача Врховниот суд на партиите

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Врховниот суд отфрла секаков вид на надворешно влијание врз правораздавањето, и изрази загриженост од такви евентуални идни однесувања на политичките партии, особено во изборен период и за предизборни цели.

Ваквиот став на Врховниот суд е објавен преку соопштение по одржаната Општата седница на 3-ти март, а уследи непосредно по два јавни партиски собири: маршот за правда на СДСМ, и протестот против неправда на ВМРО-ДПМНЕ. Двата собира не ја одминаа зградата на Врховниот суд , а од нив беа испратени различни пораки.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој го предводеше маршот за правда по донесувањето на Законот за Јавното обвинителство, порача дека со тој закон „нема веќе тефтерчиња“ и се гарантира дека политичарите нема да може да избираат и менуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите.

„Судии, обвинители, поротници - ослободете се, ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивните инсталации не ви можат ништо. Не сме задоволни од испорачаното во однос на правната држава. Потребно ни е  правосудство кое ќе ја донесе правдата, а не да застарува предмети. Правдата доаѓа бавно, но доаѓа. Ни треба правна држава, ни треба закон еднаков на сите“, порача лидерот на СДСМ на 17-ти февруари.

Фотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Судот бара воздржаност и соодветно комуницирање

Девет дена подоцна, неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, на протест против неправдата ги обвини обвинителите Јовески и Русковска дека „заедно со уште неколку врховни судии, и засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари а така се претставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев“.

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ маршираше против неправдата под мотото „Заев е виновен“

-Марш за најважната битка - враќање на правдата!

-Рускоска: Никој не влијае врз мојата работа

Тој во обраќањето испрати три барања, од кои едно се однесуваше токму на Врховниот суд: „итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок, и ревизија на нивните одлуки".

По пораките од двата јавни собира, и Врховниот суд реши да го каже својот збор.

„Анализирајќи ги последните настани организирани од страна на политичките партии, Општата седница укажува на потребата од обезбедување на услови за независно и непристрасно постапување на судовите во согласност со законот и другите релевантни акти, притоа отфрлувајќи секаков вид на надворешно влијание врз правораздавањето. Општата седница искажува загриженост од таквите и слични, евентуални идни однесувања на политичките партии, особено во изборен период и за предизборни цели, притоа апелира на воздржаност и соодветно комуницирање, без да се загрози независното и самостојно постапување на судската власт и судиите“, соопшти Врховниот суд.

Фотографија: Petr Stojanovski

Од таму укажуваат дека работењето на Врховниот суд е во согласност со сите закони, меѓународни документи, Европската конвенција за човекови права, Големата повелба за судиите и Бенгалорските начела, и дека се раководи од постојните законски одредби, слободното судиско убедување и најдобрите практики и без никакво влијание, со цел обезбедување на единство во примената на законите.

Кој врши притисок?

Лидерот на СДСМ ги повика судиите јавно да кажат дали и кој им врши притисок.

„Ако некој има директни притисоци и закани, тоа да го објави. Како ќе искорениме утре да нема, ако има денес? Треба да кажат кој прави притисок, и само така можат да се спасат од евентуални пристисоци“, рече Заев.

Мицкоски обвини Заев дека врши притисок.

„Не познавам никого од Врховниот суд, ниту пак со некого сум комуницирал во Врховниот суд, ниту некој дошол до мене за да комуницира. Меѓутоа слушнавме кој е тој со ‘трас-трас методите', кој се договара ‘вака или онака', и сум засрамен“, изјави Мицкоски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Toj алудираше на последната аудио-снимка што ја објави пратеникот Антонијо Милошоски, на која се слуша Заев како го споменува Врховниот суд и специјалната обвинителка Јанева, што партијата го оцени како негово влијание врз судот. Истото Мицкоски му го кажал и на претседателот на Националниот совет на на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, кога станало збор за донесувањето на Законот за ЈО.

„Му го пренесовме и ‘трас – трас' методот за носење на Законот за јавно обвинителство, ‘се договорив со Јово' и сличните методи како се носат овие закони", рече Мицкоски.

Од СДСМ одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ е заглавено во истата криминална матрица, кога се нарачувале пресуди по телефон и се именувале судии од тефтерче, и затоа партијата нема капацитет да разбере дека судските пресуди се работа на независни институции. СДСМ се повика на последниот извештај на „Фридом хаус" кој покажува нов напредок на земјата, особено во надминување на „антидемократското наследство на поранешниот премиер Никола Груевски“.

„Дополнително, Европската Унија ги потврди реформите во судството и констатираше дека е направен ‘значителен напредок при обезбедувањето на независноста на судството'. Граѓаните прават јасна разлика меѓу СДСМ, кое е за правда и правичност, и ВМРО-ДПМНЕ која шири лажни вести и се залага за обнова на криминалниот режим и изолација. Сваровски судство - никогаш повеќе!“, порачаа социјалдемократите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми