1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пронајден вториот мобилен телефон на Катица Јанева

БГ
23 јули 2019

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сепак не го загубила вториот мобилен телефон во Белград, како што тврдела во истрагата за случајот „Рекет“, туку „го подарила“ на друго лице. ЈО го пронајде телефонот.

Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Вториот телефон на обвинителката Катица Јанева за која таа тврдеше дека е загубен бил пронајден кај друго лице, соопшто Јавното обвинителство за организиран криминал. Оттаму потврдуваат дека апаратот е пронајден и одземен, а ќе следува негово вештачење. Мобилните телефони на Јанева беа предмет на интерес на Обвинителство поради истрагата за случајот „Рекет“, во кој се споменува и нејзиното име, иако не е осомничена. 

„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI-меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, соопшти утрово Јавното обвинителство.

ЈО сега ќе треба да утврди и кога „е изгубен“ вториот телефон на Јанева - дали тоа се случило далеку пред да биде обелоденет случајот „Рекет“, или непосредно во деновите пред или потоа.

Претходно, обвинителката Вилма Русковска соопшти дека е завршено вештачењето на првиот мобилен телефон на обвинителката Катица Јанева, но одби да открие детали за тоа што било утврдено од него.

Специјалната обвинителка Јанева формално е на боледување од 16 јули, еден ден откако најави заминување од функцијата, но и обелоденувањето на случајот „Рекет“ од нејзините колеги од ЈО.

Двајцата осомничени за рекетирање на бизнисмен, Бојан Јовановски и Зоран Милевски во меѓувреме добија 30-дневен притвор.

ЈО ги гони двајцата осомничени затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од обвинителство. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми