Кирилицата пред суд
20 август 2015 Проблемот со двојазичноста кулминираше кон крајот на 2013 година кога во Вуковар започна поставувањето на двојазичните натписи, кои оттогаш повеќе пати се отстранувани и, покрај судири со полицијата, кршени во организација на бранителските здруженија, но и на десното крило на политичката опозиција. Хрватскиот Уставен суд во 2014 година на Градскиот совет на Вуковар му даде рок од една година да одреди во кои населби ќе можат да бидат поставени двојазичните натписи, уважувајќи ги истовремено „потребите на мнозинскиот хрватски народ кои извираат од сѐ уште живите последици на големосрпската агресија на почетокот на 90-те години на минатиот век, како и потребата од праведен и правилен третман на српското национално малцинство на територијата на градот Вуковар“. И Владата го доби истиот рок во парламентот да упати измени и дополнувања на Законот за службена употреба на јазикот и писмото на националните малцинства.
И додека Владата се одлучи за модел според кој ќе може да ги распушти локалните претставнички тела кои избегнуваат да ги ускладат своите статути со овие правила, Градскиот совет на Вуковар со новиот статут одлучи дека српското малцинство во Вуковар, засега, воопшто нема да го оствари своето право на двојазичност. Одлуката ја изгласаа пратениците на ХДЗ, чиј градоначалник го води градот, истата партија која, парадоксално, во 2009 година ја донесе одлуката за воведување на двојазичните табли, за Хрватска да може да ги задоволи условите за влез во ЕУ.
Влошени односи
Со последната епизода, односите меѓу двата народа во градот со мртва економија дополнително се заострени, а проблемот премина во државни рамки со прогноза за барање решение на ниво на ЕУ. Претставниците на Србите порачуваат дека правата сега им се намалени и дека не постои можност да прифатат такво решение. Притоа, збунува податокот дека јавната расправа за таа материја заврши без ниту еден предлог или забелешка од претставниците на Србите.
Претседателот на Советот за национални малцинства, Александар Толнауер за ДВ вели дека Хрватска како правна држава денес би требало поинаку да изгледа, и дека е направен чекор назад кога станува збор за демократијата. Тој нема сомнеж дека Градскиот совет на Вуковар е во судир со уставот и законите.
Меѓу неколкуте бизарни решенија кои ги предвидува новиот статут, особено се истакнува она, според кое за издавање на документи на кирилица граѓаните мораат да поднесат барање на латиница со плаќање на такса. Српските претставници најавуваат дека решението ќе го бараат во европските институции кои со ваквиот развој на состојбата се излажани во предпристапните преговори, но Толнауер потсетува дека околностите се сменети.
„Хрватска сега ги заврши преговорите и повеќе нема мониторинг од тој вид над неа. Тоа прашање не е примарен интерес и не мислиме дека малцинствата и нивните претставници се најважни во Хрватска. Очекуваме дека ЕУ, почитувајќи ги своите стандарди, сепак ќе предупреди дека ваквите нешта се недозволиви“, вели Толнауер.
Што ќе биде со Хрватите во Србија?
И додека се очекува реакцијата од претставниците на српското малцинство во новата рунда од битката за двојазичност, Толнауер поставува и поинакво прашање: „Дали некој размислува за тоа што ќе се случи со хрватското малцинство во Србија по ваквата постапка?“ Во регионот, вели тој, се создава атмосфера на примитивни реакции. „Луѓето реагираат емотивно на вакви постапки и со нив лесно се манипулира. Тоа е многу опасно. Она што го гледаме е 'етнодарвинизам'. Кој преживее- ќе раскажува“.
Хрватската новинарка Силвија Шепарович смета дека, за жал, во Вуковар и натаму се води војна.
„Тоа на политичарите очигледно многу им одговара. На такво место не е тешко да се запалат страстите, па оттука, одговорни се политиката и системот. А токму ним малцинските права едноставно не би смееле да им бидат спорни. И точка!“