1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Вуковар 30 години подоцна – градот е жив

Синиша Богданиќ
18 ноември 2021

Како и во изминатите години, одбележувањето на годишнината од падот на Вуковар отвори рани во разединетото хрватско општество. И 30 години по трагедијата, повторно се преиспитува што е дозволено да се каже, а што не.

Илјадници свеќи гореа во Вуковар во спомен на бранителите на градот во 1991 година
Илјадници свеќи гореа во Вуковар во спомен на бранителите на градот во 1991 годинаФотографија: Goran Kovacic/PIXSELL/picture alliance

Ширум Хрватска ноќеска беа запалени свеќи во знак на сеќавање на падот на одбраната на Вуковар кој три месеци во 1991 ги издржа нападите на Југословенската народна армија и српските паравоени сили. Граѓаните така почнаа спонтано традиционално да се собираат на улиците кои го носат името на Вуковар што беше вовед во денешното официјално одбележување. Бидејќи Вуковар во колективната свест на Хрватска е запишан како синоним за бесмислено и залудно воено разорување.

Поради епидемиолошките мерки, Министерството за бранители и здравствените власти ги повикаа граѓаните во што помал број да дојдат во Вуковар и да влезат во Колоната на сеќавање која ќе се движи по истиот пат како и колоната на преплашени вуковарци од 1991 година – од градската болница до Меморијалните гробишта.

Неправедно и кон живите и кон жртвите

Иако Вуковар денеска е убав и пријатен град за живеење неговото име носи голем емотивен набој и предизвикува асоцијација на слики од апокалиптично разурнат град, масакр на ранети хрватски војници и разулавени пијани орди кои пеат песни за колење на Хрвати проследено со цинична шокираност на меѓународната заедница. Тоа е неправедно кон жртвите, тврдат бројни граѓани на Вуковар, а може да се каже дека нема правда ниту за загинатите кои не по своја вина станаа своевидна идеолошка маша во идеолошките пресметки кои редовно му претходат на официјалното прославување на Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и Шкабрње.

Граѓани палеа свеќи на улиците во хрватските градови, кои го носат името Вуковар (Загреб, 17.11.2021)Фотографија: Goran Kovacic/PIXSELL/picture alliance

Така, меѓу другото, секоја година се прашува колку политички поделени колумни ќе има, кој ќе оди во чија колона, но и кој официјално ќе го претставува српското национално малцинство. Српското малцинство од друга страна таа манифестација на колективна жалост ја доживува како инструмент за наметнување колективна вина. И годинава во колоната ќе чекори „човекот на Пленковиќ и Пуповац за мировни мисии“, потпретседателот на владата Борис Милошевиќ, највисоко рангиран претставник на српското национално малцинство во Хрватска.

Уште колку има до посреќна иднина?

Вуковар заслужува во сите останати денови да биде град на животот, град на толеранција, дијалог и различности, град во кој се гради среќна сегашност и иднина,“ рече пред неколку дена Милошевиќ. „Треба да си ги живееме сопствените животи, а не смртта на нашите загинати, и не омразата на своите и туѓите историски непријателства. Треба да ги живееме животите на своите деца доколку не сакаме нивните животи да ги живее некој друг. Треба да ја живееме иднината на нашите деца, а не минатото на татковците, дедовците и прадедовците. Не треба да живееме во бесконечен круг на омраза, смрт и ужасното минато на нашите предци,“ рече пратеникот во хрватскиот Сабор и претседател на Самостојната демократска српска партија, Милорад Пуповац кој пред неколку дена со Милошевиќ и со Веран Матиќ, специјалниот претставник на српскиот претседател, им оддаде почест на сите жртви од Вуковар фрлајќи венец во Дунав.

Но се чини посигурно е навраќање кон минатото отколку да се гледа визионерски кон иднината. Така хрватскиот глумец со српски корени, Раде Шербеџија остана без термин за концерт во Винковци. Градските власти заклучиле дека предвидениот датум, 15 ноември е премногу блиски до годишнината од падот на Вуковар. За Шербеџија ова е политикантска одлука, но дека поради публиката концертот сепак ќе го одржи во декември.

„Како што на лекарите им е задача да се грижат за здравјето на луѓето, задача на нам уметниците ни е да се грижиме за духовното здравје на луѓето за кои снимаме филмови, играме театарски претстави и понекогаш им пееме свои песни,“ напиша Шербеџија на социјалните мрежи.

Но, Вуковар е и место на пресметка на идеолошки поделените етнички Хрвати, што беше видливо и во „случајот трафостаница“ во хрватската населба Ланиште. Со желба, најчесто со банални пораки да преземат што поголем дел од јавните градски површини, припадниците на навивачката група Бед Блу Бојс овој објект на Хрватското електростопанство го насликаа со мотиви на препознатливата вуковарска кула и Меморијалните гробишта, но и ликот на осудениот воен злосторник, Слободан Праљак.

Вуковарската водена кула е симбол на отпорот во градот за време на војната во 90-те години од минатиот векФотографија: Igor Kralj/PIXSELL/picture alliance

Парламентарно пропишан патриотизам

Со интервенција на лево-зелените градски власти, освен Праљак, кон крајот на октомври од трафостаницата е отстранет „споменот на Вуковар“ што предизвика жестоки реакции кај здруженијата на бранителите и десничарските партии. Градоначалникот Томислав Томашевиќ за кој беше сосем јасно дека не подржува ваква “естетика“ во јавниот простор на главниот град, веднаш излезе пред новинарите за да објасни дека се работи за недоразбирање и најави дека обновениот „мурал на Вуковар“ ќе се легализира по итна процедура.

Уште пожестоки напади доживеа колумнистот Борис Дежуловиќ кој преку порталот Н1 предупреди дека Вуковар поради политизација “е целосно испразнет од секакво индивидуално значење, цел и смисол и е само конфекциски надгробен фенер како шуплив пластичен тотем за распламтување на родољубието и втерување на патриотизмот во коски“. Во текстот насловен како „Ебати Вуковар“, Дежуловиќ напиша: „Ебати Вуковар. Одамна требаше ова да се каже, ама бидејќи Градот Херој не може да го стори тоа – оти умрена уста не зборува – еве јас ќе го кажам.“

Но десничарските партии се фатија за формата занемарувајќи ја содржината. Иако намерата била токму спротивната како што нагласува авторот, Министерството за бранителите го обвини Дежуловиќ за „изразено груб и примитивен начин на навреда на жртвите кои ги дал Вуковар во Татковинската војна.“ Меѓу останатото, Министерството предупредува и дека Дежуловиќ го прекршил и официјално пропишаниот наратив дефиниран во Декларацијата за Татковинската војна прифатена во хрватскиот Сабор. Хајката против колумнистот резултираше стотици смртни закани упатени до него поради што доби и полициска заштита.

Вуковар е симбол на бесмислени разурнувања и масовни убистваФотографија: Davor Javorovic/PIXSELL/picture alliance

Градот е жив

Како тогаш би требало да се одбележи годишнината за еден од најстрашните денови во хрватската историја – ова е прашање кое се поставува од година во година. Не премногу инвентивните левичари во Хрватска во изминативе години само превртуваат со очи на манифестациите за одбележување на „падот на Вуковар“, нагласувајќи дека тоа требало да биде да речеме славење на животот со балони и спортски натпревари. Десничарите пак се задоволни со актуелната состојба која во голема мера е совпадна со нивните политички платформи за мерење на патриотизмот.

Граѓаните на Вуковар пак, како и изминатите години порачуваат дека раните и како ќе си ги лечат треба да им се остави ним. Во разговор и понатаму истакнуваат дека не се задоволни со сликата на Вуковар која ја наметнуваат политичарите и медиумите, а за својот град велат дека не е град – гробница. Веројатно со нив би се согласил и новинарот Синиша Главашевиќ, кој на 19 ноември 1991 година беше одведен од вуковарската болница на масовното погубување на Овчари. „А градот, не грижете се за него, тој цело време е во вас. Само сокриен. Да не го најде крвникот. Градот – тоа сте вие,“ се неговите зборови кои прикладно се повторуваат од година во година.

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми