Вулкан: Отровни пареи закана за Хавајците
22 мај 2018Службата за цивилна заштита ги повика жителите да се држат настрана од пареата и облаците од гас. Облаците наречени „Лејз“ содржат пареи од солна киселина и мали честички од стакло. Тие настануваат кога врелата лава доаѓа во допир со солената морска вода.
Терминот „лејз“ е кованица од зборот лава и англискиот термин хејз за чад. Меѓу другото, облаците лејз може да предизвикаат иритација на белите дробови, очите и кожата, предупредија властите.
Во моментов нема знаци дека Килауеа повторно се смирува. Од бројни пукнатини во земјата, истекува лава, која веќе го блокираше еден од најважните поврзувачки патишта. Ѕид од течни камења висок еден метар таму се пробива во насока на Пацификот.
Со тоа за жителите на особено загрозената населба Пуна на Големиот остров, најголемиот остров на архипелагот, блокиран е важен пат за бегство. Вулканот, кој исфрла оган неколку недели, веќе уништи десетици објекти, а во саботата еден човек беше повреден.
Килауеа е опасно активен од почетокот на мај. Постојано од нови пукнатини во земјата, течната магма стигнува до површината.
Повеќе:
-Евакуација и вонредна состојба на Хаваи
Постојат неколку вулкани на Хавајските острови, Килауеа е едед од најактивните во светот. На другиот крај од таканаречениот Пацифички огнен појас, во меѓувреме, се „разбуди“ уште еден вулкан. На индонезискиот остров Јава, вулканот Мерапи вчера исфрли облак од пепел висок повеќе од еден километар. Десет дена претходно, стотици луѓе избегаа од областа по неговата ерупција. Во 2010 година, во ерупција на Мерапи загинаа 300 луѓе.