По повеќенеделен карантин поради коронавирусот, граѓаните од денеска можат да го напуштат кинескиот град Вухан. Илјадници поитаа кон железничките станици и аеродромот. Но, Вухан уште не е вратен во нормалноста.
Реклама
Кинеските државни медиуми од утрово опширно известуваат за официјалниот крај на целосната изолација на Вухан. Меѓу другото се прикажуваат снимки од железнички станици и од аеродромот на градот. Луѓето дисциплинирано стојат пред шалтерите за чекирање и трпеливо ги слушаат упатствата за здравствените апликации кои сите коишто сакаат да го напуштат Вухан, мора да ги имаат на своите смартфони. Овие апликации го надгледуваат движењето на луѓето и регистрираат евентуални контакти со инфицирани лица. Со оглед на тоа што во Кина постои централна датотека за сите граѓани, ова надгледување преку апликација функционира релативно ефикасно.
Вухан беше изолиран од надворешниот свет два и пол месеци. Десетте милиони жители не смееја да излезат од градот, со недели речиси не можеа да ги напуштат ни своите домови. Преку изолацијата, кинеското државно и партиско раководство имаше цел да го забави ширењето на белодробниот вирус. Во средината на ноември минатата година во Вухан беа регистрирани првите пациенти заболени од Ковид-19.
Денеска повторно се отворени автопатиштата и функционираат брзите возови. Првиот воз го напушти градот веднаш по полноќ, првиот патнички авион полета рано утрото по локално време, упатувајќи се кон јужнокинеската метропола омилена кај туристите – Санија. Како и вообичаено, во кинеските медиуми денеска прво се присутни функционерите, на пример Лин Џиетао од полицијата во Вухан:
„Околу железничките станици и метрото, како и кај сообраќајните јазли, денеска ангажиравме дополнителни полициски сили, заради избегнување застои и долги колони“, изјави претставникот на полицијата.
Коронавирусот го парализира кинескиот туризам
Забранетиот град е напуштен, а делови од Кинескиот ѕид се затворени. Коронавирусот ги принуди врвните туристички атракции во Кина да ги затворат своите порти, бидејќи културните настани се откажани или стопирани.
Фотографија: AFP/G. Baker
Глобално влијание
Епидемијата на коронавирусот создава последици за меѓународните културни настани. Уметничкиот саем „Арт Базел Хонг Конг“ е откажан. Кина го намали своето учество на 70-тиот меѓународен филмски фестивал во Берлин. Исто така, беше откажан и новогодишниот концерт на кинеската национална опера во Берлин, музичарите и изведувачите не смееја да заминат од земјата поради кризата со коронавирусот.
Фотографија: Getty Images
Затворено за туристите
Вообичаено, голем број туристи се шетаат низ Забранетиот град. Сега, овој турист ја има само за себе Империјалната палата во Пекинг. Таа е изградена од 1420 до 1644 година, се смета за архитектонско ремек-дело, а од 1987 година е дел од светско наследство на УНЕСКО. Првично бил седиште на династијата Минг, а подоцна и на династијата Кинг, и таму живееле императорот и неговите дворјани.
Фотографија: AFP/G. Baker
Туристичките атракции на чекање
Дизниленд во Шангај засега ги затвори вратите кон Волшебното кралство. Избувнувањето на коронавирусот се засили на почетокот на кинеската Нова година. Последователните карантини и патни ограничувања предизвикаа да пропадне годишниот прилив од патувањата за одмор во и до Кина. Минатата година индустријата пријави промет од 71,5 милијарди евра само за време на еднонеделните празници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kyodo/Maxppp
Нема пристап
Во борбата против коронавирусот, кинеските власти не се двоумеа да ги затвораат и историските знаменитости. Делови од Големиот ѕид во Кина, моќниот симбол на земјата, се затворени. Делот од ѕидот во Бадалинг, северен Пекинг (на фотографијата горе), кој е многу популарен кај туристите, е затворен. Затворени се и гробниците на династијата Минг и на пагодата Јиншан.
Фотографија: Reuters/C. G. Rawlins
Танцот на змејот
Пролетта 2019 во Шенјанг: Танчерска група го изведува танцот на змејот по повод фестивалот Лонгтаиту, кога Кина го прославува вториот ден од вториот месец во кинескиот лунарен календар. Познат е како „денот кога змејот ја крева главата“, а земјата и природата ја повраќаат силата. Годинава, тој паѓа на 24 февруари, но епидемијата од коронавирусот би можела да ги спречи славеничките манифестации.
Но, за враќање во нормала во Вухан уште не може да стане ни збор. Многу квартови од главниот град на провинцијата Хубеи остануваат затворени. Од луѓето е побарано колку што е можно повеќе да се воздржуваат од излегување надвор.
Џонг Нансхан, најважниот советник за здравствени прашања на државното и партиското раководство, преку државната телевизија предупреди да се остане претпазлив и буден:
„Во меѓувреме регистрираме бројни случаи на инфекција донесени од странство. Овие нови случаи се релативно високозаразни. Сега е важно да ја информираме јавноста за постоечките ризици, за луѓето да можат активно да соработуваат во превенцијата и да можат да помогнат да се запре ширењето на епидемијата. Само на таков начин можеме да спречиме да се појави втор бран на епидемијата на Ковид-19.“
Во основа, патувањето низ Кина и натаму останува отежнато. Во многу провинции и кинески градовисе’ уште се во сила остри ограничувања на влезот за оние од страна. Правилата често се нетранспарентни и делумно противречни. Во регионот на главниот град Пекинг, луѓето од останатите делови на земјата не можат воопшто да влезат без обврзувачкиот двонеделен карантин.
Сепак, кинескиот државен и партиски врв со отворањето на Вухан дава важен политички сигнал. На домашното население, но и на светот со тоа му се демонстрира силата на комунистичкото раководство и ефикасноста на неговото дејствување. Тоа што избувнувањето на вирусот беше заташкувано со недели и на тој начин беше загубено драгоцено време, воопшто не се тематизира.
Во сенка на отворањето на Вухан, вчера беше соопштено дека е отворена истрага против познатиот претприемач Рен Џингианг. Причината, како што е соопштено, се сериозни повреди на дисциплината и законите. Ран досега важеше за еден од највлијателните бизнисмени во Кина, со тесни врски со државното и партиското раководство. Во текот на кризата со коронавирусот, тој јавно го критикуваше кинескиот претседател и партиски челник Ши Џинпинг. Во еден текст на интернет, тој буквално го нарече Ши „кловн гладен за моќ“, дека отсуството на слобода на мислењето и на медиумите во Кина го забрза ширењето на коронавирусот. Со поведувањето истражна постапка, кинеското раководство сега го замолчува Рен.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.