1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Така говореше Вучиќ

Драгослав Дедовиќ/превод:БГ2 март 2016

Александар Вучиќ одговори на многу прашања на РТС- кои никој не му ги постави. Нешто сепак остана нејасно: Зошто се оди на избори? На тоа прашање се обидува да одговори Драгослав Дедовиќ

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Конечно го знаеме датумот на вонредните парламентарни избори. Тоа е последната недела во април. Премиерот на Србија тоа речиси попатно го потврди, а остатокот од вечерта во емисијата на РТС „Прашалник“, Александар Вучиќ го мина во модусот на предизборната кампања. Накусо- тој ја знае секоја фабрика и нива во Србија. Резултатите од 22-месечното владеење на Вучиќ се импресивни. Реалноста во Србија е депресивна. Една од целите на Вучиќ е „европски животен стандард“ во следните четири години. Доколку народот му укаже доверба. Притоа остана нејасно дали мислеше на грчкиот, романскиот, бугарскиот или шведскиот стандард. Но, тоа се ситници.
Нешто сепак остана нејасно: Зошто Вучиќ оди на избори?
Во потрага по одговор мораме да се потсетиме како дојде до избори кои премиерот, онака горд, процедурално ќе ги одобри во четврток, иако длабоко во себе никогаш не ги сакал.

Драгослав Дедовиќ

Хронологија на лаги

Моја одлука е да не одиме на избори, изјавуваше Вучиќ во октомври минатата година. Истото го повтори и во декември. Би сакал да избегнеме вонредни избори, рече премиерот на 11 јануари годинава. Веќе на 17 јануари, Александар проговори од дното на своето навредено битие: „Одиме на избори, одиме на победа“.
Значи не сакал премиерот, го натерале! Но кој? Не е важно што тој лично јуначки се спротивставувал на идејата за распишување избори. Нему, на некој начин тоа му го наметнале со своето однесување членовите на килавата и разединета опозиција составена од пет отцепени демократски партии плус болниот, но жилав, Шешељ. „Доколку гледате дека немате доволно стабилност бидејќи сите вршат притисок секој ден и го покажуваат своето огромно незадоволство, кога ги слушате опозициските партии кои велат дека се е катастрофа, диктатура, цензура, се е лошо, ние сме многу подобри, па повелете луѓе!“
Добро, и не е некоја причина. Опозицијата остро ја критикува владата, па каде го има тоа?

Во суштина, Вучиќ се плаши дека популарноста е неспоива со вистинските реформи, бидејќи ова што е сторено досега во однос на она што треба да следува се само- реформички. Србија се уште е држава во која вашата партија ве вработува, а на суд работата или се „завршува“, што значи оди како подмачкана, или чекате десетина години. Егзекутивата „пере раце“ тврдејќи дека би било недемократски да се влијае врз правосудството. А реформата на правосудството? Дали е тоа задача на законодавната и извршната власт?
Затоа Вучиќ сака уште еден мандат, додека се уште може да го добие. Можеби со страв помислува и на следниот чекор по Бриселскиот договор- а тоа некаков облик на суштинско признавање на Косово. Со попатно, погодувате, формално непризнавање.
Бидејќи чашата е до половина полна, а од половината нагоре празна, Вучиќ мудро одлучи од почеток доследно да ги застапува обата става. Вели, нема да има избори, а потоа додава- во следните шест месеци. Додека премиерот, во речиси трагикомична кавга со самиот себе со своите лупинзи со месеци го остава српското граѓанство без здив, на крајот застана како осамен актер на огромна бина, да го чуе дишењето на публиката. Понекој новинар тука и таму, како гестаповецот на Бора Тодоровиќ во „Балкан експрес“ ќе му довикне: „Ти музичар ли си?“ „Сум“, ќе се загрцне уверливо премиерот за веднаш потоа со уште повеќе кредибилитет и легитимитет да му објасни: „Па не. Велам, не сум“. Кога ќе чуе свирежи, премиерот преку ноќ ја празни салата. Со намера повторно да ја наполни со луѓе кои и во следните четири години ќе знаат пристојно да му аплаудираат, додека убаво им објаснува дека е, а не е музичар.

Игри без граници

Мислевме дека во јануари и дојде крајот на таа претстава и дека објавувањето на волјата да се распишат вонредни избори ќе го ознати почетокот на гладијаторската борба која на Балканот се нарекува предизборна кампања. Но не бидна така! Рече премиерот дека ќе има избори, но не и кога. Па од 17 јануари до 1 март чекавме да го дознаеме датумот. Со тоа премиерот дополнително 44 дена ја држеше земјата во неизвесност и- ја скрати предизборната кампања. Во куси кампањи најдобро се снаоѓаат оние кои се најсилни, оние кои во најкус рок можат да мобилизираат најмногу ресурси. Финансиски, медиумски и човечки. Ни останува да издржиме за време на предизборните турканици и пост изборното пазарење околу коалицијата и министерските фотелји. Потоа повеќе нема да има партиски вработувања и селекција, со исклучок на победникот.
Од онаа дамнешна октомвриска сабота кога премиерот рече дека нема да има избори (во следните шест месеци), до датумот на одржувањето на вонредните избори на 24 април 2016, календарската оддалеченост изнесува- 189 дена. Тоа се сепак повеќе од шест месеци!

Така синоќа говореше Александар Вучиќ. Го застапуваше своето мислење, полемизирајќи против замислени противници, повремено застапувајќи, за секој случај, и мислење поинакво од неговото. И како и секогаш- беше во право.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми