Вучиќ и Рама далеку од помирување
10 ноември 2014Албанскиот премиер Еди Рама денеска пристигна во историска посета на Белград, прва на еден албански државник на таа земја по пауза од 68 години, но разликите меѓу двете земји не можеа да се сокријат ниту на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, српскиот премиер Александар Вучиќ.
Косово беше главниот камен на сопнување меѓу двајцата државници. Рама изјави дека Косово е независна држава и дека тоа е реалност која не може да се менува и која треба да се прифати.
„Независноста на Косово го направи Балканот помирен и постабилен“, рече Рама повикувајќи да се почитуваат правата и на Албанците на југот на Србија.
„Можеме да зборуваме за различни пристапи, но не мислам дека тоа треба да не спречува да ја кажеме вистината“, изјави Рама на заедничката прес-конференција, по што Вучиќ реагираше дека тоа е провокација од гостинот од Албанија.
„Не очекував ваква провокација“, возврати видливо нервозниот Вучиќ. „Што има Албанија заедничко со Косово? Косово не е дел од Албанија и никогаш нема да биде“.
Следуваше нова реплика од Рама кој рече дека неговиот коментар не е провокација „затоа што Косово е реалност и колку побрзо биде признаена неговата независност, толку побрзо ќе можеме да тргнеме напред“.
Вучиќ потоа порача дека, иако е незадоволен од провокацијата на Рама, Србија ќе стори сѐ за да ги унапреди односите меѓу двете земји.
Економска соработка
Албанскиот премиер го покани својот колега да ја посети Албанија, и вети дека „во Тирана нема да има провокации“. Рама нагласи и дека Србија и Албанија треба да го надминат минатото и да се свртат кон иднината. „Нашите деца не треба да страдаат поради минатото“, рече Рама. Тој оцени дека економската соработка меѓу двете земји и целиот регион е од голема важност.
„Нашите економии се мали, но економиите на целиот регион не се. Заедно не сме така мали за да мораме да чекаме помош од нашите партнери“, рече Рама.
Говорејќи за својата евентуална посета на Албанија, по поканата од Рама, Вучиќ рече дека „ќе биде гостин кој нема да го провоцира својот домаќин“.
„Ќе сториме сѐ да потпишеме важни договори со Албанија, ќе дадеме сѐ од себе да гледаме во иднината, а не во минатото, да работиме на приближување во регионот и меѓу нашите две земји“, рече Вучиќ.
Двајцата премиери си разменија обвинувања и навреди и по неодамнешниот инцидент на фудбалскиот меч меѓу двете фудбалски репрезентации. Прекинатиот меч повторно ги подигна тензиите меѓу двете земји, по што и првично планираната посета на Рама на Белград беше одложена за денеска.