1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ се прогласи за победник на изборите во Србија

ЕМФ | агенции | АРД
4 април 2022

Српскиот претседател Александар Вучиќ се прогласи за победник по претседателските и парламентарните избори во Србија. Изборната комисија најави дека ќе ги соопшти резултатите дури вечерва.

Serbien Wahl 2022 | Aleksandar Vucic
Фотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Александар Вучиќ, според прелиминарните резултати, добил 58,5 отсто од гласовите на претседателските избори во Србија, објави Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД). Здравко Понош (Обединета Србија) добил 18,1 отсто од гласовите, а Милош Јовановиќ (НАДА) добил поддршка од 6,0 отсто од гласачите.

Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ е исто така победник. На парламентарните избори таа, според податоците на ЦЕСИД, освои 42,9% од гласовите. По неа следуваат Обединета Србија со 13,4%, па Социјалистичката партија со 11,4%.

Изборната комисија во Србија објави дека резултатите од изборите ќе ги соопшти дури вечерва (4.04), околу 20 часот. Дотогаш нема да одржува прес-конференции.

Вучиќ вчеравечер, се прогласи за победник врз основа на податоците на неговата партија. Тоа, според него, не е необично и слични работи се случувале и порано: „Тоа секогаш се случува, секогаш. Апсолутно на сите избори. А од 1993 година сум имал 25 различни изборни циклуси и изборните комисии се однесуваат секогаш исто“, изјави Вучиќ, додавајќи дека изборната комисија има 96 часа да ги соопшти резултатите и дека сѐ ќе биде објавено во согласност со законот.

СНС има свој штаб, набљудувачи на секое место и се занимава сериозно со политика, поради што и е во ситуација да ги соопшти резултатите, рече Вучиќ, додавајќи: „А, тоа што господата (во изборната комисија) не сакаат да работат во 11 навечер или на полноќ - ние сакаме.“

- повеќе: Изборната кампања во Србија во сенка на војната во Украина

Коалицијата Обединета Србија смета дека неочекуваното повлекување на изборната комисија е скандалозно и зборува за голем број нерегуларности на изборите - од насилство против опозициски кандидати, до купување гласови и вршење притисок врз избирачите.

Изборната комисија вчерва (4.04.2022) ќе ги соопшти резултатите од изборите Фотографија: Str/AFP

Партијата на Вучиќ би можела да го загуби Белград

За владеачката СНС би можел да биде непријатен евентуален пораз во главниот град Белград. На локалните избори во Белград, кои се одржаа на ист ден со претседателските и парламентарните избори, се исцртува губење на мнозинството на СНС. Доколку тоа се случи, партијата би го загубила најважното градоначалничко место во државата. Трката е тесна и резултатот ќе биде неизвесен до крај.

Но, тоа не го расипа расположението на Вучиќ. На новинарка која му постави критичко прашање на прес-конференцијата вчеравечер, тој ѝ рече: „Расположете се, насмевнете се! Низ историјата ве води сигурна рака.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми