1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел Бориќ победи на претседателските избори во Чиле

ЕМФ / дв
20 декември 2021

Поранешниот студентски лидер Габриел Бориќ е нов претседател на Чиле. Триесет и пет годишниот Бориќ има хрватско и каталонско потекло.

Chile Präsidentschaftswahl 2021 | Gabriel Boric
Фотографија: Rodrigo Garrido/REUTERS

Левичарот Габриел Бориќ на претседателските избори во Чиле освои речиси 56% од гласовите и има јасна предност пред десноориентираниот ривал Хозе Антонио Каст, кој освои 44% гласови.

Каст, кој има германско потекло, веднаш го призна поразот: „Само што разговарав со Бориќ и му честитав на големиот триумф. Од денеска тој е претседател на Чиле“, напиша Каст на Твитер.

Овие избори се сметаат за многу важни за ориентацијата на земјата, а за некои се дури и најважните избори од враќањето на Чиле кон демократија во 1990 година. Граѓаните бираа помеѓу јасно левичарски настроен кандидат и цврсто десничарски определен кандидат. „Одушевена сум, плачам од радост. Му зададовме удар на фашизмот“, изјави 45-годишната аптекарка Џени Енрикез за агенцијата АФП. Градежниот работник Луис Асторга, пак, вели дека очекува „многу промени“, кои, меѓу другото, „ќе ѝ помогнат на работничката класа“.

Карикатура на Vladdo по победата на Бориќ на изборите во Чиле: „Сега доаѓа тешката работа“

Габриел Бориќ, кој има хрватско и каталонско потекло, ги предводеше студентските протести во Чиле во 2011 година. Тој на граѓаните на Чиле им вети подобра здравствена нега и образование достапно за сите, а се залага и за правата на мигрантите, индигените народи и хомосексуалците. Каст, пак, на избирачите им ветуваше намалување на даноците, борба против илегалната миграција и остро постапување против криминалците. Каст, инаку, важи за симпатизер на поранешниот диктатор Аугусто Пиноче.

Во Чиле право на глас имаат околу 15 милиони луѓе. Земјата важи за светол пример во регионот, со највисоки приходи по глава на жител во Латинска Америка. Меѓутоа, проблем во земјата и натаму е голематасоцијална нееднаковст. Големи делови од здравствениот и образовниот сектор се приватизирани, а сѐ поголем број граѓани се чувствуваат маргинализирано.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми