Габриел во Киев
7 март 2014Германскиот министер за економија и вицеканцелар Зигмар Габриел денеска има средба со украинскиот преоден премиер Арсениј Јацењук и други членови на украинската преодна влада. Претходно, Габриел во Москва разговараше со рускиот претседател Владимир Путин околу можностите за деескалација на ситуацијата. Детали за разговорот со Путин не се соопштени, но по завршувањето на средбата Габриел пред новинарите рече: „Ако постојано има нови провокации, тогаш временскиот прозорец за дипломатско решение некогаш ќе се затвори. На прагот сме на опасноста Европа повторно да се врати во времињата на Студената војна.“
Разговорот на Зигмар Габриел со Владимир Путин беше планиран одамна и беше предвиден како прва посета на вицеканцеларот на странство по преземањето на должноста. Германската влада е на мислење дека посетата не смееше да биде откажана, зашто тоа би се сфатило како провокација. Владата во Берлин има најдобри врски со Путин и сака да ги остави отворени каналите за разговори. Тоа е од полза и за германската економија, која стравува од тоа дека би можела на крајот да биде казнета до страна на Путин. Габриел, имено, во куферот носеше долга листа со преудпредувања и итни потреби на шефовите на германските концерни. Повеќе од 6000 германски фирми, од глобални играчи до средни претпријатија, имаат 20 милијарди евра директни инвестиции во Русија. Од овие зделки зависат 300.000 работни места во Германија.