1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: Габриел ги предупредува САД на опасност од војна

ЕМФ / дв
13 октомври 2017

Дали американскиот претседател Трамп ќе крене раце од нуклеарниот договор со Иран? Шефот на германската дипломатија Габриел предупредува дека еднострани чекори би можеле да доведат до војна.

Iran | Wirtschaftminister Gabriel in Teheran
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Откажување на договорот за Иран би го претворило Блискиот Исток во опасен кризен регион“, изјави шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел за Редакциската мрежа Германија (опфаќа повеќе од 30 весници, како Лајпцигер Фолксцајтунг, Хановерше Алгемајне, Меркише Алгемајне и други, н.з.). Доколку Иран, по евентуално пропаѓање на нуклеарниот договор повторно почне да работи на нуклеарно оружје, тоа би предизвикало „непосредна опасност од нова војна“, на пример со Израел, кој тоа отсекогаш го сметал за директна закана за сопствената безбедност и се закануваше со воени напади врз Иран.

Габриел предупредува дека во случај на откажување на САД од договорот можна е нова трка во вооружување. „Некои држави би можеле пропаѓањето на договорот со Иран да го сфатат како сигнал за брзо да се снабдат со атомско оружје'“, стравува германскиот мниистер за надворешни работи. „Тогаш акутен проблем не би била само Северна Кореја.“ Според Габриел, „целосно е илузорно Северна Кореја да се тера во насока на безбедносен договор, ако притоа пропадне договорот со Иран“.

„Исто така ќе мораме да им кажеме на Американците дека нивното однесување кон проблемот со Иран ќе нѐ однесе нас Европејците кон заедничка позиција со Русија и Кина против САД“, изјави Габриел. Според него, „големата драма е во тоа што договорот со Иран би можел да стане топка во американската внатрешна политика“.

До 15 октомври Трамп на Конгресот треба да му потврди дека Иран се држи до атомскиот договор - ќе го стори ли тоа денеска?Фотографија: Getty Images/W. McNamee

Нуклеарниот договор виси на конец

Американскиот претседател Дионалд Трамп денеска во Конгресот треба да ја претстави својата стратегија за Иран. Американските медиуми со денови информираат дека Трамп сака да одбие повторно потврдување на нуклеарниот договор. Тој постојано го критикува договорот како „најлош на сите времиња“.

До 15 октомври Трамп на Конгресот треба да му потврди дека Иран се држи до атомскиот договор. Тоа, практично е чиста рутина. Претседателот, според законот, на Конгресот треба секои 90 дена да му потврди дека Иран се држи до обврските преземени со атомскиот договор, за санкциите да останат вон сила.

Доколку претседателот одбие да даде ваква потврда, тоа сѐ уште не значи дека договорот е автоматски еднострано откажан. Меѓутоа, Трамп со тоа ќе го принуди Конгресот во рок од 60 дена да донесе одлука за можно повторно воведување санкции против Иран. Доколку Конгресот донесе таква одлука, тоа би значело откажување на договорот.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) последно на крајот на август потврди дека Иран се држи до обврските до договоротФотографија: picture-alliance/dpa/R. Schlager

Договорните страни заедно против Трамп

Во преговорите за нуклеарниот договор со Иран учествуваа петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации плус Германија. По склучувањето на договорот, санкциите беа укинати и повторно се почна со трговија. Дел од договорните страни побараа јасно до САД да се држат до договорот.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини нагласи дека договорот „стави крај на една од најлошите нуклеарни кризи на нашето време“. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) последно на крајот на август потврди дека Иран се држи до обврските до договорот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми