Гадафи безмилосен против демонстрантите
20 февруари 2011![](https://static.dw.com/image/6442961_800.webp)
Либиските безбедносни сили застрелале повеќе од сто луѓе во обид да го сопрат револтот на илјадници демонстранти, кои протестираат против режимот на Моамер Гадафи. Состојбата во Либија е критична, но никој не знае што точно се случува, бидејќи пристапот на странските новинари им е забранет, а голем дел од информациите доаѓаат од непроверени и неформални извори.
Сепак, повеќе од сигурно е дека најголемиот бунт против Гадафи се одвива во градот Бенгази на истокот на земјата, каде се загинаа и најголемиот дел од жртвите, и каде протестите се во тек деноноќно, слично како и во Египет. Повеќе медиуми јавија дека во центарот на Бенгази демонстрантите подигнале барикади и ја минале ноќта на отворено, а за денеска се најавени нови масовни собири.
Верските лидери во Либија во отворено писмо ја повикаа полицијата и армијата да престане да употребува сила против демонстрантите. „Престанете да ги убивате нашите браќа и сестри. Запрете го масакрот, сега!“, се наведува во апелот.
Италијанската новинска агенција Анса пренесе изјава на очевидец, кој тврди дека во Бенгази се уништени сите владини згради и банки. Агенцијата Ројтерс, пак, јавува дека преостанатите безбедносни сили во градот се забарикадирале во зграда и оттаму со снајпери пукаат врз демонстрантите. Провладините либиски медиуми, од друга страна, тврдат дека во најголемиот дел од градот состојбата е под контрола, а досега загинале околу дваесетина луѓе. Полицијата морала да отвори оган, откако демонстрантите се обиделе да нападнат полициска станица и воена база, тврдат тамошните медиуми.
Властите во Бахреин отвораат преговори со опозицијата
За разлика од Либија, каде состојбата е пред ескалација, во Бахреин револтот полека се смирува, откако властите одлучија да ги повлечат безбедносните сили од плоштадот во главниот град Манама. Илјадници демонстранти синоќа и денеска слават, откако владата соопшти дека ќе почне процес на преговори со опозиционерите за реформи во земјата. За главен преговарач со опозицијата е назначен принцот наследник Салман, кој во изјава за СиЕнЕн рече дека сите политичките партии ќе бидат застапени на преговарачката маса.
„Ова не е ниту Египет, ниту Тунис. Ние не сакаме овде да ни се случат милитантен екстремизам и секташки судири како во Северна Ирска“, изјави принцот Салман.
Во Египет, пак, вчера беше регистрирана и првата политичка партија по падот на режимот на Хосни Мубарак. Судот во Каиро ја запиша во регистарот партијата Васат, или Партија на центарот.
Автор: БГ/ројтерс/ап
Редактор: Трајче Тосев