1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газа: Очајничка потрага по трајно решение

Лоуеј Мадхун/ Жана Ацеска 15 октомври 2014

Меѓународната заедница на донаторската конференција за обнова на разрушениот Појас Газа стави на располагање милијарди долари. Но, без темелно политичко решение веќе е програмирана нова војна, смета Лоуеј Мадхун.

Фотографија: REUTERS/M. Salem

На меѓународната донаторска конференција за повторна обнова на Појасот Газа, уништен во последната војна, се собрани повеќе од пет милијарди долари. Забележителна сума, која може дури да биде и повисока отколку што побараа палестинските автономни власти. Само регионално-политички активниот мини-емират Катар вети над една милијарда долари за ублажување на ситуацијата во Газа. И Германија ќе даде дополнителни 50 милиони евра за итни мерки на помош.

Подготвеноста на арапските и меѓународните донатори за помош е без сомнеж за поздравување, таа е важна и насушно потребна, за да се овозможи помошта првенствено за над 100.000 Палестинци, кои во војната останаа без покрив над главата. Таа е екстремно итно потребна и за основното снабдување на 1,7 милиони луѓе со вода и енергија.

Но, таа не може да го скрие сознанието дека политичко решение за овој асиметричен конфликт не е на повидок.

Што побрзо укинување на двојната блокада

Клучот за трајно политичко решение, со чија помош ќе се овозможи промена на ситуацијата во основа, в рака го имаат како Израел, така и Египет. Двете држави ја контролираат границата на осиромашениот Појас Газа. Укинувањето на двојната блокада и овозможување на слободен проток на стоки и луѓе, се разбира, под меѓународна контрола, од овој аспект би бил првиот чекор на долгиот пат кон обнова на функционална економија во Појасот Газа.

Лоуеј МадхунФотографија: DW

На крајот на месецот израелските и палестинските претставници ќе преговараат за политичката иднина со египетско посредство. Меѓународните актери треба да побараат гаранции од двете страни: од еднастрана, палестинската влада треба да преземе целосна одговорност за процесот на обновата. Таа мора политички, а ако е потребно и со воени средства, да се избори против Хамас за договорот-сама да ги претставува Палестинците. Од другастрана, треба да се изврши протисок врз режимот на египетскиот претседател Ал-Сиси за да прекине натамошно демонизирање и изолирање на Хамас, со што делови од неговите приврзеници се бркаат во таборот на варварските џихадисти од Исламска држава. Хамас, без оглед на својата милитантност и спорната идеолигија, сепак се смета за бастион против интернационално активните џихадисти. Иако израелскиот премиер Нетанјаху на редовни временски растојанија го тврди токму спротивното.

Последна шанса за решението-две држави?

И конечно, Западот мора да изврши притисок врз Израел: како фактичка окупаторска сила, земјата и според меѓународното право ја сноси главната одговорност за ситуацијата на цивилното население во Појасот Газа.

И уште поважно: западните фактори треба да се изборат за повторно поврзување меѓу Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим. Можеби во рамките на нов, меѓународно посредуван договор, кој ќе води сметка за безбедносните потреби на Израел и ќе цели на демилитаризирање на Газа, без палестинските области да бидат меѓусебно одделени. Притоа, станува збор всушност за можеби последната шанса за реализација на решението за постоење на две држави и за конечно стопирање на спиралата на насилство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми