1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Галичица- градилиште наместо Национален парк

Милчо Јованоски30 јануари 2015

Државата најави градба на ски центар, експресен пат и туристички зони во Националниот парк „Галичица“. Експертите уште во фазата на измени на Планот за управување со паркот излегоа со низа забелешки и препораки.

Фотографија: DW

Со цел да ја заживее економијата, да го развива туризмот и да отвори нови работни места Владата на Република Македонија излезе со идеја за изградба на три туристички зони на Охридското и Преспанското Езеро, ски центар и експресен пат од Охрид до Св Наум кој ќе минува низ Националниот парк „Галичица“. Првата фаза од делницата од Охрид до Пештани би требало да почне да се гради годинава. Мислењата во јавноста се поделени. Државата е цврсто решена Проектите да се реализираат.

„Уште во 2013 година Владата ја задолжи нашата Јавна установа Национален парк „Галичица“ преку законска процедура да ги отпочне измените во Планот за управување со Паркот. Ние тоа го сторивме, и во наш интерес се објективните анализи кои ги добивме и тие што допрва ќе следат, вели д-р Оливер Аврамоски. Пред Галичица да стане големо градилиште во текот на Јавната расправа експертите излегоа со став дека доколку се’ се реализира според замислата, тоа ќе создаде негативни и трајни последици врз целата природа.

Што ќе се добие, а што ќе се изгуби ако проектите се изградат?

„Само ски центарот ќе зафати 395 хектари. Речиси целиот комплекс би се градел во зона на активно управување. Заштитата во тој дел на паркот ќе се спушти за еден степен подолу и ќе се прогласи во зона на одржливо користење. Во време кога овој регион од Македонија и Албанија е прогласен за Биосверен резерват под заштита на УНЕСКО со овие зафати би се девалвирала вредноста на паркот. На источната ривиера во зима веќе постојат неискористени хотели, па изградбата на нови 3.800 легла ќе претставува голем притисок врз растителниот и животинскиот свет на Галичица. Паркингот за 1.200 возила и десетина автобуси како и сервисниот пат од околу 14 километри кои се предвидени да се изградат се исто така закана за Паркот. Изградбата на ски-центар во околината на Охрид претставува добар комерцијален проект, но не на ова место. Во овие 60 години убеден сум дека овој дел во кој што сега се планира изградба на целиот комплекс не бил случајно прогласен за зона на активно управување. Тоа било направено поради вредностите кои што ги има овој дел од планината, како што е богатството со растителни и животински видови, ретки живеалишта, пејзажна разновидност ... Со урбанизацијата на овој простор неповратно ќе бидат изгубени голем број претставници од растителниот и животинскиот свет во своите природни живеалишта,“ вели Трајче Талевски, доктор по биолошки науки.

Галичица е омилено место за параглајдерите од целиот светФотографија: DW

Речиси во иста насока води и ставот на Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро: „Значењето на ендемските и еколошките вредностите на Регионот Охрид - Преспа во кој значаен дел има НП „Галичица“ е препознаено во светски рамки и затоа во кои било и какви било идни зафати не треба да дојде до загрозување на тие вредности. Затоа клучно е стручната студија за влијанието врз животната средина да биде јасна, прецизна и бескомпромисна како за измените во зоните на Планот така и за секој од проектите поединечно со цел да се обезбеди заштитата и одржливоста. Добриот момент е што македонската страна преку Националната комисија е во постојан контакт и со УНЕСКО“.

Експресниот пат во должина од 30 километри ќе минува низ срцето на НП „Галичица “и ќе претставува големо оптоварување за просторот, смета д-р Талевски: „Предвидено е сообраќајницата да е широка од 14 до 17 метри. Заштитната зона на експресен пат е десетина метри од едната и од другата страна на патот. Површините кои ќе бидат трајно изгубени се далеку поголеми од предвидените. Предностите од ваквата сообраќајница се сигурноста и брзината. Опасноста за растителниот и животинскиот свет е во нарушувањето на континуитетот на растителните заедници и нивното фрагментирање. Изградбата на вака замислената делница ќе предизвика сечење и уништување на патеките на ситниот и крупен дивеч кои се ставени под посебна заштита (рис, дива коза, мечка и др). Приближно ист ефект во поглед на сигурност и капацитет на возила би се добила доколку се изгради сообраќајница со помала широчина,а негативните ефекти би биле многу помали.“

Хартијата трпи сѐ, да се внимава како ќе биде во реалноста

Две третини од планината Галичица одамна се дел од светското наследство на УНЕСКО оттука и преземањата се оптоварени и од овој факт. Извештајот за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина на Предлог- измените во опсежниот План за управување со Националниот парк „Галичица“ од 2011 до 2020 ги работеше Градежниот институт „Македонија“. Експертите во анализата велат дека е потребна голема претпазливост пред и за време на реализација на проектите за да не се доведе во прашање основната функција на Националниот парк. Според Еколошкото здружение „Фронт 21/42“ и коалицијата „Екологијата – приоритет“ тие за прв пат се среќаваат со Стратешка оцена на влијанието врз животната средина која дава негативна оцена на план, во овој случај измена на Планот за Управување со Национален парк „Галичица“.

Велосипедска тура на ГаличицаФотографија: DW

„Во извештајот се потенцира дека предлог измените можат да доведат до губење на еколошкиот интегритет на еко-системско ниво и карактеристиките на пределот, кои се едни од најзначајните намени на подрачја заштитени во категоријата „Национален парк“. Дополнително, плановите за туристичките зони и пат навлегуваат во дел од зоните на заштита на паркот каде ваков тип на активности се забранети. Согласно член 73 од Законот за животна средина органот кој го подготвува планскиот документ или промената на планскиот документ (во овој случај Националниот парк „Галичица“), е должен да ги земе предвид наодите од овој извештај. Имајќи предвид дека извештајот јасно потенцира дека ефектите кои би можеле да настанат со реализација на предложените проекти би можеле да доведат до губење на статусот Национален парк, очекуваме и ги охрабруваме надлежните во Националниот парк „Галичица“ да не пристапат кон измена на планот со цел зачувување на еко-системот во целост. Предлог- планот би требало повторно да се обработи со цел да се анализираат сите можни алтернативи на предложените проекти, онака како што налага Законот за животна средина, со цел максимално да се избегнат можните негативни влијанија. Само на овој начин може да се осигури долгорочно зачувување на Националниот парк „Галичица“, вели Александра Бујароска од Здруженијата.

Сепак одлуката ќе ја донесе Министерството за животна средина. Таму ќе се одреди дали Извештајот ја дава комплетната слика и колку од забелешките во расправата се релевантни и кои ќе бидат следните чекори, за зацртаното на хартија да стане реалност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми