1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Александруполи - проект кој ќе ја промени енергетската карта

ДТЗ
3 мај 2022

Изградбата на гасниот терминал во Александруполи е историски настан за регионот во областа на енергетиката. Балканските лидери во него гледаат шанса за ослободување од рускиот гас.

Griechenland, Athen | Unterzeichung LNG Terminal in Alexandroupolis
Фотографија: ANE/picture alliance

Балканските лидери и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска во Грција го одбележаа почетокот на регионалниот енергетски проект „Александруполи“ со што се отвора можност за енергетска независност, ослободување од рускиот гас, диверзификација на изворите и се отвара пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.

Изградбата на гасниот терминал во Александруполи е историски настан за регионот во областа на енергетиката. Станува збор за проект за долгорочна енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време. Премиерите на Северна Македонија, Грција и Бугарија, Димитар Ковачевски, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на свеченоста порачаа дека проектот за пловечкиот терминал за течен гас не е само енергетски, туку и геополитички проект кој ќе ја промени енергетската карта на целиот регион. 

Стратешка одлука 

До 2023 година е планирано да бидат ставени во употреба и гасниот терминал и гасната станица. Република Северна Македонија минатата година се приклучи кон проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Согласно договорот, земјата учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во „Александруполи“ која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра. Предвидено е земјата да учествува и со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал. Со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години. 

Учеството во изградбата и долгорочното закупување на капацитет во терминалот „Александруполи“ е стратешка одлука за регионотФотографија: Trans Adriatic Pipeline

„Сега повеќе од кога било е јасна неопходноста и итноста за диверзификација на изворите на енергија во нашата земја. Нашето учество во изградбата и долгорочното закупување на капацитет во терминалот „Александруполи“ е стратешка одлука која ќе го обезбеди идниното снабдување со гас на нашата земја“,вели вицепремиерот за економски прашања и инвестиции Фатмир Битиќи. Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека „ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката“ и
дека користењето на нови извори на енергија и замената на јагленот со гас се нашите најважни стратешки интереси. 

Северна Македонија, во овој проект учествува со договор за резервација за одреден капацитет за течен гас од терминалот во Александруполи. Во тек се и подготовките коишто ќе овозможат и директно вклучување на земјата во изградбата на гасоводот со што таа ќе се поврзе со овој значаен енергетски капацитет.

Балканот ја зема судбината во свои раце

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, смета дека новиот терминал нема да помогнеме само во енергетската независност, туку ќе придонесе во долгорочните цели за климатските промени, а овој проект испраќа јасна порака дека „ја земаме судбината во наши раце“. „Не седиме и разговараме за стратешката автономија, туку сме активни, сите заедно, со нашите пријатели од Балканот сакаме да ја изградиме нашата заедничка иднина“, рече Мишел.

-повеќе на темата: Нема застој во испораката на природен гас за Северна Македонија

За грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, присуството на балканските лидери на манифестацијата е доказ за единството на Балканот, но и дека „полуостровот може да има свое место во стратегијата за енергетска транзиција на целиот континент“.

Премиерите на Бугарија и Грција го потпишаа Договорот за започнување на реализацијата на проектот. „Убеден сум дека денешниот ден ќе остане во политичката историја на односите меѓу Бугарија и Грција. Ќе остане запаметено по нашата потрага по економска слобода и политичка независност“, рече премиерот на Бугарија, Кирил Петков. Според него, проектот за пловечкиот терминал за течен гас не е само енергетски, туку и геополитички проект кој ќе ја промени енергетската карта на целиот регион. Сличен став има и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој се согласува дека изградбата на терминалот за ЛНГ е голем и важен настан за целиот регион и за целиот Балкан и дека Србија треба гасно да се поврзе со Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми