Гаук - човек на нови коалиции?
21 февруари 2012Партнерите во владејачката коалиција во Берлин - партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и либералите (ФДП) заседаваа два дена и на крајот на викендот на прес-конференција беше соопштено - Јоахим Гаук е заеднички кандидат на коалицијата и опозицијата за иден Сојузен претседател. Речиси истовремено со обелоденувањето на заедничкиот кандидат, стигнаа и гласовите за кавги во коалицијата, условувања и закани.
Денеска шефот на либералите (помалиот коалиционен партнер) Филип Реслер потврди дека имало закани за распад на коалицијата доколку ФДП не се откаже од Гаук како кандидат. „Можноста од распад на коалицијата беше повеќепати спомната од страна на Унијата“, изјави Реслер за весникот „Велт“, додавајќи дека реакцијата на канцеларката Меркел на веста дека либералите се „за“ Гаук била „остра“. Сепак, шефот на либералите тврди дека довербата во коалицијата не е уништена. „Во разговорите со Унијата само појаснивме дека не би било ништо невообичаено коалиционите партнери да гласаат различно во Сојузното собрание“, изјави тој.
Дека црно-жолтата коалиција е способна да дејствува денеска побрза да појасни и парламентарниот раководител на пратеничката група на Унијата, Петер Алтмајер. За весникот „Рајнишен пост“ тој вели дека ставот на либералите да застанат зад Гаук бил „во најмала рака невообичаен“, но со тоа соработката не е нарушена. „Работата на коалицијата ќе продолжи успешно“, изјави политичарот на ЦДУ.
Сепак, и покрај ваквите изјави на Алтмајер, потегот на либералите и натаму предизвикува незадоволство во Унијата. Вицешефот на пратеничката група на Унијата Михаел Мајстер за „Келнер Штатанцајгер“ изјави: „Чудно е што либералите легнуваат в кревет со СПД и Зелените. Колку што знам ние се‘ уште сме во коалиција со ФДП.“
Дел од печатот веќе гледа нови коалиции на хоризонтот. „Ноје Оснабрикер Цајтунг“, меѓу другото, коментира: „Оваа ситуација потврди... изборот на кандидат зависеше од прашањата на коалициона аритметика, партиска политика и политика на моќ...“. „Рајн Некар Цајтунг“ е уште понедвосмислен: „На либералите, со нивниот пуч, им успеа да излезат како победник од партијата покер околу идниот претседател. Тие не само што добија почит дури и во редовите на опозицијата, туку преку соработката со СПД и Зелените во игра воведоа нова опција на власт во форма на ’семафор“-коалиција (црвени - СПД, жолти - ФДП, зелени н.з.). Ова, се разбира, само доколку либералите бидат математички потребни и доколку воопшто успеат да влезат во парламентот“.
Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска / дпа/отс/афп
Редактор: Александра Трајковска