1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гвардиола си оди, наредниот молам!

Оливија Герстенбергер / превод: ЕМФ20 декември 2015

Сега (конечно) е и официјално: Пеп Гвардиола го напушта Бајерн Минхен. Па, што? Тогаш ќе дојде нов светски тренер. Патниците не треба да се запираат, оценува Оливија Герстенбергер.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lizon

Не, Бајерн нема да плива во солзи, нема да падне во (интер-)национална безначајност, а никако нема да се најде ниту во спортска криза. Пеп Гвардиола заврши, тој сака да си ја продолжи работата некаде на друго мeсто. Така е тоа во фудбалскиот бизнис, во кој секогаш доаѓа наредниот. А, со Карло Анчелоти Бајерн Минхен не добива кого билo, туку уште еден „тешкаш“ во категоријата тренери во фудбалскиот свет: Tри пати освојувач на пехарoт во Лигата на шампиони, поранешен тренер на Јувентус, Милан, Челзи, Пари Сен-Жермен и Реал Мадрид. Уште прашања? На овој начин Пеп Гвардиола ќе биде прилично добро преболен.

Генерално - во Минхен со сигурност не се леат големи солзи по педантниот перфекционист. Без сомневање Гвардиола на Бајерн Минхен и со тоа на германската елитна лига им даде многу сјај. Одеднаш цел свет го сврте погледот кон германскиот фудбал и набљудуваше како прославениот тренер формира тим кој низ лигата маршираше доминантно и без каков било напор, како освојува две германски првенства, како победува во светскиот и германскиот куп и е прв во Суперкупот. Но, Гвардиола не покажа баварска страст или пак идентификација со тимот. Навивачите го обвинуваа дека од фудбалскиот клуб Бајерн Минхен прави „фудбалски клуб Шпанија“. Тој до денес е малку обвиткан со здивот на Барселона. Гвардиола можеше да донесе голем број шпански играчи, а неговата реченица „Тиаго или ништо“ ќе му остане вечен придружник.

Пеп никогаш не разбра што значи „Миа сан миа“

Гвардиола е проект-тренер, се вели често. Тренерот гениј ги спроведува своите главно успешни проекти разумно, со страст и со големи амбиции. Неговите тактични уметнички дела се легендарни. Тоа му донесе многу респект. Сепак, некако секогаш се има чувство како да не одговара вистински на Бајерн, а особено не откако по критиката од Гвардиола клубот бесно го напушти легендарниот лекар на тимот Ханс-Вилхелм Милер-Волфарт. Гвардиола никогаш не ги разбра врските во германскиот рекордер по освоени титули, инаку многу порано ќе ја соопштеше својата одлука. Шефовите во клубот нерадо се воздржуваат, важните (позитивни) одлуки радо се соопштуваат на собирот на членови на клубот. Кога овој термин помина, од страна на врвот на клубот беше соопштено: „Еден човек не прави клуб“. Со што всушност беше кажано сѐ.

Оливија Герстенбергер, авторка на коментаротФотографија: Michael Palm

И можеби уште едно: националните титули се убави и во ред, но во Бајерн Минхен се брои пред сѐ Лигата на шампиони. Се разбира дека оваа титула е цел и на Гвардиола. Оваа сезона шансите за освојување на тројната титула се прилично добри: осум бода предност во Бундеслигата пред вториот на табелата, четвртфинале во Купот и осминафинале во Лигата на шампиони. Ако Пеп гид обие сите три титули, тогаш тоа би било перфектно збогување. Ако тоа не се случи, ќе биде изложен на голема критика. Како и да е, претходникот Јуп Хајнкес ги освои сите три титули дури откако веќе беше јасно дека си заминува од клубот. Да видиме какво наследство ќе му остави Гвардиола на својот наследник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми