1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контрапротест и протест во Скопје

СН/мф/мт20 јуни 2016

На повик на ГДОМ денеска во Скопје граѓани преку протест му изразија поддршка на битолскиот градоначалник Талески, искажаа револт од работата на СЈО, и се спротивставија на притисокот врз судската власт.

Фотографија: Petr Stojanovski

Во Скопје се одржа првиот за денеска најавен протест, на кој граѓани од цела Македонија претпладнето пред Судовите ,на повик на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), организација којашто ги поддржува политиките на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, го изразија своето незадоволство од одлуката на Основниот суд Скопје 1 да му одреди куќен притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

На протестот дојдоа претставниците на ова движење, како и градоначалници на повеќе општини во Македонија, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски, градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Активистот на ГДОМ, Александар Пандов, изјави дека „судската власт изминатиот период работи под притисок на СДСМ и на Соросовите организации„ и предупреди дека „доколку Судот не суди правично, граѓаните ќе влезат во Судот за да бараат одговори“.

Неколкумина активисти од ова движење доставија Декларација во Основниот суд Скопје 1, за поддршка на судовите за нивно професионално работење.

Актерот Тони Михајловски, кој е активист во Граѓанското движење за одбрана на Македонија, на протестот рече дека дошле пред судот без фантомки на главите и без боја во џебовите, алудирајќи на протестите на „Шарената револуција“.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во името на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, од кои поголем број беа присутни на протестот, рече дека дошле пред судот за да го искажат својот револт од работата на Специјалното јавно обвинителство, кое, како што велат, селективно постапува по предметите.

Апелациониот суд сѐ уште нема донесено одлука за тоа дали на градоначалникот на Битола ќе му биде одреден куќен притвор. Решението за притворот од Основниот суд Скопје 1 денеска, по пет дена, конечно пристигнало во битолската полиција, која најави дека ќе постапува по решението.

Фотографија: DW/E. Milosevska

Кривичниот суд во четвртокот ја преиначи одлуката за Талески и наместо одземање на пасошот му одреди куќен притвор. Талески сѐ уште е на слобода, а за одлуката за притвор се очекува да се изјасни Апелациониот суд.

Тој е еден од осомничените за случајот „Транспортер“, којшто е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, за малверзации со транспортот на ученици во Битола.

А токму пред зградата на Специјалното јавно обвинителство во Скопје во 19 часот треба да започне големиот протест на припадниците на „Шарената револуција“ ,откако не беа исполнети нивните ултимативни барања - Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за СЈО, како и да престанат притисоците, притворите и кривичните пријави за учесниците во протестите. Поради неисполнување на барањата,„Шарената револуција“ пред неколку дена најави голем протест под под мотото „Режимот планира да го укине СЈО! Граѓаните доаѓаат по правдата!“ Најавен е мирен и достоинствен протест, со повеќе говори и концептуално малку поразличен од досегашните.

На протестот ќе се приклучат и опозициски партии и нивни членови и приврзаници од повеќе градови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми