1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

ГДР – неуспешен диктаторски експеримент

7 октомври 2019

Германија од 1945 до 1990 беше поделена. Ова сѐ чуствува и триесет години по мирната револуција во комунистичкиот исток. И веројатно тоа така ќе биде уште некое време.

Berlin | DDR vor 70 Jahren gegründet - Archivbild vom 07.10.1989
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германска Демократска Република или скратено ГДР, така се викаше државата која во октомври 1949 година – четири години по крајот на Втората светска војна – беше основата како втора германска држава. Првата, Сојузна Република Германија, СРГ, постоеше веќе четири месеци. Поделбата на Германија беше соодветна на поделбата на моќ на победничките сили во 1945. Од една страна САД, Велика Британија и Франција, а од друга страна Советскиот сојуз. Сите заедно го победија Германскиот рајх. Но, потоа им се поделија патиштата.

Западните сојузници во СРГ етаблираа парламентарна демократија, додека советскиот диктатор Јозеф Сталин го прошири своето владеење скоро во цела Источна Европа. Основни карактеристики беа – планска економија, никакво владеење на право, без слобода на печат и патување. Под овие услови до промената во 1989/1990 година функционираа државите како Полска, Унгарија, Романија и ГДР. Според нивното сопствено идеолошко сфаќање, тие се сметаа за народни демократии,  но во суштина беа диктатури.

Во таканаречениот Источен блок, ГДР и географски и политички беше посебен случај, затоа што на нејзината западна граница почнуваше слободниот дел на Европа. А на средина на нејзината територија исто така беше поделениот поранешен главен град на Рајхот – Берлин. Тој беше симбол на нацистичка Германија, од кој сите четири победнички сили во војната си зедоа по еден дел. Токму поради тоа западен Берлин беше остров на слободата среде комунистичка Источна Германија.

Масовни бегства се` до изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961. година

Во поделениот град жестоко се судрија системските противречности на капитализмот и реал социјализмот. Метрополата со 3,3 милиони жители беше жариште на Студената војна, а до 1961. година и најголемата „дупка“ за бегалците. Тоа беше запрено со изградбата на Берлинскиот ѕид. До овој момент повеќе од еден милион луѓе од ГДР пребегаа бидејќи  не можеа да го поднесат застојот во економијата и интелектуална клима во едно неслободно општетство.  По изградбата на ѕидот, луѓето во поделената земја уште повеќе се оддалечија. На дипломатско ниво пак во 70-те години, тогашниот канцелар на СРГ, Вили Брант иницираше политика на олабавување и приближување. За ова социјалемократот ја доби Нобеловата награда за мир. Геополитички, постоењето на двете држави беше потврдено во 1973. година со нивен прием како полноправни членки во Обединетите нации.

Михаил Горбачов го забрза крајот на ГДР

Фазата на релативна стабилност во ГДР траеше само уште неколку години. Економски режимот не беше одржлив на долг рок. Економските потешкотии придонесоа кон разнишување на источно-европската диктатура, вели политичкиот историчар Франк Бош во разговор за Дојче Веле. Директорот на Центарот за современи историски истражувања во Лајбниц, упатува на финсиската поврзаност со западните земји, кај кои ГДР беше екстремно задолжена. Но одлучувачко беше незадоволството кај народот, „што се преслика во огромен притисок за патување." По преземањето на моќта од страна на реформаторот Михаил Горбачов во 1985. година во Советскиот Сојуз, многумина во ГДР се надеваа на промена на курсот и во нивната држава. Но, шефот на државата Ерих Хонекер остана тврдокорен. Своето незадоволство народот го покажа со протести на улици и преку поднесување на  се` поголем број барања за патување.  Бројот за две години се удвои од 53.000 на 105.000. Сепак само мал дел смееја да ја напуштат земјата.

7. октомври 1989: Режимот во Источна Германија слави последен роденден

Хонекер и Министерството за државна безбедност, или т.н.  Штази,  не можеа да го сопрат распадот на Источна Германија. И во други источни земји, како Полска и Унгарија, луѓето се побунија. Сето тоа беше можно само затоа што Советскиот Сојуз го намали военот притисок, вели историчарот Бош.
На 7. октомври 1989 комунистичкиот режим за последен пат слави 40 години Источна Германија. Само еден месец подоцна, на 9 ноември падна Берлинскиот ѕид. Милиони Германци од источна и западна Германија беа во еуфорија. Уште никој не ја гледаше смртната пресуда за Источна Германија која одекна една година подоцна на 3. октомври 1990. година, кога двете германски држави повторно се обединија.

„Германците од истокот имаат друг вкус за музика"

Земјата со 17 милиони население веќе 29 години е дел од сега поголемата Сојузна Република Германија во која живеат 83 милиони лица. Но,  се`уште не може да се зборува за обединета татковина Германија.  Економијата на западот е многу посилна, повеќе се заработува на западот отколку на истокот, само малку лица на водечки позиции се од Источна Германија. Експертот Бош забележува и денес различни ставови и влијанија уште од времето на Источна Германија. „Германците од истокот имаат друг вкус за медиуми и музика, се одлучуваат за поинакви дестинации при патувањата и политички носат поинакви одлуки."
Историчарот не смета дека во скоро време ќе дојде до изедначување во тој поглед, тоа ќе потрае додека исчезнатата Источна Германија да исчезне и од главите на Германците. Доживеаното опфаќа околу три генерации. Многумина уште од лични искуства знаат што доживувале нивните баби и дедовци.

Источна Германија најрано во 2070. година ќе може да се смета за минато

„Особено ѕидот и слични работи станаа такви икони што тоа потсетување е жива и присутна форма на историјата." Определено и свршено време Источна Германија ќе биде дури за 70 до 80 години, прогнозира Бош и посочува на искуствата со времето на националсоцијализмот кој дури сега станува запечатен откако „и последните сведоци на тоа време веќе не се меѓу живите". Во поглед на Источна Германија, најрано во 2070. година може да се очекува истово.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми