1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерација Траума - „евросираци“ во Источна Европа

Мартин Нејежчхлеба / Елизабета М. Фиданоска8 декември 2013

Своите родители ги познаваат само од посети и Скајп-разговори - милиони деца од Источна Европа имаат родители кои се на печалба во странство. Со нови закони на ЕУ треба да се подобри ситуацијата на т.н. „евросираци“.

Фотографија: DW/Martin Nejezchleba

На Оксана Хемеи најтешки и‘ се разделбите. Кога имала три години родителите првпат заминале од Република Молдавија. По три години мајка и‘ Јелена се вратила на неколку месеци. Кога требало да замине повторно, ја испратила ќерката кај баба и‘. На половина пат Оксана одлучила да се врати дома. На влезот ја сретнала мајка и‘ со куфери в раце.

Оксана во меѓувреме има 18 години, но се‘ уште го чувствува бесот со кој била полна како мало девојче: „Бев премала за да разберам дека мајка ми не одеше затоа што го сакаше тоа.“ Мајката на Оксана до ден-денес работи во Израел, каде се грижи за децата на друго семејство.

Милиони „евросираци“

Многу деца во Источна Европа растат или се израснати како Оксана - без родители. Меѓународниот печат им стави етикета „евросираци“. Различни истражувања докажуваат дека во Молдавија повеќе од половината од децата извесен период раснат без мајка или татко. Невладините организации сметаат дека бројот на такви деца во земјите членки на ЕУ, како Романија, Бугарија или Полска, изнесува околу 500.000. Каритас проценува дека во Украина има околу 9 милиони „евросираци“.

Оксана на 13-годишна возраст одлучила да си замине од кај баба и‘ и да живее самаФотографија: DW/Martin Nejezchleba

Семејните приказни наликуваат една на друга. Најчесто се одигруваат во провинција, во региони каде невработеноста е висока. Родителите одат на печалба, да работат како помошници при жетва, градежни работници, негуватели на стари лица или бебиситери. Многумина се иселуваат во држави на ЕУ. Често таму престојуваат илегално. Децата остануваат со еден родител, со бабите и дедовците, кај познаници и пријатели или едноставно - сами.

Скајп наместо прегратки

Експертите ваквиот модел на семејно живеење го оценуваат кусо - социјална катастрофа. „За едно дете е траума кога ќе ги загуби родителите, кои се‘ уште се живи“, вели психологот Иан Фелдман, кој учествуваше во изработка на една студија за последиците од масовното иселување од Молдавија. „Евросираците“ ја добиваат родителската љубов на банкарските сметки или со пакети преку пошта, полни со брендирана облека и играчки. Она што им недостига е близината на родителот. Нејасните Скајп-слики се слаба замена за прегратките.

По четири часа секој викенд на Скајп - Оксана разговара со мајка и‘, која е на работа во ИзраелФотографија: DW/Martin Nejezchleba

„На децата им е неопходна грижа и блискост, кои потоа ги бараат кај други возрасни лица. Притоа, за жал, има луѓе кои тоа го искористуваат“, вели Фелдман. „Евросираците“ не добиваат совети за тоа каде се границите на телесната блискост. Според проценките, до 10 проценти од молдавските сираци се сексуално злоставувани. Освен тоа, децата често немаат доволно медицинска нега, се хранат лошо, страдаат од депресии, имаат проблеми на училиште.

Спас?

Молдавија минатиот викенд во Вилнус потпиша Спогодба за асоцијација со ЕУ. Малата земја сега се надева на нови импулси за слабата економија и на тоа дека договор за слободна трговија и безвизен режим со ЕУ би можеле да ја подобрат ситуацијата и на „евросираците“.

Во училиштето на Оксана многу деца се „евросираци“Фотографија: DW/Martin Nejezchleba

Во соседната Романија позитивните ефекти од приклучувањето кон ЕУ се спорни. Патувањето без визи и подобриот пристап до пазарот на работна сила предизвикаа нов бран иселување, пред се‘ во Италија и Шпанија. Викторија Неделциуц, социолог и експерт за миграција од фондацијата Сорос во Букурешт, сепак е уверена - членството во ЕУ ја подобри ситуацијата на „евросираците“.

„Романците можат слободно да се движат во ЕУ, почесто ги посетуваат децата, паднаа трошоците за патување, па оттука и децата можат да ги посетуваат родителите во странство“, вели таа. Благодарение на слободата на движење, многу семејства си ги повлекоа со себе децата во странство.

Сепак, Европа може да направи уште повеќе за доброто на децата. Од помош би биле единствени насоки за спојување на семејствата во цела ЕУ. Најголема помош за децата од Источна Европа, меѓутоа, би била кога нивните родители би имале работа во татковината. Оксана се надева дека мајка и‘ при наредната посета на родното место ќе остане засекогаш. Оксана потоа сака да се исели и да студира, можеби во главниот град Кишињев, а можеби и во странство. Таа сонува за Канада и за свое семејство за кое ќе се грижи. Семејство какво што Оксана никогаш немала.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми