Генсекот на ЦДУ Мајер поднесе оставка
22 декември 2004Настапот на Мајер пред новинарите траеше вкупно една минута и 30 секунди. Во централата на ЦДУ генералниот секретар ненадејно ја објави својата оставка, откако во последните денови се уште цврсто опстојуваше на функцијата:
“Сега сум во ситуација во која трезвено мора да се констатира оти мојата работа во моментов повеќе и наштетува на партијата отколку што и користи, а освен тоа видов дека е достигната границата во која јас како татко, или како пријател, носам одговорност. Го преземам овој чекор без никаков гнев, туку донесов разумна одлука за три работи: прво, што и користи на партијата, второ, што и користи на госпоѓа Меркел и трето, што сум подготвен самиот да носам“.
Притисокот од сопствената партија Лауренц Мајер веќе не сака да го носи. Иако претседателката на ЦДУ Ангела Меркел застана зад него и се реши тој да остане на функцијата, од покраините Северна Рајна Вестфалија и Шлезвиг Холштајн каде претстојат покраински избори, дојдоа отворени барања за оставка.
Во првите реакции водечките политичари на ЦДУ ја поздравија оставката на Мајер. Според првите информации од партијата, наследник на функцијата генерален секретар би требало да биде раководителот на фракцијата на Унијата во Бундесатгот Фолкер Каудер.