1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Георгиевски во лоби-мисија во Бугарија

ДТЗ /ДВ
23 октомври 2020

Поранешниот македонски премиер при посетата на Софија со тонови на помирување. „Сакаме зближување со Бугарија, Гоце Делчев нè обединува“, порача тој.

Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Oд бугарска страна никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор. Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања“, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС. Тој лоби-мисијата во Софија ја започна со средба со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Георгиевски во 1999. со неговиот тогашен колега, бугарскиот премиер Иван Костов, потпиша „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Односите меѓу Скопје и Софија се вжештија изминатиов период откако бугарски политичари ја условија интеграцијата на Македонија во ЕУ. Во меѓувреме ниту историчарите на двете земји не успеаја да изнајдат решение околу спорните прашања на неодамнешната средба во Скопје. Камен на сопнување останаа неколку историски прашања, особено најчувствителното - за ликот и делото на Гоце Делчев.

Вето за ЕУ би било многу лошо

Георгиевски во интервјуто наведува дека во Македонија има „длабока држава” која работи на нарушување на нормалните односи помеѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија. Во таа „длабока држава“, според Георгиевски, има професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност. „И покрај таа ’длабока држава’ во Македонија, сакаме зближување со Бугарија. Гоце Делчев нè обединува“, вели Георгиевски.

„Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија. Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување“, смета Георгиевски. Според него, во Македонија се создала кампања дека Бугарија бара да се промени Уставот на Македонија, што не било точно, а од друга страна, многу лошо ќе било ако Бугарија стави вето за Македонија пред Европската унија.

Повеќе:

Љубчо Георгиевски ќе ги затоплува односите меѓу Скопје и Софија

Заев: Ние никогаш тоа не би им го направиле на нашите браќа и пријатели Бугари

Вето

Тој додава дека честопати е критикуван во Македонија оти застапува бугарски ставови, па нагласува дека со ова интервју ќе се обиде да биде адвокат на Македонија. Вели дека ако до пред четири-пет години за добивање на бугарски пасош лицата се критикувале и „биле распнувани на крст“, сега тоа било нормална работа, како што е нормално, вели, да се засвират и бугарски песни во кафеани, а не само српски.

Во однос на напорите да се дојде до договор околу историските прашања, Георгиевски оценува дека има многу отпор во Македонија.

„Тоа е ситуација како кога Доналд Трамп се бори со невидливи структури. Многу добро се сеќавате дека кога бев премиер, се борев на ист начин. Можам да кажам дека Зоран Заев и Стево Пендаровски како политичари даваат многу смели изјави за доближување кон Бугарија, но од другата страна има 40 професори кои велат дека преговорите со Бугарија треба веднаш да се прекинат и дека Гоце Делчев е Македонец и дека не треба да се дозволува никакво поврзување на Гоце Делчев со Бугарија“, вели Георгиевски.

Заев и Борисов треба да изнајдат решение, вели ГеоргиевскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Мицкоски се обрати кон Бугарија

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест за Денот на револуционерната борба, пред Собранието го повтори ставот дека доколку Владата прифати решение со кое се менува идентитетот на револуционерот Гоце Делчев, а македонскиот јазик е дел од бугарскиот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поништи одлуката кога ќе дојде на власт.

Мицкоски се обрати и кон Бугарија, од која бара да не очекува договор со Заев на штета на македонскиот народ.

„Доколку навистина биде признаено и прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла е Македонец, а по нација Бугарин, нашиот јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа ќе значи асимилација на македонската нација и сериозен удар врз државата. Ако тоа Заев го преточи во одлука, таа одлука веднаш ќе ја поништиме кога ќе дојдеме на власт и ВМРО-ДПМНЕ никогаш во иднина нема да ја почитува“, рече Мицкоски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми