1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геотермална енергија - носечки столб на енергетски пресврт?

Јан Валтер
12 февруари 2022

Топлинската енергија од внатрешноста на Земјата може да покрива околу 25% од енергетските потреби на Германија, смета група научници. Тие претставија план за користење на длабочинската геотермална енергија. 

Geysir, Island
Фотографија: cc-by-sa//ToNG!?

Досега електраната Вајсвајлер, која користи јаглен, снабдува со топлинска енергија повеќе градови во регионот околу Ахен на западот на Германија. Но, одлуката за прекин на користењето јаглен е веќе донесена: најдоцна во 2038 според т.н.компромис за користењето  јаглен,  постигнат меѓу електраните и владата, е крај. Многу нешта укажуваат на тоа дека поради растечките цени за јаглерод диоксид  јагленот и многу порано ќе стане непрофитабилен.

Прашањето како да се покрие потребата од топлинска енергија без фосилни горива не се наметнува само во реонот околу Келн и Ахен. Засега многумина ги сметаат електричните пумпи како најдобро решение за да се покрие потребата климатски неутрално, но и без пумпите кои трошат многу струја веќе се гледа недостиг на електрична енергија. 

Струјата не е ни половина од енергетскиот пресврт

„Долго време во контекст на енергетскиот пресврт  се зборуваше само за струја", вели Ролф Браке, прв човек на одделот за енергетска инфраструктура и геотермија во  институтот Фрауенхофер во Бохум. Сега е дојдено време да се земе предвид и пресвртот во топлинската енергија. Многумина го потценуваат фактот дека енергијата за греење е половина од вкупната потрошувачка во Германија.

Затоа Браке заедно со други научници од различни оддели на Фрауенхофер и Хемхолц, како и на Карлсруе институтот за технологија се здружил со фокус на истражување на геотермалната енергија. Неделава групата ќе го претстави проектот. 

Основи на геотермалната енергија

Годишно според нив може меѓу 220 и 430 тераватчасови да се добијат од хидротермални извори, односно делови од почвата на 400 до 5000 метри длабочина под површината на земјата. Таму термалната вода има температура од 35 до 180 степени Целзиусови. 

Завеси како мини соларни централи

01:28

This browser does not support the video element.

Во зависност од температурата, може различно да се користи, меѓу другото и во голем дел во производството на прехранбени производи, дрвната индустрија и за производство на хартија. 

Површинската геотермија е друг тип на користење на температурата од околината, пред сѐ за греење или ладење на помали објекти. Во планот се наведува како дополнителна опција исто како и т.н. петротермална геотермија при која површинските води се загреваат во длабоки слоеви почва и повторно се екстрахираат. 

48 до 60 милијарди евра до 2030

Само хидротермалната геотермија може – „според конзервативна проценка" - да покрива околу 25% од германските потреби за 1400 TWh годишно, рече Браке при онлајн претставувањето на планот пред речиси 300 учесници од политиката, медиумите и стручната јавност. Советот од научниците за политичарите е брзо да се делува, да се создаде солидна законска и општествена основа за да се даде правна сигурност на можните инвеститори. За проектот се потребни 2-2,5 милијарди евра про гигават топлински капацитет. Ако капацитетот на искористеност, како што предлагаат авторите на планот, се развие од денешните 0,4 гигавати на 24 гигавати до 2030, тоа се 5 до 7,5 милијарди евра годишно, односно доволно за 100 TWh топлинска енергија годишно. Во 2040-тите со трикратен капацитет би се користел полниот потенцијал. 

Начин да се намали зависноста од увезена енергија

Тоа значи дека ни пресвртот со топлинска енергија нема да биде евтин. Но, во споредба со алтернативите и не се чини толку многу. Мартин Пент од Институтот за енергија и истражување на околината од Хајделберг смета дека користењето на топлински пумпи долгорочно би чинеле двојно повеќе отколку геотермалната топлина. 

Во недостиг на сопствени ресурси, Германија според студија на Центарот за истражување Јилих, во 2018. потрошила околу 63 милијарди евра за увоз на енергија и на тој начин покрила околу 71 процент од потрошувачката. Користењето домашни извори оттаму има и геополитичка димензија оти и случувањата со Русија покажуваат колкав потенцијал за конфликт има енергетската зависност, меѓу другото и поради тоа што цените тогаш може многу да растат.  

Во својот план авторите ја нагласуваат и економската страна. „Геотермалната енергија беше уште пред порастот на цената на гасот конкурентна, дури и во споредба со  фосилните извори”,  вели Браке. 

Проценката на цената на 30 евра по киловат час се темели на практични примери, кои досега ги има пред сѐ на југот на Германија, меѓу Фрајбург и Франкфурт на Мајна и во околината на Минхен со околу 10 милиони жители, каде геотермалната енергија успешно се користи. Слични услови научниците претпоставуваат дека има и на северот на земјата и тоа особено во пределот околу Хановер и Берлин и Рурската област, најгусто населениот дел од Германија.

Геотермалната енергија замена за јагленот 

Токму таму, во електраната за јаглен Вајсвајлер, одделот на Фраунхофер што го раководи Браке, сака да формира технички центар. Првично треба да се истражи потенцијалот на регионот, па потоа да се развиваат технологиите за истражување, дупчење и користење. Во перспектива таму би можеле да се обучуваат квалификувани работници, вели Браке за ДВ. Според планот, до 2030 година може да се отворат до 240.000 работни места во геотермалната индустрија доколку се спроведат плановите за проширување. 

Но, Вајсвајлер не е наменет да биде исклучиво центар за истражување, нагласува Браке, туку и пример за најдобра пракса: „Ако сè оди онака како што го замислуваме“, вели Браке, „ќе има непречен премин од енергија од јаглен на геотермална енергија, со која потоа ќе се снабдува регионот со централно греење“. 

Сепак, оваа технологија не е целосно неспорна. Особено кога станува збор за спроведување на проекти во внатрешноста на градот, загриженоста мора да се сфати многу сериозно за да може да се работи на нејзино прифаќање, нагласија авторите за време на презентацијата. Сепак, Браке за ДВ вели дека опасностите од оштетувања или земјотреси поради дупчењето се добро проверени и се мали доколку има правилна изведба на процесот. Во секој случај, тоа е значително понизок ризик отколку што е генерално случај кога се ископуваат фосилни извори. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми