Германец шпионирал во Грција за турска сметка
4 август 2013Уапсениот и‘ признал на грчката полиција дека фотографирал воени објекти на островот Хиос откако пет лица, за кои верува дека биле од турска националност, му понудиле по 1.500 евра за секоја фотографија.
Полицијата се сомнева дека лицето работело за турската тајна служба. Лицето живеело на грчкиот остров, кој се наоѓа во близина на брегот на Турција, во последните четири години, а тајно ги снимало воените касарни во последните три години.
72-годишникот бил уапсен во петокот и е соочен со обвинение за шпионажа. Портпарол на германското МНР соопшти дека биле запознаени со случајот и се обидуваат да стапат во контакт со нивниот државјанин. Од Турција засега нема коментар за случајот.
Грција и Турција имаат долга историја на заладени односи кои во неколку наврати можеа да прераснат во отворена војна, последен пат во 1996 година поради конфликтот за еден ненаселен остров во Егејското море.
Полицијата соопшти дека кај уапсениот пронашла камери, компјутери, карти и очила со вградени камери, како и електронска пошта која укажува дека минатата недела испраќал податоци за грчките воени бродови и опрема на островот Хиос.