1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпан се брани по нападите околу неговите изјави за Балканот

ЕМФ
27 мај 2021

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ги отфрла критиките на своја сметка поради изјавите за поврзаноста на патувањето на Балканот и ширењето на заразата со коронавирус во Германија.

Deutschland Bundeskabinett
Фотографија: Odd Andersen/AFP/dpa/picture alliance

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан останува на своето - луѓето кои патувале на Балканот и во Турција минатата година придонесле за зголемување на корона-инфекциите. Тој ги погледнал уште еднаш извештаите на институтот „Роберт Кох“ од 2020 година и, како што вели, „кога ќе ги погледнете земјите каде што се случиле инфекциите, меѓу првите десет земји се пред сѐ држави од Западен Балкан и Турција, како и типичните туристички дестинации на Германците“, изјави Шпан вчера за телевизијата РТЛ.

Претходно, албанскиот премиер Еди Рама остро го нападна Шпан поради неговите изјави дадени за весникот „Билд ам Зонтаг“ на викендот, кога рече дека минатото лето „патувањата во странство, често посети на роднини во Турција и на Балканот, кај нас, во фази, предизвикуваа околу 50% од новите инфекции“. Рама за „Билд“ коментираше: „Еден германски министер за здравство би требало да се грижи за вакцинација на германското население, а не да создава стереотипно расположение против Балканот, за очигледно да го одбрани лошиот биланс (во пандемијата, н.з.)“.

Според Рама, „скандал е што еден германски министер јавно го прозива Балканот и со тоа ги девалвира луѓето со миграциско потекло. Нема да дозволам Албанија да се претставува како ризично подрачје за патување на одмор, нема бројки кои тоа го докажуваат“, рече албанскиот премиер.

Изјавите на Шпан (д.) се скандалозни, смета албанскиот премиер Рама (л.)

Реагираше и турската заедница во Германија. Заменикот претседател на Турската заедница, Серхат Улусој оцени дека Шпан „става под генерално сомневање цели групи од населението“ и „ѝ отвора врата на стигматизацијата“. „Вториот бран е создаден дома и добар корона-менаџмент изгледа поинаку“, вели Улусој, кој оценува дека Шпан сака „изборна борба по секоја цена и врз грбот на луѓето“.

Повеќе:

Дали коронавирусот во Германија доаѓа од Балканот?

Со изјавите на Шпан се занимава и германскиот печат, а според истражувањето на весникот „Тагесшпигел“, тие се „содржински во најмала рака недокажани и веројатно погрешни“. Според весникот, замена на поими води до погрешни заклучоци. „Од сите инфекции се препознава и пријавува само дел - минатото лето многу помалку отколку сега, затоа што тогаш немаше на располагање брзи тестови и се тестираше многу помалку. За оние кои се враќаа од одмор, меѓутоа, од август 2020 година беа понудени бесплатни тестови, а балканските држави, како и Турција, важеа за ризични подрачја. Оттука, инфекциите меѓу оние кои се враќаа од овие земји веројатно беа многу повеќе регистрирани, отколку кај остатокот на населението, што создава крива слика“, напиша весникот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми