Германија: Барања корона-тестовите да се плаќаат од свој џеб
ЕМФ | агенции
27 јули 2020
Оние кои заминале на одмор во странство можат при враќањето во Германија да направат бесплатен тест за коронавирус. Тестовите се доброволни, но има барања тие да бидат задолжителни, па и да се плаќаат од свој џеб.
Реклама
Тестовите за корона за лицата кои патувале и се враќаат во Германија се бесплатни и се спроведуваат на доброволна основа. Но, повиците за воведување обврска за тестирање, посебно за оние кои престојувале во ризични региони, се сѐ побројни.
Премиерката на покраината Мекленбург Предна Померанија, Мануела Швезиг, смета дека тестот треба да биде задолжителен за оние што се враќаат од ризични подрачја. „Препорачувам секој да размисли дали патување во странство е навистина неопходно“, изјави таа за НДР Инфо. Покраинската влада во моментов ја преиспитува можноста за заострување на правилата за карантин, односно за воведување обврска лицата кои се враќаат од одмор и сакаат да избегнат карантин, да приложат два негативни тестови за корона.
Министерката за здравство на Баварија, Мелани Хумл, за АРД оцени дека обрвската е „важна и неопходна“, особено за повратниците од ризични подрачја. Хумл се залага за решение кое ќе се спроведува на сојузно ниво. Мора да се спречи можен втор бран на заразата наесен и притоа оние кои патуваат треба да се во фокусот, рече Хумл.
Слично е мислењето и на шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт. Тој за „Билд“ рече дека тестот треба да е задолжителен за оние кои се враќаат од ризични региони и дека ако за тоа во моментов нема правна основа, таа би требало „да се созададе“.
Либералите одат уште подалеку. Шефот на ФДП, Кристијан Линднер, смета дека тестот не само што треба да биде задолжителен, туку оние кои се враќаат од ризични подрачја би требало и самите да плаќаат за тестирањето. „Оној кој доброволно се изложува на ризик, како турист, тој тогаш треба за тестот и да плати“, рече Линднер за ЗДФ.
Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан претходно соопшти дека во Министерството за здравство се размислува за обврска за тестирање за оние кои се враќаат од одмор, но додаде и дека правните пречки се големи. „Да го обврзете некого на тестирање е посегнување во делот на слободите“, реше Шпан за радиото Дојчландфунк.
Покраинските министри за здравство во петокот се изјаснија за тоа на сите лица кои се враќаат од одмор да им се овозможат бесплатни тестови за корона. Оние што се враќаат од ризични региони би требало за тоа да имаат можност директно по враќањето, односно да можат да се тестираат уште на аеродромите. На некои германски аеродроми, како Келн-Бон, веќе се прават тестови. Оние кои се враќат од региони кои не се ризични можат да направат тест кај лекар или други станици за тестирање во рок до 72 часа по враќањето.
Жртвите на коронавирусот на пазарот на труд
Пандемијата на коронавирусот веќе има катастрофално влијание врз голем број индустрии. Милиони работни места се загрозени, стотици илјади веќе укинати. Издвојуваме некои од досега најпогодените компании и сектори...
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Циркусот остана, уметниците ги нема
Легендарниот „Cirque du Soleil “ поднесе барање за течајна постапка по тримесечен прекин на работата поради пандемијата на коронавирусот. Славниот циркус најави отпуштање на 3.480 од вкупно 5.000 вработени. „Cirque du Soleil“, со седиште во канадски Монтреал, овој потег го образложи со „огромното нарушување и присилно затворање на шоуто како последица на пандемијата на Ковид-19“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Düren
„Ербас“ ќе се раздели со 15 илјади луѓе
Европскиот авиоконцерн „Ербас“ предупреди на масовни укинувања на работните места. Тој има намера да укине околу 15.000 работни места поради падот на побарувачката како последица на пандемијата. Еден од шест вработени би можел да го загуби работното место во одделот за транспортни авиони - најважниот и најголемиот во „Ербас“. Само во Германија треба да се укинат 5.100 работни места.
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Турбуленции за „Луфтханза“
Најголемиот авиопревозник во Германија, е заробен во турбуленции поради коронавирусот. Авиоконцернот беше исклучен од индексот на акции Дакс, во кој членуваше 32 години. „Луфтханза“ ќе добие 9 милијарди евра директна финансиска помош и државни гаранции за заем, но 26.000 работни места се изложени на ризик. „Во случај на опасност, ние ве спасуваме вас, а кој ќе нè спаси нас?“- прашува стјуардесата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
На едно небо
Британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ планира да укине 12 илјади од вкупно 42.000 работни места. Нејзиниот француски ривал „Ер Франс“ ќе отпушти над 7.500 вработени поради пандемијата. Британската авиокомпанија „Изи џет“ предвидува од долгорочен пад на побарувачката. Концернот планира да го намали бројот на вработените за 30 проценти - околу 4.500 луѓе може да ги загубат своите работни места.
Иако производителите на автомобили сè уште немаат предвидено застрашувачки сценарија, светскиот пазар на автомобили може да се намали за 18 проценти во 2020 година. Германскиот стручњак за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер веќе изнесе разочарувачко предвидување: околу 100 илјади работни места во Германија се изложени на ризик. Автомобилската индустрија во земјата вработува 800.000 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Тешка опрема
Германскиот концерн „MTU Aero Engines AG“ планира да го намали бројот на вработени за 15 проценти. Производителот на мотори за авиони, со седиште во Минхен, вработува 10.000 луѓе низ целиот свет. Околу 1.500 места се под закана за укинување. Во 2019 година компанијата беше во топ-лигата на индексот на акции Дакс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MTU Aero Engines AG
Отпаѓа ли модата?
Седењето дома и забраната за масовни настани обесхрабри многумина да купуваат нова облека. Падот на потрошувачката се почувствува во трговијата. Германскиот концерн „Галерија Карштат Кауфхоф“ затвори околу 80 од своите 170 стоковни куќи, кои главно продаваат облека. Повеќе од 5.000 од вкупно 28.000 вработени ги загубија работните места.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich
Сите на одмор
Еден од најголемите светски туристички концерни „ТУИ“ најави укинување на 8.000 работни места како последица на пандемијата. Менаџментот на компанијата, која веќе доби финансиска помош од германската држава, соопшти дека овие мерки се неопходни за да се зачуваат претставничките канцеларии на концернот во светот. „ТУИ“ очекува дека така ќе ги намали административните трошоци за 30 насто.