1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара од инженери до негуватели

Н.Рујевиќ/Л.Арапи / нд
13 октомври 2016

Фактите се преплетуваат со дезинформации и митови кога се работи за можноста на граѓаните од Македонија и другите балкански земји за работа во Германија. Сепак, за оние со бараните квалификации, постојат добри можности.

Symbolbild Jobs
Фотографија: Fotolia/bluedesign

Не поминуваат ни неколку дена, а во медиумите од земјите во Западен Балкан да не се објави по некој текст, за наводно, големите можности за вработување во Германија. Се прикажуваат сведоштва од луѓе кои успеале, форумџии кои на другите им препорачуваат да спакуваат сѐ во два куфера и да тргнат, а неретко има и фантастични приказни дека сѐ оди брзо и лесно, без каква било бирократија и дека економски најмоќната земја во Европа, ете, само чека да ги вработи. Така, албанските медиуми, неодамна јавија дека 46.000 работни места во Германија се резервирани само за луѓе од Косово и Албанија. На крајот излезе дека дел од приказната е чиста научна фантастика.

„Изворот на тие бројки кои се споменати е интернет страницата 'Make it in Germany'. Тоа е официјален, повеќејазичен, онлајн портал наменет за странска стручна работна сила, а го води германското Министерство за економија и Сојузната агенција за работа“, објаснува Кеа Декер, раководителка во централата на германската Агенција за работа. Декер за Дојче веле го разбива митот дека работните места во Германија се „резервирани“ само за државјаните на една земја: „Сите работни места на овој портал, во Агенцијата за труд беа понудени од германски компании, како работни места кои треба да се пополнат со работници од странство. Понудата е отворена за сите заинтересирани кои ги поседуваат потребните квалификации и не е упатена исклучиво кон албанските граѓани“.

Кој е на „позитивната“ листа?

Страницата „Make it in Germany" постои и на српски јазик и на сите заинтересирани, преку неколку кликови, им овозможува да дојдат до препорака за работни огласи. Во зависност од тоа дали сакате да работите, студирате или научите занает и во зависност од која земја доаѓате и каде сте ја стекнале дипломата, алгоритмот ви ги препорачува најдобрите опции. Теоретски, овде можат да се пријават и Германци, но Кеа Декер објаснува дека споменатите 46.000 непополнети работни места се во оние области каде на Германија ѝ недостигаат стручњаци. Германските работодавачи имаат правна основа да вработат луѓе од странство, само кога е докажано дека во земјата нема доволно стручњаци во некоја област.

„Помеѓу високообразование пред сѐ, се бараат работници од т.н. МИНТ-занимања, т.е. од областа на математика, информатика, природни науки и технички науки. На Германија, пред сѐ, ѝ требаат добро квалификувани работници. Но, за некој да добие работа во Германија, не е задолжително да биде високо образуван“, објаснува Декер. Потсетува дека пред три години е олеснето доаѓањето и на оние со средно образование доколку нивното занимање стои на т.н. „позитивна листа", имаат соодветна диплома која е призната во Германија и понуда за конкретно работно место. На „позитивната листа“ неколку години наназад се бараат негуватели на стари лица, водоинсталатери, железничари, ѕидари, заварувачи, електричари, програмери...

Сојузната агенција за работа заедно со Министерството за економија го води порталот „Make it in Germany“Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

Наместо барање азил

Олеснувањето на пристапот на пазарот на труд во претходниот период беше рекламиран во Србија и останатите земји од западен Балкан кои, сѐ до почетокот на бегалската криза беа главните земји на потекло на барателите на азил. Сега Србија, Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора се на листата на т.н. „сигурни земји на потекло“, а Берлин настојува на нивните граѓани да им ги приближи легалните начини на доаѓање и останување во Германија. Оние кои сепак се одлучуваат да побараат азил имаат мали шанси: „Не е можен пристап на германскиот пазар на труд доколку дозволата за престој не се базира на признавање на статусот на бегалец или статус на чекање“. Помалку од 1% од барателите на азил од Западен Балкан навистина добиваат азил во Германија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми