1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројот на кривични дела се намалува, стравот се зголемува

8 мај 2018

Германија е една од најбезбедните земји во светот. Најновите податоци од полициската криминалистичка статистика тоа го потврдуваат. Сепак, многу луѓе се чувствуваат понебезбедно од кога и да е досега. Зошто?

Symbolbild Polizei Deutschland
Фотографија: Imago

Кога министерот за внатрешни работи порано ја презентираше полициската криминалистичка статистика, тоа беше маргинална информација. Од почетокот на бегалската криза работите се променија. Многу очи денеска се завртени кон министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер. Ова е првпат Зехофер да презентира статистички податоци за кривичните дела во Германија, а веќе има повеќе наслови кои се соодветни за информацијата: „Најголемо намалување на криминалот во последните 25 години“, „Упадите во станови во Германија се намалени за една петтина“ или „Насилството на младите во голем пад“.

Но, вакви наслови ретко кој ќе прочита. Или можеби воопшто нема да ги прочита. Зашто, Германија во 2018 година е сосема поинаква земја. Зашто емоциите сѐ почесто се поважни од фактите. И, зашто само лошите вести се вредни за информација.

Кристијан Пфајфер е експерт во сферата на анализирање на полициската статистика. Тој е најпознатиот германски криминолог, беше директор на Криминолошкиот истражувачки институт на Долна Саксонија и министер за правда (СПД) во долносаксонскиот покраински парламент. Дали тој има одговор на прашањето - зошто многу Германци денес се чувствуваат понесигурно, иако кривичните дела во 2017 година во споредба со претходната година се намалиле за добри 10 проценти и паднале на 5,76 милиони?

„Медиумите го засилуваат чувството на несигурност“

„Се разбира дека тоа од една страна е медиумски феномен, 'Само лошите вести се добри вести'“, вели Пфајфер, кој како можно објаснување препорачува и да се фрли пголед врз телевизиската програма. „Тотално е лудо. Нема вечер, а да не се прикажуваат криминалистички филмови. Преплавени сме со убиства.“ Оттука, не е за чудење што луѓето генерализираат, а нивното чувство за сигурност е под влијание на сето тоа, иако насилничките кривични дела минатата година многу се намалиле.

Второ, тука се емоциите. „Во Германија е присутно чувство на несигурност затоа што во земјата имаме толку многу туѓо. Загубено е делче од родината, делче од чувството на заштитеност“, констатира Пфајфер. Германија во моментов само минува низ она што го доживува секоја доселеничка земја кога наеднаш ќе пристигнат многу имигранти: „Фаза на несигурност, затоа што луѓето низ децениите научиле дека странците може да бидат и опасни.“ Чувството на несигурност е поголемо особено во големите градови, каде бројот на доселеници во последните години е значитечно зголемен, и тоа не поради зголемен криминал, туку поради „чувството на загуба на родниот крај“.

Фотографија: Fotolia/lassedesignen

Лицата со признат стаус на бегалец сега статистички се вброени во категоријата доселеници

Странците, значи доселениците, сега во полициската статистика се под лупа. Споредби со претходните години е тешко да се прават, затоа што сега лицата со признат статус на бегалци, како политички прогонуваните лица, се ставени во категоријата доселеници. Како доселеници важат и барателите на азил, толерираните лица, „недозволено присутните“, лицата со супсадијарна заштита (по правило бегалци од граѓанска војна), како и малкуте бегалци пристигнати во Германија во контингенти, преку програмите за помош во земјата.

Навистина, има повеќе случаи на осомничени бегалци отколку што е нивниот процентуален удел во вкупниот број граѓани, и тоа во делот на џепни кражби, силување или сексуална принуда, опасни или тешки телесни повреди, кражби и упади во станови. Но, за тоа има и причина: „Странците се двапати повеќе изложени на ризик да бидат пријавени отколку што се тоа Германците“, објаснува Пфајфер.

#DE_facto: „Забранети зони“ во Германија?

02:54

This browser does not support the video element.

Проблематична група - млади мажи

Она што е важно во криминалистичката статистика е возраста и полот на осомничените за кривични дела. „Младите мажи на возраст меѓу 14 и 30 години веќе во 2014-та, значи пред бегалската криза, беа најпроблематична група. Тогаш половината од осомничените беа млади мажи, а нивниот број во вкупното население изнесуваше 9%. Сега секој четврти воен бегалец е млад маж, кај доселениците од северна Африка дури и секој втор. Млади мажи, значи, кои често немаат перспектива да останат во Германија и чии жени се останати во татковината. „Отсуството на жените се забележува многу. Тие се грижат за работите да се одвиваат цивилно. Кога ги нема, мачо-културата добива замав“, нагласува криминологот.

Дали тогаш спојувањето на семејствата е можеби решението за сузбивање на криминалот? Од една страна да, вели Пфајфер, но од друга страна тој има и разбирање за германската влада: „Германија смета дека има граница на услугите на социјалната држава за доселениците. За тоа имам разбирање.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми