1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе пратеници со мигрантско потекло

Лиза Хенел
1 октомври 2021

Новоизбраниот Бундестаг со 735 пратеници ќе биде навистина голем, но и разнолик. Бројот на пратеници кои потекнуваат од доселенички семејства е зголемен. Нова шанса за новиот парламент.

Deutschland BTW 2021 Armand Zorn SPD
Арманд Цорн помина долга и макотрпна кампањаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture-alliance

Кога Арман Цорн првпат влезе во пленарната сала на германскиот Бундестаг го обзема чувство на понизност: „Ова е посебна одговорност која ја имам сега и свесен сум за тоа.“ Овој човек роден во Камерун, кој дошол во Германија на 12-годишна возраст, од пред три дена и официјално е избран за пратеник во парламентот за неговата партија СПД.

Цорн е еден од 735-те пратеници кои на парламентарните избори (одржани на 26.09) успеаја да влезат во Бундестагот, кој овојпат ќе биде навистина разнолик. „Вчера имавме прв состанок на пратеничката група“, ни раскажа Цорн во телефонски разговор. „Беше навистина убаво да се види таква разноликост. Луѓе со различно потекло, застапеност на мажи и жени, како и луѓе со различни биографии и занимања. Навистина убава глетка.“ 

Цорн со своето мигрантско потекло е во добро друштво, заедно со пратеници и од други партии. Истражување на Информативната платформа за новинари за теми од сферата на интеграцијата во врска со мигрантското потекло на пратениците покажа дека 83 од новоизбраните пратеници имаат мигрантски корени, односно или тие, или барем еден нивен родител не добил германско државјанство со раѓање.

„Забележуваме позитивен развој во однос на разновидноста во Бундестагот,“ вели Дениз Нергиз, раководителка на Сојузниот совет за доселување и интеграција за ДВ. „Уште попозитивно е што сега има и сѐ поголема разноликост во самите групи. На пример, сега имаме повеќе афрогермански политичари, како и пратеници со турско потекло“, вели таа.

Левичарските партии се поразновидни

Најмалку 11,3% од пратениците сега имаат мигрантско потекло, што е зголемување во однос на претходниот парламентарен состав, каде уделот беше само 8,2%. Според истражувањето на Информативната платформа за новинари за теми од сферата на интеграцијата, Левицата има најголем број на пратеници со мигрантско потекло - 28,2%, додека на дното на листата се партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, со  4,6%. СПД на Арманд Цорн на оваа листа е на второ место – 17% од нејзините пратеници се со мигрантски корени. Цорн не е изненаден. „Верувам дека е дојдено времето за такви промени. Партиите мора да се отворат. Сè уште не сме го постигнале тоа што го сакаме по ова прашање, но мислам дека партиите ја разбраа потребата од промени.“

Тоа може да го потврди и Дениз Нергиз, чиј докторат е на темата за политичарите и политичарките со мигрантско потекло: „Партиите отворија повеќе простор за луѓето со мигрантско потекло. И овојпат партиите не само што ги ставија како директни кандидати, туку им дадоа ветувачки места и на партиските листи што секако им го олесни влезот во парламентот.“

Во изминатите децении тоа не беше така. Кандидатите со мигрантско потекло најчесто беа на дното на листите со речиси никакви шанси да влезат во Бундестагот. На овие избори тоа се промени.

Во Бундестагот ќе седат повеќе пратеници со мигрантско потекло отколку досегаФотографија: picture alliance/dpa/P.Zinken

Повеќе шанси и признание

Арманд Цорн помина долга и макотрпна кампања. Многу беше активен во својата изборна едница и водеше кампања од врата до врата. На крајот сето ова му се исплатеше – во неговиот град Франкфурт успеа да освои директен мандат против кандидатот од ЦДУ. Исто како и кандидатот на Зелените, Омид Нурипур.

„Ова е добар знак за Франкфурт и за Германија. Омид Нурипур како 13-годишно момче дошол во Германија од Иран, а јас на 12 години дојдов од Камерун. Тоа што двајцата во 2021 година успеавме да освоиме директни пратенички мандати нѐ прави многу горди, но и исправени пред голема одговорност,“ вели Цорн. Тоа исто така му дава и „сигурност за иднината, бидејќи покажува дека нашето општество е разнолико општество во кое не е важно од каде доаѓате, туку во кој правец се движите.“

Во изминативе недели Цорн доживеал многу позитивни искуства. „Во предизборната кампања особено ме израдува тоа што бојата на мојата кожа не беше во фокусот. Поважна беше мојата личност, кој сум јас, а не тоа што сум црнец. Мојата компетентност во делот на дигитализација, економска и финансиска политика беа темите за кои разговаравме. Многу повеќе ме прашуваа за тоа што сакам да го спроведам доколку бидам избран.“

Повеќе:

Има ли место во Бундестагот за граѓаните со мигрантско потекло

За кого гласаат луѓето со мигрантско потекло во Германија?

XXL Бундестаг - бројот на пратеници станува сѐ поголем

Во основа е важно политичарите и политичарките со мигрантско потекло да не се гледаат како „засегнати страни“, вели социологот Нергиз, туку како „сосема нормални германски политичари и политичарки со компетенции во различни области.“

Дали Бундестагот е токсичен за жените?

01:45

This browser does not support the video element.

Истовремено, токму овие пратеници придонесуваат одредени теми поврзани со миграцијата поинаку да се третираат во Бундестагот и да им се даде поголемо значење. Политичарот „сигурно сосема различно ќе разговара на тема - состојбите во сместувалишта за азиланти со човек кој можеби е пораснат таму“, вели Нергиз.

Нова генерација пратеници

Пратеникот на СПД, Цорн со 33 години е дел од помладите парламентарци во Бундестагот. За социологот Нергиз ова не е ништо невообичаено: „Ако ја погледнете листата на новоизбраните лица со мигрантско потекло ќе видите дека има многу млади луѓе кои зад себе веќе имаат изградено значителни кариери.“

Во новиот парламент има серија млади пратеници со мигрантски корени. Една од нив е и 34-годишната Санае Абди од Келн, која веќе 12 години е активна во СПД и ја раководи локалната единица.

„Оваа нова генерација има многу повеќе предности во однос на првата или втората генерација мигранти,“ вели социологот Нергиз. „Најголемиот дел од нив се школувани и социјализирани во германскиот образовен систем и имаат изградено друг тип мрежи на контакти. Има и натпартиски мрежи кои ги поддржуваат нивните кариери.“

Арманд Цорн, на пример, има поддршка од граѓанската иницијатива „Сосема нов Бундестаг“ – група граѓански активисти кои финансиски и логистички поддржаа единаесет кандидати во изборната кампања за Бундестагот. Тројца од овие единаесет успеаја да станат пратеници.

Сѐ уште има пречки

И покрај позитивниот развој, сѐ уште има многу пречки за луѓето со мигрантско потекло во Германија, вели Нергиз и потсетува на случајот на Тарек Алаовс, кој ја повлече својата кандидатура поради бројните расистички испади насочени кон него.

„Многу луѓе со миграциски корени делат вакво искуство и легитимно е што се плашат и се повлекуваат од овие причини. За жал, партиите досега немаат најдено одговор како расизмот да не биде пречка за политички ангажман.“

Сега ќе се покаже дали позитивниот тренд во новиот Бундестаг ќе продолжи и дали темите како учество, придонес и застапеност ќе бидат реално наметнати, вели Нергиз, на пример со тоа што ќе станат дел од условите во преговорите за нова влада, или ќе се предвидат високи функции за лица со мигрантско потекло. Ова, второво, може и да се случи. Претседател на Бундестагот, формално втора по ранг функција во Германија по претседателот на државата, според информациите кои кружат, би можела да стане и пратеничката од СПД, Ајдан Озоѓуз.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми