1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто многу Германци не се вакцинираат?

16 септември 2021

Споредено во европски рамки, во Германија се вакцинирани релативно малку луѓе против коронавирус. На што се должи тоа?

Deutschland | Corona-Impfaktion der Stadt Köln
Фотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Одговорните политичари ѕвонат за аларм – процентот на комплетно вакцинирани луѓе против коронавирус во Германија со денови стагнира на околу 62%. Премалку за мирно да се дочека зимата и растечките можности од инфицирање, првенствено со Делта варијантата. За подобра подготовка би била потребна квота од преку 85% до 90%.

Само мал број стриктни противници на вакцинацијата

Според сознанијата на институтот „Роберт Кох“, само мал број од луѓето во Германија се антиваксери, околу пет до десет проценти. Но, многу граѓани, без оглед на постоењето бројни центри за вакцинација и покрај можноста да се вакцинираат кај матичниот лекар, уште се несигурни дали тоа сакаат да го направат.

Тоа фрустрирано го истакна и берлинскиот градоначалник Михаел Милер на почетокот од неделава: „Стигнав до точка каде мислам дека како политика искористивме сѐ што може да се направи како поттик.“

Претседателот на Лекарскиот сојуз, Франк Улрих Монтгомери е загрижен: „За да го скршиме четвртиот бран пред да стане драматичен, секаде каде може треба да се воведе правило 2Г“, изјави Монтгомери во интервју за весниците од медиумската група Функе. Правило 2Г значи: присуство на манифестации, влез во ресторан или други забави само за вакцинирани и оздравени. Во Хамбург тоа се применува на пример во клубовите и баровите.

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан минататанедела отворено ја спомена опасноста од „пандемија на невакцинираните“, најавувајќи ја широката акција за вакцинирање, која неделава во понеделникот. Во нејзини рамки се одвиваат мноштво креативни акции, како вакцинирање пред спортските стадиони, во пешачките зони и пред продавници.

Вакцинирање во воз во Берлин - многу медиуми и интерес, малку вакциниФотографија: Benjamin Alvarez/DW

Креативно вакцинирање во воз или трамвај

Со идејаслична на онаа на Шпан, од минатата недела во Берлин и Дојче бан спроведува акција за вакцинирање: луѓето тоа можат да го направат за време на возењето. Но за акцијата на располагање биле само 100 дози од вакцината Џонсон и Џонсон, а на интернет било соопштено дека ќе ја добијат оние кои ќе бидат први. Се покажа дека интересот е голем. Меѓу оние кои чекаа на перонот го сретнавме Андреа Ресинг. За Дојче веле тој изјави: „Си помислив, зошто да не? Кога веќе се врши вакцинирање пред воз или трамвај... Покомотно е отколку да се оди кај лекар, па треба да се закажува термин.“ На крајот Ресинг остана разочаран - додека тој стигна на ред, вакцините се потрошија. Прашање кое оправдано се поставува е зошто не биле донесени повеќе.

Германија во средината по стапката на вакцинирани

Креативни акции за вакцинирање низ целата земја во последно време не изостануваа: од супермаркети, до фудбалски стадиони – луѓето насекаде ја имаа можноста. Но, квотата стагнира, бројот на новоинфицирани расте, исто како и на оние на болничко лекување, иако со помала брзина.

Според стапката на вакцинирани, Германија се наоѓа во средината на листата во ЕУ. Поголем број земји како Малта, Данска и Франција се подобри од Германија, но земји како на пример Бугарија се многу полоши. И – во Германија се вакцинирани повеќе луѓе отколку во САД или Бразил.

Дамен: Вакцината да стигне директно до луѓето

Пратеникот од Партијата на Зелените, Јанош Даман, кој до ноември 2020 работеше во Берлин како лекар за итна помош, вели дека постојат подобри концепти како да се стигне до колебливите. „Недостигаат понуди за вакцинирање, концентрирани на раните утрински и доцните вечерни часови. Или на постојките за јавниот превоз, да се врши вакцинирање речиси во од.“

Исто така е важно на луѓето да им се остави избор на вакцина. „На луѓето треба да им дадеме чувство дека сами ја држат работата во своја рака, сами да решат која вакцина да ја добијат. Мораме да одиме со мобилни екипи во селата, а треба да се вакцинира и пред центрите за тестирање."

Токму тука може да се сретнат невакцинираните, на кои сега во многу покраини им е потребен тест за, на пример, да влезат во ресторан.

Сомнеж во новите вакцини

Многумина се недоверливи на пример кон новите иРНК вакцини, како онаа на Бионтек/Фајзер, зашто не се базира на начинот на кој функционираат досегашните вакцини – на внесување мало количество на предизвикувачот на болеста, вели Даман. А тоа на луѓето им е познато од вакцинирањето против грип. Голема шанса е вакцината на Џонсон и Џонсон, од која е потребна само една доза.

„Моето искуство како лекар, а тоа ми го пренесуваат и многу колеги, е дека за луѓето кои се плашат  или имаат задршки, е важна токму Џонсон и Џонсон вакцината, зашто е потребна само еднократна доза.“

Потребно е вакцината да се донесе до луѓето, не обратно, смета Даман. Тој укажува и на нешто друго – многу луѓе мислеа дека ним можеби нема ништо да им се случи, иако не се вакцинирани и и покрај растечките бројки на инфекции. Ним политиката треба да им пристапи на јасен начин: „Во следната година, поради глобалниот развој, ќе се заразат сите луѓе кои не се вакцинирани. Значи, постои избор меѓу инфицирање и вакцинирање.“ 

Реченица која постојано ја користи и сојузниот министер за здравство, иако досега со умерен успех, што се однесува на колебливците. Но, владата одбива задолжително вакцинирање за медицинскиот персонал, како на пример во Франција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми