1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Привилегии за вакцинираните во Германија?

ЕМФ | агенции
26 јули 2021

Како што се зголемува бројот на новоинфицирани со коронавирус во Германија, така се заострува и дебатата околу рестрикциите. Дали тие треба да важат само за невакцинираните, е прашање околу кое се полемизира најмногу.

Deutschland | Corona-Impfaktion der Stadt Köln
Фотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Германија е соочена со можни нови рестрикции поради зголемувањето на бројот на новоинфицирани со коронавирус. Она за што политичарите се расправаат е дали рестрикциите би важеле само за лицата кои не се вакцинирани.

За тоа, на пример, се залага министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер. „Тоа не е дискриминација на невакцинираните“, тврди Зехофер. Тој во интервју за РТЛ/нтв изјави дека го почитува тоа дека некој не се вакцинира од лични причини, „но невакцинираните лица мора да согледаат дека ние како општество мора да се заштитиме и затоа на манифестации и настани ќе можеме да пуштаме само луѓе кои се вакцинирани“.

И претседателот на Сојузот на лекари, Франк Улрих Монтгомери, се залага за поголеми слободи за вакцинираните лица во секојдневието. Нема причина да им ги ускратуваме и натаму основните права на вакцинираните и луѓето кои се оздравени, „само затоа што некои вечни скептици не сакаат да се вакцинираат“, оцени Монтгомери за весниците од медиумската групација Функе. Не станува збор за привилегии за вакцинираните, туку за ограничување на основните права, тврди Монтгомери.

Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Ламбрехт е против дискриминација на невакцинираните

Шефот на Канцлерамтот, Хелге Браун, ја отвори дебатата за можни ограничувања за невакцинираните во случај Германија да се соочи сочетврт корона-бран. „Тоа може да значи и дека одредени работи, како посета на ресторан, одење во кино или на стадион, веќе нема да бидат можни за невакцинираните тестирани лица, затоа што преостанатиот ризик е преголем“, изјави тој за „Билд ам Зонтаг“.

Повеќе: Германија: Олеснувања за вакцинираните и оздравените

Министерката за правда и за семејство Кристине Ламбрехт е против дискриминација на невакцинираните. Според неа, вакцинираните, оздравените и тестираните лица треба и натаму да имаат еднаков третман кога станува збор за пристап до манифестации и настани. Но, откако секој ќе добие понуда за вакцина, треба да се постави прашањето - зошто сите да плаќаат за овие тестови, изјави Ламбрехт, која сепак смета дека не треба да постои обврска за вакцинирање. „Нема да постои генерална обврска за вакцинирање“, рече таа за Дојчландфунк.

Повеќе: Привилегии за вакцинираните: Прашање на солидарност

Сличен е ставот и на кандидатот за канцелар од партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Армин Лашет. „Не сум за обврска за вакцинирање и не сум за тоа да им се врши индиректен притисок на луѓето за да се вакцинираат“, рече тој во интервју за ЗДФ.

Против ограничувања за невакцинираните се изјасни и лидерот на Либералите, Кристијан Линднер. Тој бара продолжување на стратегијата за тестирање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми