1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Германија во летен кошмар

Јоша Вебер
29 јуни 2018

Германското испаѓање од Мундијалот се вклопува во целата слика: екс-светскиот фудбалски и првак во извоз делува пасивно неодлучен и мора да гледа како други диктираат игра. Тоа е и проблем на лидерство, смета Јоша Вебер

Angela Merkel und Joachim Jogi Löw
Фотографија: Getty Images/A. Rentz

На стадионот Маракана на 13. јули 2014. се сретнаа двајца германски топ менаџери. Насмеани се шегуваа еден со друг, се пиеше пиво. Од денешна перспектива би можело да се каже дека беше средба на врвот на нивните кариери. Едниот, тренерот на германската репрезентација Јоахим Лев, кој штотуку ја имаше обезбедено четвртата титула за Германија во Рио де Жанеиро. Другиот, канцеларот Ангела Меркел, која со вториот најдобар исход од 1990. на избори го започна својот трет мандат, меѓународно уживаше голем углед и на истражувањето на јавното мислење покажа најголема популарност кај својот народ.

Во кабината со мозаик од бели камчиња на германската репрезентација ја славеа тренерот, екипата и менторите победата на светското првенство, а Ангела Меркел секако дека им се придружи, во придружба на тогашниот претседател на Германија, Јоахим Гаук. Од почетокот на нејзиното владеење постојано одржуваше контакти со репрезентацијата, свесна за ПР- ефектот што го има таквата блискост. Нејзината врска со Лев сепак ги надминува моментите на фотографирање за јавноста, тие имаат меѓусебна почит и редовно се среќаваат на вечера во кабинетот на канцеларката. Можно е следната пролет да биде последна таква средба меѓу двајцата на тоа место.

Повеќе: 

Зошто Јоахим Лев сега треба да поднесе оставка

Пресметка со системот Меркел: Последни денови на царицата?

Раскарана Германија

Две германски икони се пикнати во ќош. Лев по катастрофалниот пораз на репрезентацијата на светското првенство во Русија се соочува со сѐ погласни барања за оставка. Меркел пак одамна е навикната на тоа, но ново е што сега се случаат и од нејзините редови во завиена форма. Отворената кавга на двете сестрински партии од Унијата околу приемот на бегалци кои веќе биле регистрирани во други земји- членки на ЕУ и поразот на репрезентацијата немаат на прв поглед никаква врска едно со друго. Но, во двата настани се отсликува едно расположение кое актуелно владее во Германија, па дури и ја поделува. Чувството на припадност, на „ние”, од летото 2014-та одамна го нема.

Сега се зборува за тие и ние, секој има свое мислење, за бројот на бегалци, за прашањата на јавната безбедност, за интерграцијата на фудбалерите со миграциско потекло во германската репрезентација. Германија е раскарана. Некои на кои не им се допаѓаше лидерството на Германија сега многу се радуваат на испаѓањето на Германија од првенството. Сеирџиството и натаму е изгледа најголемата од сите радости.

Јоша Вебер

Германската криза е од домашно производство

Сето тоа не смее да го одвлече вниманието од едно битно сознание: германската криза си има корени на домашен терен и тоа во сите сегменти. Германските производители кои важеа за пример за останатата индустрија ги промашија иновациите и мислеа дека може да си дозволат секаква измама на клиентите. Конечно, тие се водечки на пазарот во светски рамки и на домашен терен- светост. Германската политика под Меркел предолго ги игнорираше европските и германските критичари, не делуваше, ги гледаше противниците додека се групираа и сега – навидума наеднаш – остана изолирана настрана! Германскиот фубал пак и покрај примерите од Шпанија, Италија и Франција кои требаше да бидат предупредување дека не се спие на стара слава, ги игнорираше фрапирачките грешки при подготовките за првенството и при мисијата за зачувување на титулата премногу се потпираше на веќе потврдени играчи наместо да им даде шанса на нови, гладни за успех.

Една доза на самобендисаност, држење до познатото, утврдени шеми на однесување и секако и лошата кризна комуникација се очигледните паралели кои се покажуваат во германската криза. Германија изгледа ова лето е премногу зафатена самата со себе. А, тоа е и проблем на лидерство. Ангела Меркел, Јоахим Лев и топ менаџерите од автомобилската индустрија - и покрај сите големи заслуги од минатото – ја изгубија волјата за развој и напредок, глад за успеси, но и чувството за расположението околу нив. Фототерминот Ердоган – Озил – Гиндоган и бескрајната дискусија околу прашањето што всусшност значи интеграција е симбол за тоа. Темата во Германскиот фудбалски сојуз беше несразмерно потценета, а истото се случи и со големи делови од владата во однос на бегалското прашање. Последицата е што народот веќе не стои зад германските икони Меркел и Лев. Мнозинството е за заминување на Лев, а и популарноста на Меркел драстично паѓа. Меркел владее од 2005. година, Лев е селектор од 2006. И двајцата на сцената стапија како аутсајдери, прецизно си го истуркаа патот нагоре, двајцата негуваат смиреност во исказите, но и обајцата важат за тврдоглави. Сосема е можно токму таа особина двајцата да ги симне од нивните позиции.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми