Германија во проблеми поради присилните депортации
29 октомври 2015 Германската влада не успева брзо да го стави во сила својот нов Закон за забрзување на азилот. Нацрт-законот, според кој треба да се забрза враќањето во земјата на потекло, составен пред два месеци и поминат низ парламентот во рок од 48 часа. Законот треба да стапи во сила на 1 ноември годинава. Но, тоа не беше доволно брзо. Во петокот, на 23 октомври, владата одеднаш објави дека новиот закон ќе стапи во сила веќе следниот ден. Новоименуваниот владин координатор за бегалците, Петер Алтмајер тоа го најави како „добар сигнал“.
Сепак, иако во германските медиуми кружеа шпекулации за „масовни прогони“, се покажа дека германската бирократија не може така лесно да отстапи од своето востановено темпо. Во вестите за време на викендот немаше слики од бегалци кои присилно се враќаат во нивните земји.
„Звучи како веднаш да ќе се започне со присилно враќање, но јас тоа не го гледам, тоа е далеку посложен процес“, вели експертот за азилантска политика Барбара Џон, претседателка на сојузот на хуманитарни организации кој брои стотици членки. „Луѓето ќе продолжат да поднесуваат жалби, потврди за болест и сертификати за намалена способност“.
„Нема присилно враќање по секоја цена“
Дури ни на аеродромите депортациите не се неизбежни, вели Кристијана Алтенхофен, портпарол на сојузната полиција на аеродромот во Франкфурт. Полицијата може да го сопре процесот на присилно враќање до последен момент. „Ги контролираме, колку се болни или повредени, или доколку е очигледно дека не можат да го поднесат летот, ги водиме на лекарски преглед“, вели таа за ДВ. „Постои правило кое е над сите: нема присилно враќање по секоја цена. Никакво присилно враќање не е вредно за нарушување на здравјето или нечие достоинство“.
На аеродромите често доаѓа до грди ситуации, раскажува за ДВ адвокатот Ода Јенч. „Има многу случаи во кои присилното враќање едноставно не може да се изврши насила“, вели Јенч која застапува многу баратели на азил. „Постојат случаи во кои според правилата на авио-компаниите ниту едно лице не може да влезе во авионот доколку тоа не го прави доброволно. И тогаш се случува лицето да одбива да влезе- вреска, се фрла на под, не сака да патува. Тоа значи дека присилното иселување не може да се изврши“.
Такви инциденти веројатно ќе има уште повеќе, бидејќи според уредбите на новиот Закон, локалните власти не се должни да ги известат семејствата за присилното иселување.
Полицијата има и специјално обучени службеници кои, доколку е потребно, ги следат повратниците на летовите. Сега тие службеници ќе имаат повеќе работа, бидејќи ќе има повеќе луѓе кои изненадно ќе се враќаат во своите земји. „Морате да бидете многу внимателни. Тие често мораат да ги смируваат луѓето и да им објаснуваат што се случува, бидејќи бегалците се изненадени, а тоа е дополнителен стрес“, вели Алтенхофен.
Сепак, Барбара Џон вели дека луѓето кои останале по истекот на рокот, го кршат законот и полицијата може да користи сила за да ги внесе во авион, а доколку е неопходно, под одредени услови, можат да им бидат врзани и рацете.
Нема брзи решенија
Сепак, според дел од политичарите и експертите, ниту забрзаната депортација нема да го реши проблемот со кој се соочува Германија. Статистиката го потврдува тоа. Според податоците на германското МВР, одбиени се 193 илјади барања за азил, но дури 140 илјади луѓе имаат статус според кој нивниот престој во Германија „се толерира“ (ткн. Дулдунг), што значи дека присилното враќање е невозможно, најчесто од здравствени причини. Оние 50 илјади бегалци кои теоретски би можеле веднаш да бидат присилно депортирани, се само дел од вкупно 800 илјади бегалци за кои се претпоставува дека годинава ќе поднесат барања за азил.