1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во состојба на готовност

Николас Мартин / Е.М. Фиданоска14 ноември 2015

По нападите во Париз седница во Берлин одржува Советот за безбедност. Медиумите јавуваат за засилени безбедносни мерки на симболични места.

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

„Нема конкретни знаци за планови како вчерашните во Париз“, одговори на прашање на Дојче веле прес-службата на Министерството за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија. Сепак, мобилизирани се дополнителни ресурси за да може натамошно да се проценува опасноста поради нападите, вели портпарол на Министерството.

„И ние сме цел“

Известувачите ширум земјата веќе сега информираат за засилени мерки за безбедност на симболични места, како на пример Бранденбуршката порта во Берлин. Експертот за Блискиот Исток Гидо Штајнберг од фондацијата Наука и политика смета дека Германија е дефинитивно загрозена. „Франција, се разбира, е поважна цел, затоа што земјата енормно ги интензивираше своите активности против ИД и учествуваше во воздушните напади во Сирија.“ Но, и Германија е дел од коалицијата против ИД. „И ние сме цел“, нагласи Штајнберг во разговор за Дојчландфунк.

Затоа во Берлин седница одржува Советот за безбедност. Во ова тело, покрај канцеларката, седат и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и за одбрана. Телото се состанува тогаш, кога за тоа има потреба поради безбедносната состојба. Тоа во минатото се случуваше ретко, како на пример по терористичките напади во Мадрид во 2004 година. „Германија, исто како и порано, е на мета на меѓународниот тероризам“ соопшти Министерството за внатрешни работи денеска рано изутрина. Како што се вели, германските безбедносни служби се во тесна соработка со француските колеги.

„Франција позагрозена од Германија“

И претседателот на Конференцијата на министрите за внатрешни работи на покраините, Роџер Левенц, е на мислење дека не е загрозена само безбедноста на Франција: „Знаеме дека Европа е во фокусот на исламистичките терористи и ќе направиме се‘ за да спречиме напад кај нас.“ Во текот на денов е планирана телефонска конференција на покраинските министри за внатрешни работи. Во меѓувреме е познато дека сојузната полиција повторно има воведено селективни контроли на границата со Франција. Тоа, како што се вели од полицијата, е сторено уште во текот на изминатата ноќ.

Германците изразуваат солидарност со ФранцузитеФотографија: Reuters/H. Hanschke

Експертот за внатрешнополитички прашања на пратеничката група на СПД во парламентот, Буркард Лишка, смета дека потенцијалот за терористички напади во Германија е значително помал отколку во Франција. Таму има околу 5000 т.н. „загрозувачи“, односно луѓе од кои произлегува опасност. Во Германија нивниот број е околу 400. „Но, ние не сме поради тоа остров на среќници“, рече Лишка за Дојчландфунк. Сега треба да се оцени кој исламист е само радикален, а од кого произлегува и опасност. „Германија и безбедносните служби во наредните денови ќе мора да си постават многу прашања“, изјави Лишка.

Експертот Штајнберг, пак, нагласува дека во Франција има многу поголема и поагресивна џихадистичка сцена, но таму има и значително поголеми и поефективни разузнавачки служби и безбедносни власти. „Оттука, сметам дека и во Германија има опасност“, оценува Штајнберг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми