1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во трка со Омикрон

Кај-Александер Шолц
29 декември 2021

Германија е во трка со Омикрон - вакцинирањето се одвива со добро темпо, но овој корона-сој се шири во земјата.

Deutschland Kampf gegen Omikron-Variante
Фотографија: Emmanuelle Chaze/DW

Непосредно по Божик омилениот трговски центар „Алекса“ во Берлин е повторно полн - насекаде семејства, групи пријатели и купувачи. Враќање на божиќните подароци кои „не се погодиле“ би можела да биде една од причините, вакцинирањето - друга.

Редицата пред пунктот за вакцинирање на првиот кат уште во претпладневните часови е долга околу 50 метри. Многумина чекањето го минуваат во пополнување на документите за вакцинирање. Сепак, додека се дојде на ред, минува прилично многу време.

Германската влада се фали затоа што е исполнета целта што си ја зададе - 30 милиони инјектирани дози до крајот на годината. Но, квотата на двојно вакцинирани сепак се зголемува многу бавно. Во последните четири недели таа порасна за 2,5% и сега изнесува околу 71%. Многу од дозите кои сега се инјектираат се бустер-вакцини, значи трета доза. Во текот на божиќните празници, кога исто така имаше акции на вакцинирање, околу 75 до 80 проценти од инјектираните дози биле бустер.

Редица пред автобус за вакцинирање во ШтутгартФотографија: THOMAS KIENZLE/AFP/Getty Images

Би можело да оди побрзо

Вакцинирањето е сѐ уште предизвик, пред сѐ во провинцијата. На пример, во гратчето Калау, кое брои 7700 жители, и каде стапката на вакцинирање е ниска, а раширена е Делта-варијантата. Тука еднаш неделно доаѓа автобус за вакцинирање. Но, тогаш тоа значи дека треба да се стои на студ за да се добие вакцина. Многумина од постарите лица стравуваат дека токму така може да се заразат со вирусот

Термин на лекар во моментов има дури од почетокот на февруари. Други опции? Нема!

Министерката за образование на покраината Шлезвиг Холштајн, Карин Приен, смета дека се неопходни поедноставни можности за вакцинирање. Таа ги пренесува добрите искуства со вакцинирањето на лице место, во училиштата, во својата покраина. 70 проценти од децата во Шлезвиг Холштајн на возраст од 12 до 17 години имаат добиено барем по една доза. Тоа во Германија е највисока стапка на вакцинација на учениците во оваа возрасна група.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

02:02

This browser does not support the video element.

Една година вакцинирање

На 27 декември се наврши една година откако Германија почна со вакцинирањепротив коронавирус. Оттогаш се инјектирани речиси 147 милиони дози. Стогодишната „баба Едит“ од покраината Саксонија Анхалт беше првата која доби вакцина. Дел од медиумите се информираа како таа размислува околу вакцинирањето. Вели дека никогаш не зажалила што добила вакцина и дека добро ја поднесла.

Германија сега, такаречи во последните метри пред да настапи бранот на Омикрон, сака да инјектира што е можно повеќе дози. Министерот за здравство Карл Лаутербах вели дека треба да се избегнат што е можно повеќе хоспитализации.

Во моментов бројот на новозаразени се намалува. Инциденцата изнесува 215, а пред еден месец беше 484. Но, тоа може да се должи и на фактот што во текот на празниците имаше помалку тестирање, помалку одење на лекар и помалку податоци од надлежните институции. Времето од Божик до после Нова година важи за време на одмор. Затоа, сликата за состојбата не е целосна, предупредува институтот „Роберт Кох“ (РКИ).

Стогодишната Едит Квоизала беше првата што прими вакцина против коронавирус и вели дека добро ја поднесла и не зажалилаФотографија: Matthias Bein/dpa/picture alliance

Омикрон доаѓа

Од неодамна РКИ ги објавува и бројките на познати случаи на зараза со Омикрон. На 28 декември имало 10.443 регистрирани случаи. Тоа се 3000 случаи повеќе од денот пред тоа, односно зголемување од 45%! Многумина од експертите сметаат дека бројот на случаи ќе се зголемува двојно во период од два до три дена. Сѐ уште бројот на Омикрон-случаи е „само“ околу 1,5% од актуелните инфекции, најголемиот дел од нив во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Но, да се даде дневен преглед на ширењето на Омикрон не е едноставно поради технички причини. По позитивен ПЦР-тест или треба да се направи уште еден т.н. ПЦР-тест кој е специфичен за варијанти на вирусот, што трае уште еден ден, или треба да се направи покомплицирано секвенционирање, што пак трае три до четири дена, вели претседателот на германските лабораториски лекари, Андреас Бобровски.

Со заострените мерки треба да се придонесе за намалување на бројот на хоспитализирани пациентиФотографија: Jan Woitas/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Нема големи прослави за Нова година

Од 28 декември на ниво на државата важат заострени корона-мерки. Групите не смеат да бидат поголеми од 10 лица. Во случај на невакцинирани лица, можно е собирање со уште само две други лица. Дискотеките и клубовите се затворени насекаде, а на некои места има и рестрикции на работното време на рестораните.

За дочекот на Нова година, кога во Германија на улиците има многу пиротехника, важи забрана за продажба и користење на пиротехнички материјали. Така беше и во 2020-тата. Во многу места се откажани и централните огномети. Со ваквите мерки би требало потенцијално да се растоварат болниците, зашто за дочекот на Нова година има многу несреќи предизвикани од пиротехнички материјали.

Забранета е пиротехника за дочекот на Нова годинаФотографија: Raimund Müller/imago images

Кога ќе дојде обврската за вакцинирање?

На 7 јануари канцеларот Олаф Шолц ќе има повторно средба со покраинските премиери. Во првата недела од заседавањето на Бундестагот, од 10 јануари, треба да почне дебатата за воведување обврска за вакцинирање.Тука има уште многу отворени прашања - на пример по колку време треба да се бара доказ за добиена бустер-вакцина. Тука се и прашањата за управување со податоците за вакцинирањето, како и начинот за доаѓање до информација кој досега колку вакцини примил. Централен регистар засега нема. Треба ли да се воведе, или полицијата треба да врши контроли дали некој е вакциниран или не?

По Нова година во многу покраини завршува божиќниот распуст. Училиштата треба да почнат со работа, а ургентни планови за евентуален училишен локдаун не постојат. Во моментов тема не е ниту евентуална онлајн-настава. Тоа може да се одмазди, доколку бројот на новозаразени се зголеми драстично. Поради тоа многу училишта мораа да затвораат и во времето на врвот на Делта-бранот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми